Еден од знатните резултати од Втората светската војна беа темелните промени на Балканското полуострво и промените во односите меѓу балканските држави. Уште во текот на војната Југославија стана држава од нов тип, народно-демократска држава, и тоа како федерација на пет југословенски народи во шест рамноправни државни единици. Албанија, потпрена на помошта од Југославија, се развиваше во истиот правец. Црвената армија им донесе ослободување на Румунија и Бугарија и ја овозможи победата на демократските елементи во тие земји, а примерот на новото политичко и општествено уредување на Југославија им помогна се организираат како народно демократски држави. Така балканските земји, со исклучок на Грција, чиј што случај е посебен, се најдоа господари на сопствената судбина, откинати од империјалистичкиот систем, обезбедни од онаквиот притисок од Запад кој што порано ги правеше монета за поткусуривање во сметките на големите империјалистички сили. Престана можноста, империјалистите да ги буткаат балканските држави една против друга, како што тоа порано успеваа благодарејќи на распалувањето на амбициите на балканските монарси и услужното предавство на народните интереси од страна на владеачките балкански буржоазии.

Беа создадени сите услови за најтесна братска соработка на балканските држави и за присно пријателство на нивните народи, отворено е широко поле за напорите за нивниот заеднички економски, културен и општествен напредок. Тешките искуства од минатото кога балканските народи поради својата поцепаност и ненародните режими кои што беа слепо орудие на разни империјалисти, беа буткани во меѓународни судари за сметка на империјалистите а на пропаст на балканските народи, придонесоа да се создадат, после победата на демократските сили, сите услови за тесно зближуење на балканските народи.
За среќа на сите нив тие и тргнаа по тој пат. Народите на Балканот можеа најпосле мирно и со сигурност да гледаат во својата иднина свесни дека нивната судбина најпосле е во нивните сопствени раце. Зближувањето меѓу нив одеше едноставно и природно. Нивната се’ потесна соработка и заемно помагање беа потреба за сите нив, потреба која што на најприроден начин извираше од самата социјалистичка суштина на народната демократија. Таа блискост и тесна соработка беа тука и без оглед на тоа дали меѓу балканските држива беа или уште не беа напишани разни договори и спогодби, без оглед на тоа што никој не ја спомињаше федерацијата на балканските социјалистички републики, која што уште од Првава светска војна беше во програмот на балканските социјал-демократски партии. Самата стварност го надополнуваше и надминуваше она што некогаш се очекувало од таквата федерација, замислена како најдобра одбрана на независноста на балканските народи од империјалистичките ајкули. А доколку се создаваа и договори тие само ги потврдуваа односите кои што ги донесе самиот живот и развиток.
Тогаш дојде потез кој што сето тоа го преврте. Дојде една лоша Резолуција составена од лаги и клевети против Југославија и од наопако применети цитати од класиците на марксизмот-ленинизмот и ситуацијата преку ноќ се измени. Таа хартија лесно без пот и бргу постигна во расипувањето на односите меѓу балканските држави резултати какви што некогаш подмуклите дипломатии на империјалистичките сили постигнуваа дури после години напорни интриги. Југославија, средиштето на народноослободителната борба и на народната револуција на Балканот во време на војната, чиј што социјалистички карактер не можеа да го уочат само мозоци во кои што теоријата на марксизмот — ленинизмот се стврднала во мртва догма, а после војната земја која што се својот социјалистички развиток и со своето решавање на националното прашање ги создаде главните услови за братско зближување на сите соседни народно-демократски држави, стана преку ноќ по команда на една Резолуција предмет на непријателски напади и постапки од страна на соседите кои што ден порано гледаа во неа свој најверен пријател. Се’, се’ наеднаш се заборави, та и свечените веќавања дека заслугите на Југославија никогаш нема да се заборават. Почна да кружи во самото срце невистината, клеветничка и глупава приказна за тоа како Југославија има непријателски став спрема Советскиот Сојуз и другите земји со народна демократија. За да се прикријат вистинските причини поради кои што е донесено решението да се измени ставот спрема Југославија изнесени се еден ден претпоставки за возможност дека Југославија ќе тргне по патот на непријателство спрема Советскиот Сојуз и другите народни демократии, и дека ќе им се предаде или продаде на империјалистите, па врз основа на претпоставувањето на такви “можности”, завземен е јавно спрема неа од темел изменет став кој што за овие осум месеци од фамозната Резолуција доволно го откри својот карактер, кој што нема врска ни со социјализмот ни со било какво пријателство.
