
Глобализацијата претставува сеприсутен феномен како во секојдневниот така и во академскиот дискурс и не постои човечко суштество на планетата Земја кое не „знае“ што претставува глобализацијата бидејќи истата ја чуствува на сопствена кожа и глобалните процеси се станати составен дел од неговиот живот. Се разбира дека тоа „знаење“ на обичниот човек, кој се нема посериозно занимавано на оваа проблематика е многу важно и не смее да биде занемарено, но ниту да се заборави дека истото е под големо влијание на огромен број на надворешни фактори како: државата во која живее, социјалниот сталеж на кој му припаѓа, јазикот на кој говори и многу други фактори, и секако истиот тој став е базиран на здраворазумски претпоставки, кои се во најмала рака проблематични.
Етимолошки гледано, зборот „глобализација“ потекнува од англиската именка „globe“, која се појавила во доцниот среден век и означувала топчест прикказ на планетата, но интензивираната употреба на поимот глобализација во англискиот јазик како посебен процес се појавува многу подоцна, во 1959 година. Истотака, истите или слични изрази се користат во многу други јазици, како што се “mondialization” на француски, “globalisierung” на германски, “globalización” на латино-американски и во многу други јазици.

Би сакале да можеме да кажеме дека тука социолозите настапуваат како научни месаји и јасно и прецизно да дадат конкретна дефиниција за глобализацијата како феномен и да ги објаснат процесите во кои живееме. Но се разбира дека не е така, напротив, благодарението на огромната комплексност на проблематиката постојат онолку дефиниции за тоа што е глобализацијата колку што има социолози. Но тоа не ги спречило најголемите современи социолози, кои, иако се разбира дека и тие не се целосно објективни бидејќи тоа е речиси невозможно, се барем објективни во својата субјективност при своите обиди да ја дефинираат глобализацијата.
Во продолжение ќе наведеме неколку обиди за дефинирање на глобализацијата од страна на различни еминентни социолошки автори, секој од нив со различно теоретски гледишта за феноменот глобализација.
Па така, еден од најголемите социолози на денешницата и еден од најпознатите социолошки автори на оваа тематика глобализацијата, Ентони Гиденс истата ја дефинира како: „Интензификација на општествените односи на светски план која ги поврзува оддалечените места на таков начин што локалните случувања ги обликуваат настаните што се одиграле со километри далеку и vice versa“.
Рускиот еминентен социолог, Александар Зиновјев за глобализацијата вели:
„Неспорно е дека глобализацијата не е привиден или виртуелен, туку реален процес. Тој има објективни основи и закономерности. Ова е процес во кои активните луѓе треба да поседуваат волја и знаење. Во него се решаваат судбините на луѓето, државите, народите и поколенијата“.
За Роналд Робертсон, еден од најистакнатите претставници на хиперглобалистите глобализацијата се однесува на „згуснувањето на светот и на интензивирањето на свеста за светот како целина“

Австралискиот социолог Малколм Вотерс пак во својата книга соодветно наречена „Глобализација“, истата ја дефинира како: „Општествен процес во кој географските ограничувања во поглед на општествените и културните односи исчезнуваат и во кој луѓето се повеќе стануваат свесни дека нив ги снемува“ (Вотерс, 1995)
За британскиот социолог и политички теоретичар Дејвид Хелд пак, Глобализацијата претставува „ширење, продлабочување и забрзување на светската меѓузависност во сите аспекти од модерниот општествен живот, од културата до криминалот, од финансиите па се до духовноста“.
Ако говориме конкретно за дефинирањето на тоа што за Македонија претставува глобализацијата, најдобро место да започнеме претставува официјалниот дигитален речник на македонскиот јазик кој ја дефинира глобализацијата многу едноставно како: Меѓусебно поврзување на целиот свет.
Од цела оваа какафонија на обиди за дефинирање на глобализацијата од страна на различни пристапи од различни мислители и реномирани речници можеме само да заклучиме дека станува збор за екстремно комплексна мултидименизонална општествена појава, со мноштвото дефиниции имајќи ги на ум првенствено економските и политичките карактеристики, малку подзаборавајќи ги културните карактеристики на глобализацијата.