Прв дел: https://rabotnickiglas.com/za-prashanjeto-na-balkanskata-federacija-mosha-pijade/
Пред Петтиот конгрес на Бугарската комунистичка партија речено е во нејзиниот орган „Работническо дело” дека сега после процесот во Скопје над бугарските фашистички — окупаторски полицајци е јасно кој го осуетил обединувањего на Јужните Словени. „Ние исто знаеме — се вели понатаму во таа статија — каква федерација бараа југословенските делегати при крајот на 1944 година во преговорите”.
На Петтиот конгрес на Бугарската комунистичка партија Георги Димитров посвети дел од својот реферат на ,,Федерацијата на Јужните Словени и на македонското прашање”. Целиот тој дел од рефератот е напишан затоа, односот на КПЈ спрема „прашањето” на федерацијата на Јужните Словени и македонското „прашање” да се прикаже како доказ дека ние — сме го предале Советскиот Сојуз и единствениот демократски антиимперијалистички табор, дека ние на тие „прашања” гледаме како националисти и шовинисти. Но виката против нашиот „национализам” не може да го прикрие јасното лице на великобугарскиот шовинизам кој што избива од тој реферат. Наполно спротивно на ленинистичките принципи за националното прашање, Димитров, од името на бугарската нација заборавајќи дека Пиринска Македонија се наоѓа во состав на Бугарија како резултат од поделбата на Македонија меѓу три балкански империјалистички монархии, изјави дека „населението од Пиринскиот крај”, (како што тој ги наречува Македонците од Пиринскиот дел на Македонија)” се однесува негативно спрема барањето да се присоедини тој крај кон Југославија пред но што ќе биде остварена федерацијата помеѓу Југославија и Бугарија, оти тоа од незапаметени времиња се чувствува економски, политички и културно сврзано со бугарскиот народ, и не сака да се одвои од него. „Говорејќи така од името на владеачката бугарска нација наместо да се погрижи за ленинистичкото право за самоопределување на Македонците, како би ја изразиле слободно тие својата волја, а не од нивно име да говори претставник на владеачката нација, Димитров додаде дека „македонскиот народ е убеден оти неговото национално обединување ќе биде изградено врз основа на спогодбата помеѓу Југославија и Бугарија”… Врз основа на тоа тој прогласува дека „Македонскиот народ ќе го оствари своето национално единство и ќе ја осигура својата иднина како слободна и рамноправна нација само во рамките на федерацијата на Јужните Словени”. И така говорејќи им јасно на Пиринските Македонци: „ако нема федерација на Бугарија со Југославија, нема ни ваше обединување со другите Македонци”, Димитров го заврши тој дел од рефератот со повторно тврдење дека Југословените, „предавници на марксизмот-ленинизмот”, денеска се главната пречка за федерацијата на Јужните Словени.
Откако сите тие зборови провеаја како ветер кој што не успеал да дигне ни прав се дојде два месеца подоцна на нова идеја. Јужнословенската федерација проширена на Балканска федерација, но бидејќи оваа треба да му послужи само на решението на „македонското прашање”, во сметката е вовлечена само Грција која што го држи третиот дел од македонската нација. Тоа значи е само дополнување на истата линија која што на прашањето на федерацијата на Јужните Словени или на балканските народи секогаш гледаше од становиштето на „македонското прашање”, која што „тоа решение” го прави зависно од спогодба од трите балкански држави кои што некогаш меѓусебе ја поделија Македонија и која што сака да запази дел од Македонија за бугарската држава ако нема таква спогодба.

Оваа антиленинистичка национална политика се обидоа овие денови да ја пренесат и во КП на Грција. Како е изведено тоа?
На 30 и 31 јануари оваа година одржан е Петтиот пленум на ЦК на КП на Грција. Вториот дел од резолуцијата за првата точка од дневниот ред на Пленумот: „Грција на патот кон победата и пред решавачката пресвртница и за дејноста на Партијата” во целост гласи:
„II. Во Северна Грција македонскиот, словено-македонскиот народ дава се’ за борбата и се бори со херојство и пожртвуваност кои што произвикуваат восхит. Не треба да постои било какво сомнение дека последица од победата на Демократската армија на Грција и на народната револуција ќе биде тоа што македонскиот народ ќе добие потполна можност за национално самоопределување онака како што самиот сака. (Подвлеченото е наше — П.). Тој ја пролева денеска својата крв за да го постигне тоа. Македонските комунисти секогаш стојат на чело на борбата на својот народ. Истовремено македонските комунисти треба да обрнат внимание на разбивачките и урнувачките акции кои што ги развиваат опортунистичките и реакционерните елементи кои што ги покренуваат странци за да го разбијат единството на македонскиот и словено-македонскиот и грчкиот народ, што би му користело едино на заедничкиот непријател — монархофашизмот и англо-американскиот империјализам. Напоредно, КП на Грција треба да ги отстрани сите пречки, да удри по сите големогрчки шовинистички манифестации кои што произвикуваат незадоволство и негодување кај словено-македонскиот народ и им помагаат на разбивачите во нивната предавничка работа и на јакнењето на делото на реакцијата. Словено-македонскиот и грчкиот народ можат да победат обединети, разбиени можат да претрпат само пораз. Поради тоа единството во борбата на обата народа треба да се чува како црнката во окото и да се поткрепува и ојакнува секојдневно”.
Како што се гледа ЦК на КП на Грција застана на Пленумот главно на принципиелно правилно становиште на правото за самоопределување на македонскиот народ, кој што после победата на Демократската армија ќе решава за својата судбина онака како што сака самиот. Ни во овој дел од резолуцијата како ни во целата резолуција воопшто не се говори за односите на Грција спрема другите балкански држави, па ни за прашањето на балканската федерација.
