
Соопштението на Зелен Хуман Град го пренесуваме во целост
Во отсуство на зададени услови и критериуми за независни листи да може да се кандидираат на наредните локални избори, можноста мора да биде отворена, а не затворена. За жал, тоа зависи од толкувањето на законот во Собранието и од страна на ДИК кој на крај може да рече дека поинаку го толкува сето ова и едноставно нема да ги прифати нашите кандидатури за локалните избори.
Затоа е круцијално да има консензус како ќе се толкува одлуката на Уставниот суд ако не се донесат измени. Евентуалното непостапување на Министерството за правда и на Собранието би значело дополнителна повреда на темелните вредности на македонскиот уставен поредок — правото да се бира и да се биде избран, правото секој граѓанин да може да се кандидира за јавна функција, правото на слобода на здружување заради остварување и заштита на политичките, економските, социјалните, културните и други права и уверувања на граѓани кои одбиваат да бидат вклучени во партија.
Инсистираме претставници на независните кандидати за градоначалници и советници од самиот почеток да бидат вклучени во Работната група која ќе ги формулира одредбите за измена и дополнување на Изборниот законик.
Само директно засегнатите може да се борат да се донесат следните законски измени со кои ќе се заштити Уставот и ќе се гарантираат политичкиот плурализам и рамноправноста во политичкиот натпревар:
- Да се постави услов од најмногу 50 собрани потписи за независни листи на кандидат/и;
- Да се дозволи собирање потписи на терен и надвор од канцелариите на ДИК, како во европските земји;
- Да се зголеми периодот на собирање потписи на 30 дена;
- Да се дозволи името на советничките независни листи да биде во целост наведено на избирачкото ливче, а не како досега само името на носителот;
- Да се обезбеди еднаквост меѓу сите политички чинители во утврдувањето на редоследот на единствената листа на кандидат/и за избор на претседател, пратеници, членови на совет, односно градоначалник, со ждрепка;
- Да се применува законската обврска за пристап до избирачкиот список на сите учесници на изборите, вклучително и независните; и
- Да се промени одредбата за пристап до медиумскиот простор и финансирањето на изборната кампања