
Суштината на критиката кон глобализацијата од страна на голем број научници се наоѓа во тоа дека таа претставува „од западот ништо ново“, односно според овие теоретичари „Глобалниот свет“ се гледа како нов медиевализам, како „западот“ да се враќа кон предмодерната ера. Средновековниот свет се карактеризираше со отсуство на јас ни граници и „општества“; со постоење империи со центри и периферии со многу прекрстувачки мрежи и со постоење на многу јазички заедници. Новиот средновековен глобален свет изгледа како да се состои од конкурентски институции со преклопувачки јуридистикции и идентитети.

Во овој дух, еден од најпознатите современи социолози, Пјер Бурдије вели дека: Глобализацијата е силен мит, еден моќен дискурс, една силна идеја која е доминанта во современите општества (Bourdieu, 1998). Глобализацијата е проект кој е во рацете на мал број моќни земји. Тие моќни земји имаат доминантна позиција во однос на останатите земји во светот, и при тоа ја намалуваат автономијата на националните финансиски пазари.
Ноам Чомски пак за глобализацијата вели дека се има појавено пред капитализмот но ја има сменето својата форма „Ако под „глобализација“ мислиме на меѓународна интеграција, тогаш таа одамна е пред капитализмот. Патиштата на свилата кои датираат од претхристијанската ера беа обемна форма на глобализација. Подемот на индустрискиот државен капитализам ги промени размерите и карактерот на глобализацијата, а на тој начин имаше и дополнителни промени, бидејќи глобалната економија беше преобликувана од оние кои Адам Смит ги нарече „господари на човештвото“, следејќи ја нивната „полоша максима“. : „Сè за себе и ништо за другите луѓе. Чомски, за современиот вид на глобализација има напишано дека: „Глобализацијата е резултат на моќните влади, особено онаа на Соединетите Држави, кои ги туркаат трговските договори и другите договори во грлото на луѓето во светот за да им олеснат на корпорациите и на богатите да доминираат со економиите на нациите ширум светот без да имаат обврски. на народите на тие народи“.

Големиот руски социолог, Александар Зиновјев пак, за глобализацијата многу отворено вели: „Иницијативата на глобализацијата се јавува во западниот свет. Основите на овој процес произлегуваат од ЗАПАД. Тој се реализира со силата на Западот и првенствено во негов интерес!“ Тој глобализацијата ја гледа како „војна од нов тип“ и продолжение на студената војна која се водеше помеѓу западниот и источниот блок. Односно според него на средствата на т.н. Студена војна се надоврзуваат и средствата на војната во првичната т.е. класична смисла на зборот, (со оружја К.Д) со што се добива една навистина жешка војна, а исто така се користат и дополнителни или нови средства (како на пример: диверзантските операции од огромни размери, првенствено во политичката и економската сфера). Според него, глобализацијата претставува организирање на западните земји во т.н „Надопштество“, кое се состои од Западните држави и има за цел да загосподари со целиот свет, користејќи го своето најмоќно оружје „вестернизацијата на останатите народи ширум планетава“.
Јужнокорејскиот економист Ха Џун Чанг вели „Најголемиот мит за глобализацијата е дека таа е процес воден од технолошкиот напредок. Ова им овозможи на бранителите на глобализацијата да ги означуваат критичарите како „модерни лудити“ кои се обидуваат да го вратат часовникот назад против немилосрдниот напредок на науката и технологијата…. Сегашната форма на пазарно ориентирана и корпоративна глобализација не е единствената – да не зборуваме дека е најдобрата можна форма на глобализација. Можна е поправедна, подинамична и поодржлива форма на глобализација.“

Според британскиот политички теоретичар, Јан Шолте кој пишува за глобализацијата како вестернизација вели: Таа (вестернизацијата) е посебен вид на универзализација, кадешто општествените структури на модерноста, како што се капитализмот, индустријализмот, рационализмот, урбанизмот и индивидуализмот се шират низ целиот свет, при што локалните контексти стануваат нивни „жртви“. На ваков начин дефинирана глобализацијата се поистоветува со поимите колонизација, империјализам, американизација, вестернизација дури и откажување од сопствениот идентитет.
Можеби најголемиот критичар на глобализацијата од западната хемисфера е американскиот социолог, Џорџ Рицер кој глобализацијата ја објаснува како распространување и ширење на практики, експанзија на релации преку континенти, организација на општествениот живот на глобално ниво и растење на заедничка глобална свест, преку процесите на империјализмот, колонијализмот, вестернизацијата и истернизацијата, кои, во голема мера ги обележуваат општествата како во минатото, така и во сегашноста.
Иако, не се согласуваме целосно со Рицеровата дефиниција за империјализмот, на која и недостасува елементот на корпорациите односно, делот кој го прави империјализмот „последниот стадиум на капитализмот“, а тоа е кога една држава – нација го користи државниот апарат со цел експанзија на капиталот и зголемување на профитите на капиталистите а не за добробит на државата и нејзините граѓани, целосно се согласуваме со Рицеровата теза дека колективниот Запад, не нужно секогаш користејќи воени средства, напротив можеби и повеќе служејќи се со културен империјализам или културна хегеомонија со цел преку процесите на мекдоналдизација да доведе до вестернизација на светот со единствена цел: поголема стапка на профит за западните капиталисти.