Фото: ЗХГ
Соопштението на ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД го пренесуваме во целост
Деновиве под корпоративно мото смислено со Чет-ГПТ и убави дизајни на банери, Општина Тетово сака снабдувањето со вода за пиење да го даде на приватна компанија манипулирајќи ги тетовчани со класичните неолиберални лаги за тоа како само приватизацијата како модел е решение за надминување на постојните проблеми во системот со водоснабдување.
Градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами изјави: „На граѓаните кои ги плаќаат сметките за вода, им гарантирам дека ќе плаќаат помалку и ќе имаат редовно снабдување со вода“, свесно игнорирајќи го фактот дека приватизацијата на водата го носи токму спротивното.
За Тетово ова не е прв случај на приватизирање на јавното! Досега локалните власти го имаат приватизирано управувањето со отпадот што доведе до 300% зголемени сметки. Локалната власт ги приватизираше и градското осветлување и пајак-службата!
Приватизацијата на јавното резултира со поскапување на услугата, осиромашување на мнозинството и богатење на поединци секаде во светот.
Во Велика Британија, држава со приватизирано водоснабдување од 1990-тите, според непрофитната организација „We own it“ инвестициите во мрежата од приватизираните англиски водоводни компании се намалени за 15%, тие се во долг од над 60 милијарди фунти (платени од граѓаните), додека акционерите извлекле повеќе од 85 милијарди фунти во последните 35 години.
Јавните претпријатија во Македонија се во долгови и неефикасни не бидејќи се во рацете на државата туку бидејќи се картелизирани од страна на неспособни партиски кадри, дел од кои воопшто не одат на работа, а земаат плата (од нас, даночните обврзници) вработени единствено бидејќи се сигурна гласачка машинерија за криминогените политички партии кои управуваат со државава 35 години.
Поради незаузданиот капитализам кој ја создава климатската криза, како што предупредуваат и од ОН, светот се соочува со сериозна водна криза! Големите езера изгубиле половина од својата вода од 1990-тите, подземните води за наводнување се намалиле за 40 проценти и предупредуваат дека до 2050 година околу пет милијарди луѓе ќе живеат во области со сериозен недостиг на вода!
Македонија има исклучителен потенцијал на пивка вода кој партиите на власт со години го злоупотребуваат! Во Скопје речиси 60 проценти од водата од изворите Рашче и бунарските подрачја Лепенец и Нерези „се губи“. Решението на овој проблем не е приватизацијата, која докажано само го влошува, туку активно преземање контрола во институциите од страна на способни луѓе кои нема да работат во интерес на партијата, туку во интерес на државата.