На прес-конференцијата која се одржа во Работничкиот Дом на ССМ, пред утрешниот закажан голем протест на Сојузот на Синдикатите на Македонија за работничките плати, се обрати Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов најавувајќи го протестот под мотото: “28-ми Јануари е денот кога работниците зборуваат!”, преку присутните претставници на медиумите директно им се обрати на сите работници и граѓани, повторно повика на масовност и на нивно присуство на утрешниот протест и им порача дека:
28-МИ ЈАНУАРИ Е ДЕНОТ КОГА ЗБОРУВААТ РАБОТНИЦИТЕ!
“Овој протест е за вашите плати, затоа што истите не стигнуваат од први до први. Овој протест е против неправдата, затоа што тие земаат 10 пати поголема плата од вашата. Овој протест е поради тоа што тие за себе обезбедуваат 250 евра зголемување на нивните плати, а за вас ниту 25 евра. Овој протест е за вашите деца, за вашите ќерки, за вашите синови. Овој протест е и за вашите внуки, за вашите внуци, за да ги зачуваме нашите семејства во Македонија и да не ни заминуваат во странство.
Овој протест е против игнорантскиот однос на Владата и на работодавачите кои не се договорија да ги зголемат вашите работнички плати онака како што заслужувате и како што барате. Овој протест е за зголемување на сите плати на работниците за најмалку 6.000 денари, преку зголемување на минималната плата на најмалку 600 евра. Овој протест е заради тоа што тие не водат грижа за вашите семејства и не водат грижа за Вас, а вие со вашето право на глас им го давате луксузот во кој тие живеат.
Па поради сите овие причини на сите оние кои досега сами не се повикале, ја користам оваа прилика денес, да Ве повикам да ни се придружите утре на големиот работнички протест на улица, кој ќе започне во 17 часот пред Работничкиот Дом на ССМ.
Облечете се топло, ставете капа, шал и дојдете на улица во мракот со работниците за да не ве препознае никој доколку Ви се закануваат.Запомнете дека не треба на никој да му се плашите, затоа што на никој не му должите апсолутно ништо, туку напротив, им должите само на вашите семејства да живеете сите заедно пристоен живот.
Ве повикувам сите и синдикалци и работници, но и пензионери кои земате пензии исто така од работничките плати, од придонесите кои ние ги плаќаме од нив, да ни се придружите затоа што само во месец Јануари сте посиромашни за 1000 денари.
За две години колку што одбива Владата да ви ја зголеми платата и колку што одбиваат работодавачите да се договорат со работниците да се зголеми платата, посиромашни сте за 9.500 денари или онолку колку што е зголемена вредноста на Синдикалната минимална кошница која ССМ ја пресметува.
Аргументи има многу, изговори немаат ниту еден.
Самобендисаноста на одредени луѓе значи да ве држи во сиромаштија, затоа што 200.000 од Вас живеат со плата под триесет илјади денари. Замислете десет проценти од нив да излезат на улица утре, колку брзо ќе можат да се менуваат работите и колку брзо ќе растат платите.
Ве охрабрувам да не се плашите на никој и да излезете рамо до рамо со синдикалците, со работниците и да им дадете поддршка и ако имате повисока плата, затоа што се бориме и за вашата плата и таа да се зголеми за најмалку 6.000 денари.
Се бориме дури и за платите на критичарите, на оние кои не напаѓаа изминатите денови за и нивните плати да се зголемат за најмалку 6000 денари. Нека одат сами и нека побараат на нивните менаџери, директори функционери, министри зголемување на платата и да видат како од омилени им стануваат најголеми непријатели.
Утре е денот кога работниците зборуваат, а колку гласно ќе зборуваат зависи од вас.
Ние ќе бидеме на улица и затоа уште еднаш ве повикувам да ни се придружите со вашите семејства, со вашите колешки и колеги со кои најчесто зборувате како е тежок животот во Македонија, како не се преживува од први до први, како треба да ви се зголемат платите.
Утре, вашето присуство на улица ќе зборува погласно од било која дискусија која што сте ја имале во вашите семејства и на вашите работни места.
