
Извадок од романот на Орвел, 1984
Во текот на целата пишувана историја, а веројатно уште од крајот на неолитот, на светот постоеле три вида луѓе: високи, средни и ниски. Биле поделени на многу подгрупи, носеле безброј различни имиња, а нивниот броен однос, како и меѓусебниот однос, варирале од еден до друг период; но во суштината, структурата на општеството не се менувала. Дури и во огромни пресврти и навидум неповратни промени, секогаш повторно се воспоставувала истата структура, токму како што жироскопот секогаш се враќа во состојба на рамнотежа колку и да се ниша од едната на другата страна.
„Јулија, будна ли си?“ праша Винстон.
„Да, љубов моја, те слушам. Продолжи, прекрасно е.“
Тој продолжи:
Целите на овие групи се наполно непомирливи. Целта на високите е да останат таму каде што се. Целта на средните е да го преземат местото на високите. Целта на ниските, кога имаат цел – бидејќи постојана карактеристика им е тоа што се премногу притиснати од црнчење за да бидат свесни за што било друго освен за својот секојдневен живот – е да се укинат сите разлики и да создадат општество во кое сите ќе бидат еднакви. Така низ целата историја се повторува битката што е во основата секогаш иста. Високите остануваат на власт во текот на долг период, но порано или подоцна секогаш доаѓа моментот кога или ги губат вербата во себе или способноста ефективно да владејат, или и едното и другото. Потоа средните ги симнуваат од власт, претходно придобивајќи ги ниските во нивната стара положба на слуги, а самите стануваат високи. При тоа, од ниските или од поранешните високи или од двете групи, се отцепува група нови средни и борбата почнува од почеток. Од овие три групи, единствено ниските дури ни повремено не успеваат да ги остварат своите цели. Би било претерано да се каже дека низ целата историја немало никаков материјален напредок. Дури и денес, во периодот на опаѓање, просечниот човек е физички во подобра ситуација отколку пред неколку столетија. Но, никаков напредок во богатството, никаква цивилизираност во однесувањето, никаква реформа и ниту една револуција не ја приближија еднаквоста до човештвото ниту за милиметар. Од гледна точка на ниските, ниту една историска промена никогаш не значела ништо друго освен промена на името на господарот.
Кон крајот на XIX век, повратниот карактер на овој процес станува очигледен за многу набљудувачи. Притоа, се појавиле школи на мислители што ја толкувале историјата како цикличен процес и тврделе дека нееднаквоста е непроменлив закон на човечкиот живот. Се разбира, оваа доктрина секогаш имала следбеници, но сега начинот на кој била изнесена значително се променил. Во минатото, потребата од хиерархиски облик на општеството била специфична доктрина на високите. Неа ја проповедале кралевите и аристократите, а исто така и нивните паразити: свештеници, адвокати и слични, ублажувајќи ја со ветувањата дека ќе им биде надоместено во замислениот свет од другата страна на гробот. Средните, додека се борат за власт, секогаш ги употребуваа зборовите како слобода, правда и братство. Меѓутоа, сега идејата за човековото братство почнуваат да ја напаѓаат оние што сѐ уште не биле на управувачка функција, туку едноставно се надевале дека наскоро ќе дојдат до неа. Во минатото, средните кревале револуција под знамето на еднаквоста, а потоа, откако ќе ја собореле старата, воспоставувале нова тиранија. Социјализмот, теорија што се појавила на почетокот на XIX век, а која претставува последна алка во мисловната верига што се протега сѐ до робовските побуни од античко време, сѐ уште беше силно инфициран со утопистичките идеи на минатите времиња. Но, во секоја варијанта на социјализмот што се појавила од околу 1900 година наваму, целта да се воспостават слобода и еднаквост сѐ поотворено била напуштана. Новите движења што се појавиле во средината на векот: англосоцот во Океанија, необолшевизмот во Евроазија и обожавањето на смртта, како што обично се нарекува во Истоказија, имале свесна цел, овековечување на неслободата и неднаквоста. Овие нови движења, се разбира, никнале од старите и имале тенденција да ги задржат старите имиња и на зборови да ѝ оддадат почит на старата идеологија. Но целта на сите нив била во одреден момент да се запре напредокот и да се закочи историјата. Веќе познатото нишало требало да направи уште еден замав и потоа да престане. По обичај, високите требало да бидат протерани од средните, кои со тоа ќе станеле високи, но овој пат применувајќи свесна стратегија, високите ќе биде во состојба да ја задржат својата положба вечно.
Овие нови доктрини никнале делумно поради натрупаното историско знаење и поради развојот на историската свест, која пред XIX век речиси не постоела. Цикличниот тек на историјата сега станал јасен или барем така изгледал; а ако е јасен, тогаш е и променлив. Но главната суштинска причина било тоа што уште од почетокот на XX век човечката еднаквост станала технички невозможна. Сѐ уште било вистина дека луѓето не се еднакви според своите вродени таленти и дека функциите мора да се специјализираат, така што на некои единки им се дава предност пред други; но веќе не постоела вистинска потреба за класни разлики или за големи разлики во богатството. Во поранешните времиња, класните разлики биле не само неизбежни, туку и пожелни. Нееднаквоста претставувала цена на цивилизацијата. Меѓутоа, развојот на машинското производство ја промени ситуацијата. Иако и понатаму било потребно луѓето да извршуваат различни работи, веќе не било потребно да живеат на различни општествени или економски нивоа. Со тоа, според мислењето на новите групи што биле подготвени да ја приграбат власта, човечката еднаквост веќе не била идеалот за кој требало да се борат, туку опасност што требало да се спречи. Во примитивните времиња, кога праведно и мирно општество всушност не ни можело да постои, релативно лесно можело да се верува во еднаквоста. Визијата за земскиот рај, во кој луѓето ќе живеат заедно како браќа, без закон и без макотрпна работа, илјадници години не ја напуштила човечката мечта. Таа визија во извесна мера, ја имале дури и групите на кои историските промени им донесле корист. Наследниците на француската, англиската и американската револуција делумно и самите верувале во своите фрази за човечки права, слобода на говорот, еднаквост пред законот и сл. и дури дозволиле тие фрази во извесна смисла да влијаат врз однесувањето. Меѓутоа, во четвртата деценија на XX век сите главни текови на политичките мисли биле автократски. Земскиот рај бил дискретидиран токму во моментот кога станал возможен. Секоја нова политичка теорија, без разлика со кое име се нарекувала, водела назад кон хиерархија и кон круто устројство. Во општите огрубувања на погледите што почнале околу 1930 год. постапките што одамна биле напуштени, понекогаш и по неколку стотици години – апсења без судење, претварање воени заробеници во робови, јавни погубувања, мачења заробеници, земање заложници и раселување цели народи – не само што повторно станале практика, туку биле и толерирани, па дури и бранети од луѓето што се сметале за образовани и за напредни.
Преземено од линк