
Соопштението на Зелен Хуман Град го пренесуваме во целост:
Рокот измина, институциите не само што не одговорија на нашите барања за истекувањето на токсични материи предизвикано од рудникот Тораница, туку и в.д. директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, јавно кажа дека инспекторите не зеле мостри зашто „очигледно е дека имало еколошки инцидент, не треба инспекторите сега со мостри да видат дали има, гледаат дека има!“
Во целата оваа трагедија единствено очигледно е дека имаме непростливи институционални пропусти и нас нѐ интересира кој од службените лица ќе одговара за нив!
Искрено, веќе не е битно дали си од партија или независен, дали си еко-активист или „сеедно ти е“, дали си стар, млад, жена, маж, дете, маче, куче. Не е битно зошто водата што ја пиеме, храната што ја јадеме и воздухот што го дишеме – ќе нѐ убијат сите!
Групите кои се членки на ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД речиси 15 години континуирано протестираат за своите каузи без оглед кој е на власт!
Се обраќаме до нашите сограѓани кои се членови на партиите на власт: партијата нема да ве спаси ниту вас ниту вашите најмили од болести, партијата нема да ве спаси од умирачка! Не молчете! Бидете гласни внатре во партијата! Не им дозволувајте на вашите сопартијци поради лична придобивка да ви ги загрозуваат животите! Побарајте одговорност од секој член на вашата партија што се сомневате дека сака да го прикрие труењето од Тораница! Од Крива Река и од Тораничка се наводнуваат посеви, се напојува добиток!
Сите сме загрозени! Излезете на улица, не сте ничии робови, раководните лица во партијата не ви се господари! Борете се принципиелно за сопственото право на здравје, за сопственото право на живот!
Дојдете со нас, сите заедно да побараме одговорност, транспарентност и итни мерки за заштита на нашето здравје и животната средина.
Ако институциите сакаат да нè блокираат на социјални медиуми, ќе им дојдеме ние на врата за да нè чујат! Дојди со нас, заедно и гласно да ги потсетиме институциите зошто постојат, кој ги плаќа и кому треба да му служат!
МИРЕН ПРОТЕСТЕН МАРШ
Датум: сабота, 12 април 2025 година
Време: 12:30 часот
Почетна точка: Пред Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП)
Крајна точка: Пред Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС)
Секој молк е дозвола за нова хаварија. Секој од нас кој молчи и не бара одговорност и отчетност од надлежните институции за нивната работа практично застанува на нивна страна и ги тапша по рамо да продолжат така.
Не биди еден од нив. Се гледаме на протест во сабота!
Повеќе: https://www.facebook.com/events/655100593923911/?acontext=%7B%22event_action_history%22%3A[]%7D