Ве молам да разберете дека другите не бројат и дека другите сметаат дека ако не дојдете им давате огромна поддршка да не ви ја зголемат платата и дека вие добро живеете и дека вие зборувате само за убави работи, но реалноста е друга, а тие не ги симнаа розовите наочари и затоа се гледаме на улица утре во 17 часот од пред симболот на работничката борба – Работничкиот Дом на ССМ.
Оттаму продолжуваме пред Собранието каде што пратениците се слепи и глуви на предлогот на Сојузот на синдикатите на Македонија за зголемување на вашите плати, а имаат по две, две и пол и три илјади евра плата.
Продолжуваме кај газдите кои се најголемите виновници и кои 36 години ви ги иселија најголемиот дел на вашите пријатели, другари, семејства од Македонија и завршуваме пред Владата, таа која како симбол 36 години не прави апсолутно ништо за работниците. Мораме да кажеме гласно дека платите во Македонија се мизерни, дека функционерите за себе си обезбедуваат луксуз на грбот на сиромашниот народ. Мора работниците да сфатат дека само заедно можеме да се избориме за работничките права“.
На новинарско прашањето кое се однесува на фактот дека другиот синдикат КСС нема да го подржат протестот на ССМ и дека истите обвинуваат за некаква партиска поврзаност, Претседателот на ССМ Трендафилов изјави дека:
“Во ССМ е забрането пушењето и колегите кога клечат да видат дали ги болат колената. Инаку не го поддржуваат Сојузот на Синдикатите на Македонија, туку тие треба да ги поддржат нивните членови кои патем и не знам зошто им се членови.
Но, ние се бориме за 6.000 денари да се зголемат платите и на членовите на Конфедрацијата на слободни синдикати (КСС) која не сака да се бори за зголемување на платите на работниците, а нејзиниот претседател уште дава изјави и дека малку се зголемени функционерските плати и дека требало нивните плати уште повеќе да се зголемат. Тие се борат за функционерите затоа што уживаат и се нивни миленичиња, а ние се бориме за работниците. Разликата е огромна.”
На прашањето дали постојат информации за некакви забрани и попречувања на работниците да излезат и да присуствуваат на утрешниот протест на ССМ, Трендафилов посочи:
“Ги собираме сите информации и во четврток ќе ги објавиме со име и презиме, фотографија и пораките кои ги праќаат на работниците, заканите и уцените. Работниците не треба му се плашат на никој. Македонска пошта ќе ја споменам како првиот пример затоа што колегите протестираа таму бидејќи до 15-ти во законскиот рок не добија плата. Еден од тамошните директори мене лично како Претседател на ССМ ми се закануваше дека ќе ми поднесува тужби, само за да ме замолчи и да го минира протестот. Денеска добив информација од колешките и колегите дека им се заканува дека ќе ги брка од работа затоа што синдикатот застанал со нив и затоа што од кога застана синдикатот со нив тие добија плата. Нема да му потклекнеме на никој и не му се плашиме на никој.
Работниците треба да знаат дека тука сме заедно и дека сме побројни и кога ќе го видат заменикот-директорот кој ги упатува овие закани во неговиот град и на неговото работно место да го прашаат како живее тој, а како живеат тие“.
На прашањето што ќе се случи доколку некој од тие работници биде избркан од Македонска Пошта, Претседателот на ССМ ја повтори помошта, солидарноста и поддршката која ССМ ќе ја даде на секој работник, нагласувајќи го следното:
“Врз основа на што ќе ги избркаат работниците од Македонска Пошта, само затоа што протестирале луѓето кои не можат дома на децата да им однесат корка леб и затоа што директорот кој таму е поставен политички да има голема плата, наспроти работничката плата.
Истиот да си дава оставка веднаш или пак да биде разрешен од Владата, во спротивност утре вечер поминуваме пред просториите на Македонска Пошта да го поздравиме и го повикуваме да не чека таму“.
