Втор дел: https://rabotnickiglas.com/za-prashanjeto-na-balkanskata-federacija-vtor-del-mosha-pijade/
После ваквото очигледно преправање на „прашањето на федерацијата на Јужните Словени и македонското прашање” во политичка интрига и маневра против нашата земја изгледа излишно да се објаснуваме со раководителите на КП на Бугарија по прашањето за федерацијата. Затоа во оваа статија ќе се задржиме само на неколку моменти. Што се однесува до тоа каква федерација сакаше нашата делегација на преговорите кои што помеѓу нас и Бугарија се водени во декември 1944 и јануари 1945 година а каква федерација сакаше бугарската делегација, историјата е следната.
Предлогот за федеративно обединување на Југославија и Бугарија потекна по иницијативата од Политбирото на ЦК на нашата Партија и нашата сојузна влада уште во ноември 1944 година, значи околу два месеца после деветто септемвриската промена во Бугарија. Еден проект од спогодбата во чиј што еден член се говори за мерките „за што поскоро обединување на федералните држави, кои што сега се наоѓаат во составот на Демократска Федеративна Југославија и Бугарија во една федеративна држава”, испратен е во тоа време во Софија и отаде добиен нивниот предлог. Во член петти од тој предлог (проектот на ЦК на КП на Бугарија) се говори за превзимањето на мерки „за обединувалето на Демократска Федеративна Југославија и Отечествено-фронтовска Бугарија во единствена федеративна држава”. Потоа во декември другарот, Кардељ замина за Софија и таму за тоа преговараше. Резултатот беше нов текст за спогодба за кое што другарот Кардељ вака го извести другарот Тито од Софија со писмо од 23 декември:

„Денеска разговарав со секретарот на Бугарската компартија другарот Костов… Тие направија нов предлог наместо нашиот кој што главно се сведе на „одбранбен сојуз” односно на некаков „Пакт за заемна помош”.
Јас им го реков своето мислење, дека, наиме, таков пакт нема никаква вредност оти ништо не би мењавал во состојбата што постои… Ако сакаме да направиме некоа озбилна работа тогаш треба да се даде повеќе но еден таков пакт, треба да се даде еден таков сојуз кој што нашите маси ќе го сфатат како прв чекор кон обединувањето.
После дискусијата се согласивме на некои формулации (Член 1) кои што посилно ја подвлечуваат таа страна и од кои што е видно дека не се работи само за „пакт за заемна помош”. Но, таа формулација би можела да биде само минимум и далеку е послаба од она ние што го предложивме”.
После ова здоговорено е да се состанат делегациите за детализирање на спогодбата. Тие се состанаа и преговараа во јануари 1945 година. После првото среќавање секоја делегација спреми свој проект за договор а обата беа на базата на федерација. Тука веднаш се покажа разлика во сфаќањето.
Нашиот проект има ваков член 1:
„1. Демократска Федеративна Југославија и Бугарија се обединуваат во една федеративна држава која што сега ќе се состои од седум федерални делови и тоа: Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија, Македонија, Црна Гора, и Босна и Херцеговина — кои што ќе имаат заедничко народно претставништво и заедничка федеративна влада и кои што ќе сочинуваат единствена царинска територија.”
Член 3 од нашиот нацрт гласеше:
„3. Се образува заедничка бугарско-југословенска комисија со седиште во Белград со назив „Комисија за јужнословенско обединување” со задача да изработи проект на уставот на заедничката федеративна држава. Во таа комисија ќе влезат претставници на Бугарија и шесте федерални делови од Демократска Федеративна Југославија, кои што ќе ги именуваат соодветните влади.”
Проектот на бугарската делегација гласеше:
„1. Владата на Бугарија и Владата на Југославија изјавуваат дека пристапуваат кон обединување на Јужните Словени преку образување на заедничка федеративно уредена држава која што ќе се вика „Федерација на Јужните Словени” (ФЈС) со заедничко народно претставништво, со заеднички министерства за надворешни работи и војската и со сите останати заеднички установи и министерства кои што конечно ќе се установат во заедничкиот устав на ФЈС, кој што треба да се изработи како последица од конечното остварување на овој договор.
2. Почетокот од остварувањето на таквата федерација ќе се изведе со ставање во дејство на специјален заеднички орган на таа федерација а наиме — на привремениот совет за Јужнословенското обединување (ФСЈУ) со седиште во град Белград. Овој совет се образува на паритетни начела од претставници на обете влади…”
Но, со оглед на тогашната меѓународна ситуација воопшто а посебно на тогашната состојба на Бугарија конечно е редигиран текстот за „Уговорот за пријателство, сојуз и заемна помош помеѓу Демократска Федеративна Југославија и Бугарија” од кој што не испаднаа само одредбите за федерацијата туку и одредбите за царинска заедница.