Напразно Ленин учеше, дека “марксизмот стои на подлогата на факти а не на подлогата на „можности”, дека марксизмот мора во премисите на својата политика да внесува само точни и неоспорно докажани факти (подцртаното е на Ленина). Се заборавило што пишувал Ленин (во едно писмо до Кикнадзе): „Вие го бркате можното … со реалното кога мислите дека признавањето на можностите дозволува да се измени тактиката. Тоа е врв на нелогичноста. Јас признавам дека е можно социјал-демократ да се преправи во буржуј и обратно … Можни се секакви преправања, дури и на глупак во умен човек… но такво преправање ретко е вистинско. А заради единствената “можност” за преправање од ваков вид јас нема да престанам глупакот да го сметам за глупак”. (Денешните уредници на органот на Информбирото тешко дека ќе ги разберат овие Ленинови зборови). И Сталин, бранејќи ја Болшевичката партија од опозицијата на Троцки, Зиновјев и Каменев говореше: “Нам ни се потребни факти, а не измислици и сплетки” (Сталин, Дела, том 9 стр. 62).

Овие начела просто се заборавени, оти никаде не сме нашле дека се прогласени за застарени. Така за осум месеци од постанокот на Резолуцијата на Информбирото во главите на нејзините творци “можностите” се преправија во “вистина”, затоа што со таа “вистина” треба да се докаже правилноста на денешната тактика која што од темел беше измислена врз основа на претпоставените “можности”. Во исто време во битност приказната за нашето непријателство према силите на демократијата не можеше да се пласира ни како претпоставка на една “можност”. Тој недостиг не може да се надополни со никакви клевети, па ни со пофатливи непријателски постапки.
Туку, не е баш се’ така црно. Се слушаат и примамни гласови на пријателство кое што се нуди во осумесечната хајка против се’ социјалистичко во Југославија, во кое што сесрдно учествуваат и раководителите на Бугарската комунистичката партија, се слуша постојана понуда за создавање на јужно-словенска федерација, т. е. федерација помеѓу Бугарија и Југославија со тешки прекори за наша сметка како ние таа федерација ја неќеме, како ние сакаме неа да ја осуетиме. Но кога и тоа напразно се испука, се преминува сега на проповедање на балканска федерација (која што уште вчера не смееше ни да се спомиња оти е огласена за проблематична и вештачка). Се разбира, не спомињајќи ја и ни Албанија ни Румунија, иако и тие се секако балкански земји. Сега тоа се, работи така, што од Софија се проповеда создавање на балканска федерација на народно-демократските држави, во која што едноставно, обединета Македонија (па се разбира дека во секоја комбинација се работи за Македонија) би била рамноправна независна држава.
Оваа најнова комбинација сама по себе не си заслужувала особено внимание кога некому не би му тргнало од рака да ја пренесе таа интрига и на теренот на демократска Грција. А тука во таа комбинација, која што е замислена само на штета на Југославија, се кријат големи опасности и за демократското ослободително антимперијалистичко движење на грчкиот народ и за македонскиот народ.
Втор дел: https://rabotnickiglas.com/za-prashanjeto-na-balkanskata-federacija-vtor-del-mosha-pijade/
Извор: https://www.marxists.org/makedonski/istorija/makedonija/balkanska-federacija.htm