
Соопштението на Зелен Хуман Град по одлуката на Уставниот суд го пренесуваме во целост:
УСТАВНИОТ СУД СЕ СОГЛАСИ СО НЕЗАВИСНИТЕ – првиот чекор е направен со поведена постапка за оценка на уставноста на спорните членови од Изборниот законик!
Денес, со мнозинство гласови, уставните судии прифатија да ја разгледаат иницијативата на независните граѓански иницијативи против зголемувањето на прагот на потребни потписи за кандидирање на избори. Партиите се обидоа да им ја одземат на граѓаните можноста да бидат дел од институциите ако немаат партиска книшка, но сите независни здружено се борат да го вратат тоа право!
Оваа постапка на судот е првиот чекор кон поништувањето на штетните измени во Изборниот законик кои се противуставни и спротивни на сите меѓународни препораки. По денешната одлука, очекуваме конечна пресуда со која ќе се поништат или ќе се укинат спорните членови.
Ја поздравуваме одлуката на судот за оценување на начинот на носење законски измени, со злоупотребување механизми за да се протнат штетни измени за сите независни и непартиски граѓани.
Будно ќе ги следиме идните чекори и со голема надеж веруваме дека на следните избори секој оној, дали е дел од ЗХГ, дел од другите постоечки групи или комплетно нови независни групи, ќе има можност да биде присутен на избирачкото ливче!