Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов на Фејзбук напиша:
Газди кои 30+ години се активни чинители во државата, кукаат како нема работна сила, како без поддршка од државата не можело да се зголемуваат плати, бесрамно лажат дека немаат профит, бесрамно лажат дека ако се зголемеле платите ќе се затвореле компаниите, но и бесрамно кукаат дека нема работниците, кукаат истите тие кои ги избркаа работниците во изминатите 30 години, кукаат и не се срамат.
Истите тие газди бараа да се увезуваат работници, сега кукаат дека ни тие (увезените) не останувале повеќе од два до три месеци, па нормално дека нема да остануваат за таква мизерна плата !
Газдите лажат кога зборуваат дека не се продуктивни работниците затоа што нето добивките по вработен според податоците од НБРМ во македонските компании во 2024 година бележат значителен раст во однос на 2023 година.
Овие податоци недвосмислено ја докажуваат високата продуктивност на работниците, и го разобличуваат лажниот наратив на газдиве, па така:
• Во градежниот сектор нето-добивката по вработен изнесува 600.000 денари (безмалку 10.000 евра).
• Во трговијата, транспортот, складирањето и угостителството – 300.000 денари по вработен.
•Во индустријата – 200.000 денари по вработен.
•Во информациите и комуникациите – 400.000 денари по вработен.
•Во стручните и административни дејности – 300.000 денари по вработен.
•На ниво на цел корпоративен сектор – просек од 300.000 денари по вработен.
Овие бројки покажуваат дека секој работник не само што си ја заработува сопствената плата, туку дополнително:
• ја обезбедува и платата на директорите и менаџерите,
• го плаќа џипот и луксузниот живот на газдата,
• обезбедува пари за инвестиции,
• и пак му остварува добивка на газдата еднаква на околу една годишна работничка плата.
Газдите лажат и кога зборуваат дека се затварале фирмите, но според фактите од Централниот регистар од:
• 2022 година, кога ја покачивме минималната плата на 18.000 денари, имаше 7062 нови фирми, а избришани или затворени 5694, во
• 2023 година, со минимална плата од 20.175 денари, имаше 7062 новоосновани, а само 3372 затворени, а во
• 2024 година, со покачување на минималната на 22.567 денари, имаше 6627 нови фирми и само 2891 затворена.
Овие бројки од Централниот регистар покажуваат дека со секое зголемување на минималната плата бројот на затворени фирми ОПАЃА, а бројот на новоосновани фирми расте, тогаш паѓаат во вода сите изговори дека нема простор за зголемување на минималната плата.
Нив (газдите) не ги загрижува тоа што од јануари 2026 година ќе има уште помалку работници, затоа што за попристојна плата нема да треба да се оди далеку, туку со лична карта преку граница, тука, во соседството, на неполни 100 км, каде што ќе има работа за 550 евра минимална плата во Србија, за повеќе од 500 евра минимална плата во Албанија. Но ги загрижува што барањето за зголемување на платите било само желботека.
Се прашувам што ќе ги загрижи повеќе, барањето за зголемување на платите или 24 часа генерален штрајк во Македонија за кој ќе бидат самите виновни ?