На прашањето за тоа кои се очекувањата околу поддршката на работниците и останатите синдикати на утрешниот протест и дали се очекува присуство на работници само од градот Скопје или од другите градови, Трендафилов изјави:
“Огромен број на работници се јавуваат да не известат дека ќе присуствуваат на утрешниот протест поточно се самоорганизираат да присуствуваат, затоа што мизерните плати ги притискаат толку многу, а овој месец е најтежок во годината и тие не можат веќе да преживеат. Сите прави синдикати и сите прави синдикалции го поддржуваат протестот затоа што ги поддржуваат работниците, а не мора да го поддржуваат Сојузот на Синдикатите на Македонија. Главна задача на синдикатите е да ги подржат работниците и кога работниците излегуваат на улица, тие да бидат со нив.
Јас веќе еднаш кажав, утре само еден работник да дојде на протестот, цел Сојуз на Синдикати на Македонија ќе застане со него и наредниот ден ќе биде исто. Се додека калкулираат со работничките плати, а се залагаат за зголемување на функционерските плати, со среќа нека им е”.
На прашањето дали Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) покрај утрешниот протест, има намера да преземе и други чекори и кои се тие, Претседателот на ССМ кажа дека:
“Се разбира дека нема да останеме само на овој протест, Советот и Претседателството на ССМ пред неколку дена донесоа одлуки согласно кои протест е само почеток. Ако нема слух од спротивната страна и продолжи игнорантскиот однос и односот со потсмев кон работничката мака продолжуваме со блокади, продолжуваме со таргетирани институции и таргетирани локации каде што ќе ги блокираме како што не блокираат нас цела година. Продолжуваме со генералниот штрајк во јавниот и во приватниот сектор и ќе дадеме можност на секој еден работник како што коментира дека во Грција, во Белгија, во Франција протестираат и штрајкуваат, тој истиот да има можност да протестира и штрајкува заедно со нас. 24 часа ќе го блокираме општеството и ќе го блокираме системот кој е највиновен за моменталната состојба и како што веќе кажав ќе собереме 10.000 потписи, ќе станеме овластен предлагач на закони како пратениците и ќе побараме да се изгласа намалување на нивните функционерски плати за 80% затоа што уште десет ќе ги зголемат и се разбираме ќе побараме да ја зголемат минималната плата на најмалку 600 евра и за 100 евра да ги зголемат сите останати плати на работниците. Револтот ќе продолжиме да го изразуваме и на улица и институционално, бидејќи оние на власт мора да разберат дека сиромашен им е народот и дека водат најсиромашна држава со најсиромашни работници, а се фалат за тоа и секако срам да им е за ваквиот однос”
На прашањето кој е ставот на ССМ за коментарот на работодавачите дека секое покачување на платите над она предвиденото ќе предизвика тежок удар на стопанството и дека приватниот сектор не може истото да си го дозволи,
Трендафилов изјави:
“ Работодавачите може да си овозможи џипови, викендици, луксузи одмори, нешто што работниците не може да си го овозможат. Со нашата пот им го креираме капиталот, капиталот кој треба да го споделат со работниците.
Огромните профити и официјалните податоци врз основа на Анализата која ја изготви ССМ и која беше објавена во јавноста ги демантира сите нивни ставови и сите нивни изговори. Трагично е тоа што тие потклекнаа под притисокот на Владата за да не им го затвори Владата бизнисот. Трагично е тоа што се повлекоа од процесот на преговори со синдикатите за зголемување на работничките плати, а трагично е тоа што Владата одбивајќи да ги субвенционира придонесите на работниците во период од 12 месеци како што побара бизнис-секторот денеска е со недостаток од 10 милиона евра во буџетот затоа што работодавачите од денеска ќе ги плаќаа придонесите за сите работници на кои ќе им ја зголемеа платата за 6.000 денари. Во просек ако 200.000 работници кои живеат со приходи од под триесет илјади денари и истите директно добијат покачување од 6.000 денари, денеска газдите ќе плаќаа уште по 50 евра придонеси за задолжително социјално осигурување, кое нешто беше нивно главно барање, а Владата го одби како единствено можно решение за да го спречи социјалниот дијалог и да ги држи работниците во сиромаштија. Па, оттука за само една година заради суетите на поединци во Владата, Владата се откажа од 120 милиони евра во Буџетот по основ на придонеси за задолжително социјално осигурување, а сосема јасно е дека наместо сето она што горе беше наведено, полесно им е да земаат кредити кои ќе ги плаќаме ние и вие, вашите деца дури вашите внуци и идните генерации“.