Делегациите, меѓутоа, се спогодија, претседателите на Владите на Југославија и Бугарија да изменат писма со иста, од делегацијата утврдена содржина каде што помеѓу другото се вели:
“Обата министер-претседатели сметаат дека сите мерки за спроведувањето на заклучениот договор треба да бидат раководени од главната цел за сегашното наше зближување — со создавањето во што пократко време на федерација на јужно-словенските народи”.
Сега од горното е јасно каква федерација сакаше нашата а каква сакаше бугарската делегација во тие преговори. Работата е многу едноставна и не мора да остане тајанствено новинарско прашање.
Тргнувајќи од становиштето дека Бугарија долго време беше независна држава, бугарската делегација сметаше дека Бугарија, стапувајќи во федерација со Југославија не треба да се израмни со деловите на Југославија, та затоа федерацијата треба да ја сочинуваат само две единици: на една Југославија со сите шест свои федерални единици, а на друга сама Бугарија како рамноправна со таквата шесточленна Југославија. Така значи, Југославија би била федерација во дуалистичен однос со Бугарија, Бугарија би ја имала политичката тежина на останатите шест југословенски држави, а бугарскиот народ тежината на петте останати југословенски народи.
Нашата делегација имаше поинакви сфаќања. Таа беше за таква федерација на рамноправни народи, онака како што веќе е остварено за петте југословенски народи во Југославија, значи, за федерација во која што Бугарија е една од седумте федерални држави.
Целото ова прашање сепак остана отворено оти уште не беше дошол моментот за неговото конкретно решавање.
Во дефинитивниот текст на спогодбата што требаше да се потпише, во член 4 се вели:
“Поздравувајќи го решението на Антифашистичкото веке на Народното ослободување на Југославија, со кое што на македонскиот народ му е признаена националната индивидуалност а на Македонија и’ е дадена рамноправност како една национална единица во Федеративна Југославија, владата на Бугарија се обврзува, со владата на Федеративна Југославија во духот на демократијата и во пријателска спогодба да ги уреди прашањата што се однесуваат до територијалниот дел на Македонија кој што по уговорот за мир од 1913 година и’ припадна на Бугарија.
Од своја страна Владата на Федеративна Народна Република Југославија изјавува дека во пријателски дух и во спогодба со бугарската влада ќе го реши прашањето на оние бугарски територии кои што по уговорот од 1919 година и’ припаднаа на Југославија.”
Меѓутоа, ни од таа спогодба за пријателство која што веќе беше готова за потпис не стана ништо. Англо-американците, ползувајќи ја тогашната состојба на Бугарија ѝ спречија на Бугарија да склопува било какви договори со други држави. Подоцна, колку повеќе се развиваа односите помеѓу Југославија и Бугарија, стануваше се’ појасна неискреноста на бугарските раководители и нивните комбинации кои што немаа многу врска со рамноправноста на јужнословенските народи ни со вистинското право за самоопределување на македонската нација. Навалувањето за итно правење на федерација баш во часот кога ЦК на КП на Бугарија веќе бил стоел на становиштето на писмото од ЦК СКП (б) против нашата Партија покажуваше само политички сметки со задни намери. Ете тие задни намери на кои што им е основната подлога во великобугарскиот шовинизам во македонското “прашање” и во останките на великобугарските хегемонистички тенденции воопшто, тоа е на што досега го осуетуваше федеративното обединување на Југославија и Бугарија, односно на бугарскиот народ со народите на Југославија.
Постојаното условување на решението на прашањето на односот на Пиринска Македонија со Народна Република Македонија со остварувањето на федерација и на спогодбата помеѓу југословенската и бугарската влада нема врска со ленинистичкото сфаќање на правото за самоопределување на народите. Но од чисто практични причини нашата влада се согласи со тоа.
Имаше време кога раководителите на КП на Бугарија беа и за тоа Пиринска Македонија да се спои со Народна Република Македонија во составот на ФНРЈ. Не навлегувајќи овдека понатаму во тоа к’е го наведеме местото од писмото кое што на 2 ноември 1944 година го пишуваше од името на ЦК на КП на Бугарија нејзиниот секретар Трајчо Костов „До маршал Тито и ЦК на КПЈ”, каде што говори за „слободна и единствена Македонија во рамките на нова Југославија”. Писмото е куцано на машина и карактеристично е дека она „в рамките на нова Југославија” го додал со своја рака, со мастило, Т. Костов. Може да се наведе и дел од една телеграма потпишана од ЦК на КП на Бугарија а испратена до нашиот ЦК на 11 ноември 1946 година жалејќи се на статии во „Борба” и „Политика” за проектот на бугарскиот устав и каде што се вели:
„Ние многу би го молеле ЦК на КПЈ да го разгледа прашањето и да побара можност да се олесни нашата борба против непријателите … кои што прават се’ за да го попречат братското единство помеѓу бугарскиот народ и народите на Југославија и обединувањето на македонскиот народ на базата на Народна Република Македонија во рамките на Федеративна Народна Република Југославија.”