Меѓутоа, после тој Пленум органот на бугарското синдикално движење, „Труд” (во бројот од 14 февруари) се најде побуден во една уводна статија да ја објасни резолуцијата од Пленумот на КП на Грција како став спротивен на „националистичкиот став” на КП на Југославија, а истоветен со ставот на КП на Бугарија. т. е. дека „македонското прашање ќе добие едноставно решение како балканско прашање” низ федерацијата на народно-демократските влади во сите балкански земји”. Се забележува дека органот на КП на Бугарија и останатиот печат не донесоа ништо за ова, та синдикалниот орган секако се затрчал со ова објавување.
Откаде го исцрпел „Труд” горното толмачење, кое што во самата резолуција од Пленумот на КП на Грција нема оправдание? Што во сушност „Труд” издрдорел?
Веднаш после Пленумот на ЦК на КП на Грција, одржан е во слободниот Вич на 3 и 4 февруари. II Пленум на Главниот одбор на Народноослободителниот фронт. Весникот „Непокорен”, централен орган на НОФ на македонски јазик, донесе во својот број од 15 февруари соопштение за тој пленум и неговата резолуција напоредно на македонски и на грчки јазик. Во резолуцијата се наоѓа и решението дека Вториот конгрес на НОФ се свикува во март и потоа се вели:
„Вториот конгрес ќе биде конгрес за прокламирање на нови програмски принципи на НОФ кои што се вековно тежнење на нашиот народ. Тој ќе го прогласи обединувањето на македонскиот народ во една единствена, независна рамноправна македонска држава во рамките на народно-републиканска федерација на балканските народи. Тоа ќе биде остварување на неговите многугодишни крвави борби. Вториот конгрес ќе прокламира сенародно востание на македонскиот народ… Вториот конгрес ќе се обрне особено до поробеното македонско население во градовите како што се Лерин, Костур, Воден, Ениџе—Вардар, Гуменџа, Серез, и Драма ќе го повика и к’е го дигне во непомирлива борба против монархофашизмот и англо-американските окупатори за побрзо ослободување и исполнување на тежнењето на непокорениот македонски народ, во борба за Народна Република Македонија. (Подвлеченото е наше П.).
Иако во Софија се најдоа такви мудраци кои што проповедаа дека Народна Република Македонија (оваа која што навистина постои) треба да се издвои од составот на Југославија и да се приклучи кои „Пиринскиот крај”; сепак плетачите на интригите на Балканот сметаа дека би било премногу оперетски и политички неодговорно ако „обединувањето на Македонија во рамките на федерацијата на балканските народно-демократски држави” би се прогласило од теренот на Пиринска Македонија, од тој дел на Македонија кој што ги нема дури ни најосновните автономни територијални права во рамките на бугарскиот устав кој што дури не ги признава Македонците како национално малцинство, туку претставува обични околии како сите други административни околии на Бугарија. Затоа тие го префрлија тоа претпријатие во Егејска Македонија. На тој дел од македонскиот народ, кој што со години храбро се бори рамо до рамо со грчкиот народ за победата на демократијата во Грција, кој што во таа борба дал и дава огромни жртви и кој што во исто време е изложен на немилосрдно истребување од страна на монархофашистичкиот режим, му се наметнува и тоа во денешната ситуација, кога сите демократски сили во Грција треба да ги концентрираат своите напори за победата на Демократската армија, задачата да го прогласи обединувањето на Македонија во рамките на Балканската федерација! Значи, прво ќе се прогласи обединувањето на Егејска Македонија, која што уште не е ослободена и кога уште претстои тешка борба за ослободувањето на Грција, со деловите на Македонија што се наоѓаат во две други држави, со Македонците од Пиринска Македонија, кои што ни после победата на народната демократија во Бугарија не смеат да ја изразат својата слободна волја и со Македонците од Народна Република Македонија во која што најголемиот и централниот дел од македонскиот народ веќе ја оствари својата слободна национална држава, а кои што во овој случај никој не ги праша!
Македонскиот народ во Егејска Македонија беше и за време на војната и во сегашниот тежок период на грчката историја после војната свесен дека борејќи се заедно со грчкиот народ за слободата на Грција, за воспоставување на народна демократија во Грција, во исто време се бори и за правото на своето национално самоопределување, за своето национално ослободување. Кога Комунистичката партија на Грција во споменатата резолуција од Пленумот му го признава тоа право како право што ќе се оствари после победата на грчката демократија, тогаш е тоа правилно, и тогаш тоа на македонскиот народ таму му е доволно покрај националните права што ги има денеска на ослободените подрачја. Денеска, кога народот од Егејска Македонија се наоѓа во крвава борба за одбрана на својата физичка егзистенција, кога негова прва и основна задача е да се бори рамо до рамо со грчкиот народ за победата на народната демократија на Грција, кога сите сили на македонскиот и грчкиот народ треба да се концентрираат во еден единствен правец, нема никаква потреба да му се сугерира и на тој народ превзимање на еден чисто декларативен акт кој што не само што не ги мобилизира силите на македонскиот народ, туку напротив може само да создаде излишни дискусии и забуна во единствените редови на грчките и македонските борци.
Трет дел: https://rabotnickiglas.com/za-prashanjeto-na-nalkanskata-federacija-tret-del-mosha-pijade/
Извор: https://www.marxists.org/makedonski/istorija/makedonija/balkanska-federacija.htm