
Пишува: Стефан Манов, Дипломиран наставник по историја
Човекот е неспорно моќно суштество. Од сите живи суштества, човекот веќе илјадници години ја „владее“ оваа планета. Од почетоците на пештерската уметност, преку земјоделските општества, првите организирани населби, градови, кралства, големите империи и трговски мрежи, религии и идеологии, доаѓаме до процесот на индустријализација, капитализам и технологизација кои го обликувале светот каков што го знаеме денес. И сиот овој напредок е незамислив без една клучна алка: масовна човечка соработка.

Не постои напредок без соработка на стотици и илјадници индивидуи. Големите војни, научни откритија, атомската бомба, одењето во вселената, економскиот пораст – сето тоа е резултатот од усилбите на илјадници индивидуи, стотици генерации. Атомската бомба има можност да го уништи светот, а одењето во вселената ни овозможува евентуални идни населувања на други планети. Тоа значи дека кога илјадници луѓе соработуваат, дури и планетата може да стане ,,претесна”.
Незамисливо е постоењето на било што: идеја, продукт, организација, компанија, политичка партија итн., без колективни напори и соработка. Секој сериозен човечки потфат е резултат од соработката на многу експерти од разни области кои помагаат во процесите дури и при најелементарните потреби. Тоа значи само едно: човекот е на врвот од сите ,,пирамиди” не затоа што е најпаметен, најсилен, најбрз, но затоа што успеал да најде начин милиони индивидуи да ги обедини под иста идеја, приказна, организација.
Како дете на Македонијa, искрено ме фаќа страв кога ваквите сфаќања ќе се префрлат на нашата современа историја. Таа е еден нем сведок на делбите и поделбите на македонското ткиво, почнувајќи од втората половина на 19 век, преку создавањето на Македонската револуционерна организација, поделбите за време на Балканските војни и Првата Светска војна, братоубиствата во меѓувоениот период, кавгите и несогласувањата за време на првите години од Социјалистичка Македонија, па до денешен ден во кој македонскиот народ не успеа да се обедини ниту за една од најужасните трагедии во нашата историја: пожарот во Кочани на 16 март 2025 година.
Од самиот почеток на македонската борба за слобода, култура, идентитет и држава, меѓу македонскиот народ влијаат и работат речиси сите соседни пропаганди, сите соседни држави. Едни биле завлечени од Бугарија и нејзината Егзархија, други од Грција и Патријаршијата, трети од Србија и Белград итн. Македонскиот народ, како народ на крстопат и средишна земја, никогаш не успеал да заигра свое ,,сопствено оро”. Секогаш нашите водачи и клучни играчи биле влечени на една или друга страна, која од која по туѓа. Повеќето кои имале автентични македонски погледи, често биле издавани и убивани од своите најблиски, повлијаени од некоја соседна доктрина.
Гледано од космичка историска перспектива, на македонскиот народ очајно му недостасува нешто околу кое ќе се обедини секој граѓанин. Тоа може да биде национален мит, историска приказна, вредности, култура итн., но ние токму во таа срж имаме големи поделби и различни мислења. Велиме дека сме посебна нација, но не покажуваме свест за колективот. Единствено имаме свест за семејството, населбата и индивидуата. Кога доаѓа ред за национален консензус, тој недостасува пред сѐ кај народот кој заедно пораснал, заедно се школувал, заедно живее, а потоа и кај политичката елита. Како е можно со другарот од школска клупа да имаме потполно спротивни мислења, кои на крајот од краиштата се анти државотворни, затоа што ни прават поделби? Како е можно да ги пееме сите патриотски песни наизуст, а сепак да немаме нормална држава?
Но, најрадикална поделба се гледа во добропознатата македонска изјава: ,,кој си ти да ми кажуваш мене?” Што би рекол Горан Стефановски – сите сакаме да бидеме аги и бегови. Епа не може, некој мора да биде понизен, скромен, понекогаш да наведне глава за поголемо и општо добро и да прифати дека и другиот знае и може нешто. Особено затоа што тој/таа е наш сограѓанин, пријател, роднина итн. и многу пати неговиот напредок значи и наш. Има позната изрека: ако мој човек даде кош, поен е за мене.
Дури и за време на најсветлата точка од македонската историја – НОБ и АСНОМ, нашите луѓе не успеале да се обединат целосно. Точно е дека поголемиот дел од населението бил предводен од мала група на авангардни социјалисти, но еден дел од македонскиот народ има поинакво гледиште на ситуацијата и отворено соработува со фашистичките окупатори. Дури и помеѓу самите комунисти доаѓа до поделба по прашањето за борбата, средствата и методите. И повторно, секој под влијание на некоја од соседните комунистички партии.
Со осамостојувањето во 1991, почна да се негира и самиот АСНОМ кој ја создаде и оваа државичка што ја имаме денес. Клучна грешка гледано од државен аспект, но уште еден доказ за нашите поделени мислења. Доколку не бил АСНОМ, ќе немало можност ни да критикуваме – ќе си бевме Срби или Бугари без право на македонска перспектива на историјата и реалноста.
Токму затоа мој народе, ние мора да најдеме начин за масовна соработка и сѐ македонско обединување, онака како што направиле напредните сили и борците за време на НОБ и АСНОМ. Да се надмине локалниот патриотизам и апатија, цинизам, разочараност. Многу се факторите кои нѐ спречуваат во тоа, силни се, но никој никогаш не ни ветил дека животот ќе биде лесен. Ако покажуваме свест за нација и колектив само кога сме испровоцирани од соседните земји, а не кога сопствената политичка елита ни ги узурпира институциите, уништува градовите и ни ги краде парите, тогаш имаме сериозен проблем. А, го имаме.
Од досега реченото се извлекува заклучок дека единствената константа во современата македонска историја и реалност се поделбите, што е и нормално за земја со ваква географска положба и многу претенденти за решавање на македонското прашање. Меѓутоа, мора да знаеме едно: доколку сакаме нормална држава, мора да најдеме начин како да работиме заедно. Сите граѓани, без исклучок на народност, вера, убедувања.
Само што овој пат, за разлика од вообичаените историски обединувања околу македонското прашање, точките околу кои ни треба консензус се: корупцијата е предавство, работливоста е неопходна, а државните институции мора да се професионализираат и департизираат. Тоа е патот за еден народ да биде државотворен, а не само обична публика во сопствениот дом.