
Стотици студенти и млади денеска на организираниот „Заеднички час“ се собраа да оддадат почит на жртвите од трагичниот пожар на концертот во Кочани и да изразат поддршка за нивните семејства.
Настанот беше инициран од страна на Универзитетското студентско собрание (УСС) на УКИМ, кое ги повика сите студенти, академската заедница и граѓаните да се приклучат на собирите.
УСС најави дека собирите ќе продолжат во текот на целата недела, а точните локации и времиња ќе бидат објавувани преку нивните официјални профили на социјалните мрежи. Првиот заеднички час се одржа денеска во 12 часот на кампусот на факултетите од општествените науки при УКИМ.
Од Ректоратот на УКИМ беше дадена дозвола за прекин на наставата, со цел студентите да можат да присуствуваат на собирите.