Сега тие го сметаат тој став како став на наш „шовинизам”.
Да би можело воопшто да се дискутира на базата на марксизмот-ленинизмот по националното прашање треба во тоа прашање да се има легитимација на ДЕЛА, а не полна уста со ФРАЗИ. Што е наша легитимација? Тоа е живата и стварната Народна Република Македонија остварена уште во текот на војната со борбата на македонскиот народ кој што создаде повеќе свои дивизии од борци исклучиво на доброволна основа. Република рамноправна со останатите наши републики во која што е македонскиот народ рамноправен со Србите, Хрватите, Словенците и Црногорците. Наша легитимација е помошта која што сите наши народи а особено српскиот народ ја пружи на народноослободителната борба на Македонскиот народ за кое што прв услов беше уништувањето на српскиот шовинизам и на великосрпските претензии на Македонија.
Каква е легитимацијата која што КП на Бугарија може да ја покаже? Зар тие не можат во Пиринска Македонија нешто слично, ни сега, кога за тоа не треба да се пролева ни капка крв, туку само да му се даде можност на македонскиот народ слободно да ја изрази својата волја? Но, таму нема ништо. Не го направија ни првиот чекор, бидејќи со уставот и со законите не го признаа македонското национално малцинство а камо ди да и’ ја дале макар културната Бауерова автономија, а дури каде да и’ дале територијална автономија, да и не говориме за тоа дека не им паѓа на ум на „пиринското население” да му го признаат и поштено да го спроведат ленинистичкото право на самоопределување до отцепување.
Зошто признавањето на тоа право и зошто токму обединувањето на Пиринска и Вардарска Македонија во Народна Република Македонија во составот на ФНРЈ е единствено правилно и напредно становиште?
Затоа што Народна Република Македонија е најголемиот и централниот дел на македонската нација, таа е нејзиниот дел кој што со борба го извоева признањето на својата национална индивидуалност, ја извоевала својата државна организација и нејзината рамноправност со државните организации на останатите југословенски народи. Затоа што македонскиот народ во својата народна република изгради мошни темели на македонската национална култура, што веќе оствари огромнен напредок на економско, политичко и општествено поле, што се манифестира како организирана нација која што со успех го изградува социјализмот и која што поради тоа нужно стана центар за прибирање на целата македонска нација. Затоа што во составот на ФНРЈ македонскиот народ има најполна гаранција против српскиот шовинизам, но во исто време и гаранција од претензиите на бугарскиот шовинизам а македонската нација сака да ја има таа гаранција и треба да ја има. Нека бугарските другари и’ дадат автономија на Пиринска Македонија или нека створат таму Народна Република Македонија во составот на Бугарија па тогаш двете македонски републики нека се договараат што ќе прават понатаму. Создавањето на НР Македонија во рамките на ФНРЈ значеше отфрлање на секоја српска претензија Македонците да се преправат во дел од српската нација. Но, обединувањето на Македонците со НР Македонија во составот на ФНРЈ и во составот евентуално на Јужнословенската федерација, во која што и Бугарија би била како и Србија и како и Македонија една од седумте рамноправни републики, би значело исто така и конечно отфрлање на секоја бугарска претензија Македонците да се преправат во дел од бугарската нација. Кој нема сила за тоа одречување тој е неизлечив шовинист.
Најпосле, треба да нагласиме дека не се работи за тоа дали ние принципиелно ја примаме или не ја примаме идејата за јужнословенската или балканска федерација или идејата независна македонска држава во рамките на едната или другата федерација. (Ние и вака сме федерација и тоа балканска федерација, а Македонците сега ја имаат тука — и едино тука својата национална држава). Една и иста идеја може во одредени услови да биде на линијата на општествениот напредок, а под други услови таа ќе биде реакционерна и контрареволуционерна. Се’ зависи од дадените конкретни услови, од тоа кои сили ја носат таа идеја какви тенденции зад нив се кријат. А јасно е дека кампањата за федерација и за независна Македонија во рамките на балканската федерација, во денешните услови и под околностите што ги изнесовме не е на линијата на напредокот, туку на линијата на борбата против изградбата на социјализмот во Југославија.
Извор: https://www.marxists.org/makedonski/istorija/makedonija/balkanska-federacija.htm