Пишува: Кристијан Димков
Секојдневно слушаме во јавниот дискурс, од страна на медиумите, политичарите (бидејќи нели, имавме избори), невладините (граѓански) организации и сите останати општествени актери како за луѓето кои живеат во Македонија дека с(м)е ГРАЃАНИ. Медиумите велат дека „граѓаните на населба Х се жалат за Y“, политичарите велат дека „гласањето е основно граѓанско право“, Невладините дека „мора да градиме граѓанско општество“ итн итн. Но што всушност значи статусот „граѓанин“ и дали ние во Македонија навистина сме „граѓани“?
Стекнувањето на општествениот статус „граѓанин“ претставувал долг и макотрпен процес кој траел илјадници години, поминал повеќе револуции против различни типови на владеење и за правата кои ние денес ги уживаме како формално – правни граѓани загинале безброј луѓе. Ниту едно право кое денес го земаме здраво за готово не ни било дадено нам, обичните смртници на тацна, туку било на сила изнудено од владеачката класа. Но добро еве сега сме граѓани, што значи тоа?
Накратко концептот на граѓанственоста кој се користи денеска и во Македонија но и ширум светот (иако е многу застарен) се врзува кон тоа од каде начинот на управување на општеството ја црпи својата моќ. Во монархиите владетелот го црпел легитимитетот од Бог, преку т.н Божественото право на Кралевите додека во граѓанското општество односно претставничката демократија легитимитетот односно суверенитетот произлегуваат од народот.
Според ова граѓанинот претставува правен субјект со цивилни, политички, социјални права, но и обврски. Цивилни права претставуваат: право на стапување во брак, индивидуални слободи, пресумпција на невиност итн. Политички права претставуваат: Пасивно и/или активно учество во политичкиот живот (право да гласате и да бидете гласани). Социјални права претставуваат: бесплатно образование, здравство, социјална помош, пензија итн итн. Додека обврски има релативно малку, Почитување на законите,
плаќање даноци и бранење на општеството доколку е потребно.
Сега да ги погледнеме сите овие „права“ во денешнава Македонија. Дали можеме да говориме дека Македонија (но далеку од само Македонија) е навистина држава во која суверенитетот и легитимитетот произлегуваат од граѓаните? На Македонија со дипломатско насилство и го менуваат Уставот којзнае колку пати (и дополнително имаат намера да го менуваат) што мислам дека не постои човек кој навистина смета дека сме суверена држава. Впрочем концептот на суверенитет на ниво на држава во глобални рамки веќе речиси и да не постои.
Понатаму легитимитетот на властите, политичкиот систем е така конструиран да на секаков можен начин му оневозможува на друг политички субјект воопшто да се појави на политичката сцена, потребни се 1 000 потписи кои мора да поминат низ долга бирократија (за која мора да се плати нормално) за формирање на политичка партија, додека за независни листи правилата на игра властите ги менуваат секојдневно. Понатаму за рамноправност при политичко делување воопшто да не говориме, резултатите од овие стеги на системот се евидентни.
Пластично, за градоначалник на Скопје, град со 526 502 жители само 35% (од кој историски број на неважечки ливчиња) од гласачите гласале (колку од нив се вработени, земаат хонорари или „должат услуга“ на партиите проценете сами), и градоначалник е избран само со 94 000 гласа, па каде е тука легитимитетот?
Во однос на цивилните права, на меѓународните истражувања за слободата Македонија континуирано рангира или како „хибриден режим“ или како „делумно слободна држава“ во која, чувството е, дека не владее „презумпција на невиност“ туку „виновен додека не се докаже спротивното“.
Социјалните права се исто така под голем удар, образованието е се поскапо и поскапо (а истовремено и понеквалитетно, ако се меѓународните рангирања за верување), здравство забрзано и сигурно станува бизнис со се повеќе приватни болници кои никнуваат и поради неефикасноста на државниот здравствен систем стануваат единствена опција на луѓе кои имаат здравствени проблеми, а приватните болници имаат една цел = да прават профит.
Додатоците за лица со попреченост се мизерни, социјалната помош исто така, но иако се мизерни многу често од страна на владеачката капиталистичка елита и нивните слуги се посочени како главни виновници за лошиот животен стандард во Македонија (и пошироко).
Додека пак ако ги погледнеме одговорностите на еден граѓанин, како на пример можеби најважниот: да плаќа даноци со цел општеството да може да се одржи во функција, токму капиталистите односно богаташите ги создаваат и потоа ги користат сите дупки во законите за да НЕ ПЛАЌААТ ДАНОК. Но дали тоа доаѓа на осуда од страна на либералното капиталистичко граѓанство? Секако дека не, ги прави паметни бизнисмени.
Значи, накратко, од каде и да ја погледнеме општествената ситуација во Македонија, не ги задоволуваме ниту основните стандарди за да се нарекуваме граѓани, ниту во формално – правната смисла на зборот.
Епа, што понатаму?
Можеме или да ја промениме дефиницијата, како што молчешкум се има случено во јавниот дискурс каде што „граѓанин“ практично значи „жител“ додека на секојдневно ниво сме бомбардирани со разни малограѓанштини од страна на политичарите во државава (од Собрание па надоле) со цел да не сфатиме дека секојдневно, се повеќе и повеќе нашите права како „граѓани“ се само на хартија.
Решението на овој проблем е најпрвин, како општество да сфатиме што всушност значи граѓанин и да не се расфрламе со терминот насекаде, дека нашите права не се паднати од небо туку се изборени и дека единствен начин повторно да ги добиеме нашите права и многу повеќе од тоа е да престанеме со поделби на етничка, верска или било која основа и да развиваме КЛАСНА свест.