

Пишува: Магдалена Петровска, дипломиран правник
Македонскиот народ останува синоним за истрајност, достоинство и пркос дури и тогаш кога разноликите лица на историјата се обидувале да го избришат неговото име и да му го одземат правото на сопствено постоење. Илјадници години наназад, Македонија е цивилизациска матрица и симбол на континуитетот на еден стар и горд народ, чие име е трн и закана во очите на тие што не можат да го поднесат неговото значење. Обидите за обезличување на македонскиот идентитет, за неговото распарчување и обезвреднување, се проклетство против кое се борат сите досегашни македонски генерации. Од насилните асимилации, преку навредливите и неправедни негирања, до современите притисоци и културен ревизионизам – сето тоа е дел од долготрајниот процес на обезбожување на македонскиот мозаик и искоренување на македонското битисување.
Балканот секогаш претставувал жариште на спротивставеностите, буре полно со барут што чека искра. Македонија, како срцето на таа геополитичка крстосница, е најчеста мета на најсилните удари. При очи – слепи, при уши – глуви се правиме дека не ги препознаваме ѓаволските рогови и условувањата за компромис, кои се последниот жиг на самораспуштањето.
„Какви порази сме морале да издржиме, какви срамови, какви поруги. Боже, умот дури ми се свртува!“
– Извадок од „Преживување“ на Б.Конески

Периодот меѓу двете светски војни претставува тежок историски момент за македонскиот јазик и идентитет. По поделбата на Македонија со Букурешкиот мировен договор во 1913 година, територијата била распарчена помеѓу Грција, Кралството СХС и Бугарија. Во секој од трите дела – Егејска, Вардарска и Пиринска Македонија официјално се наметнале јазиците на соодветните окупатори, додека македонскиот јазик бил забранет или, како некоја искричка надеж, бил сведен на дијалект.
Најрепресивни мерки се презеле во Егејска Македонија, каде македонскиот јазик е забранет дури и за домашна употреба. Под притисок на меѓународната јавност, особено Друштвото на народите, Грција во мај 1925 година го издала „Абецедарот“, буквар на македонски јазик напишан на латиница, врз основа на битолско-леринското наречје, кој никогаш не стапил на сила и не се применил.
Во Вардарска Македонија, српскиот јазик е наметнат во сите јавни сфери, но македонскиот јазик опстојувал преку театарските драми и регионалната литература. Во тој период,од големо значење се битовите драми на Васил Иљоски, Антон Панов и Ристо Крле, како и стихозбирката „Бели мугри“ од Кочо Рацин, која го зацврсти статусот на македонскиот јазик како јазик на книжевноста.
Во Пиринска Македонија, Бугарите спроведувале силна асимилација, но македонскиот културен живот преживувал преку активноста на емигрантите во Софија, особено преку творештвото на Коле Неделковски. Во првите години по Втората светска војна, македонскиот јазик добил и официјална примена во Пиринскиот дел, поради влијанието на источниот блок на Балканот и дипломатските односи со Југославија.
И покрај забраните и асимилаторските политики, македонскиот јазик не исчезна. In contrario, токму во овој период започнува неговото културно и литературно издигнување, со кое се поплочува патот до неговата кодификација во екот на Втората светска војна, конституирањето на АСНОМ – вториот Илинден и повоениот период.

Развојот и кодификацијата на македонскиот литературен јазик претставуваат клучен елемент во битието на македонскиот национален, културен и државен идентитет. Иако македонскиот јазик официјално е признат како службен јазик на македонската држава на 2 август 1944 година, неговиот континуитет датира од X и XI век, in concreto во црковнословенските ракописи од овој период се среќаваат првите типични македонски лексеми (лексички единици,зборови како составни единици на речникот на еден јазик), а народниот јазик продира сè поинтензивно во писменоста во втората половина на XVI век.
Во XIX век веќе се случува ек на самосвеста за посебноста на македонскиот јазик, што кулминира со објавувањето на капиталното и маестрално дело „За македонцките работи“ на Крсте Петков Мисирков, објавено во Софија во востаничката 1903 година. Тоа претставува прва научна аргументација за постоењето на посебен македонски јазик и потребата од негова кодификација, служејќи како темел за идниот процес на кодификација.
Во текот на Втората светска војна и Народноослободителната борба, македонскиот народ го користел својот мајчин јазик како средство за отпор и обединување. Во илегалните печатници низ Македонија, меѓу кои истакнати се велешката печатница „Гоце Делчев“ во Горно Врановци, печатниците во Прилеп и Битола во кои се печателе летоци, прогласи и други промотивни материјали, испечатени се и првите броеви на весникот „Нова Македонија“ во 1944 година, напишан на македонски јазик и првото женско списание „Македонка“ на македонски јазик, плод на АФЖ.
Историскиот пресврт настанува на 2 август 1944 година, кога на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија донесено е Решението за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава. Со ова, македонскиот јазик станува јазик на администрацијата, правосудството, наставата и јавниот живот, што претставува историска потврда за вековната афирмациска борба. Решението, донесено во манастирот „Св.Прохор Пчињски“, го потпишаа претседателот Методија Андонов – Ченто и секретарот Љупчо Арсов.

Во ноември 1944 година, Президиумот на АСНОМ формирал комисија со задача да подготват предлози за македонската азбука и правопис. Првата комисија не ги формулирала целосно своите ставови,па дополнително,во изменет состав, новата комисија ја донесе Резолуцијата на 3 мај 1945 година, со која се поставени основните принципи за кодификација на македонскиот јазик: усвојување на формите на централните дијалекти (битолскиот,прилепскиот,охридскиот и велешкиот говор) како постулати за литературниот македонски јазик,бидејќи се најразбирливи и најприфатливи низ цела Македонија; зачувување на народната основа на јазикот,збогатување на речникот со дијалектни зборови како основа за формирање на нови зборови и минимално преземање на странски зборови; утврдување на фонетскиот принцип „еден глас – една буква“,односно македонската азбука да содржи онолку букви колку што има и гласови.
Оваа Резолуција е усвоена од Народната влада на Демократска Федерална Македонија на 5 мај 1945 година, со која се озаконува македонската азбука. Наскоро потоа, на 7 јуни 1945 година,донесен е и официјалниот правопис на македонскиот јазик, со што се заокружува процесот на кодификација на современиот македонски литературен јазик.

Во текот на историската 1945 година интензивно се објавуваат првите буквари,граматики и речници на македонски јазик, а наставата започнува да се реализира на стандарден македонски јазик.Првото училиште во Македонија во кое наставата се одвивала на македонски јазик е основното училиште „Димитар Влахов“ во село Љубојно, Преспа, кое започнало со работа на 23 октомври 1944 година, а првиот учител бил Томе Стефановски.Покрај Преспа, првите училишта со настава на македонски јазик почнале да се појавуваат и во другите поголеми градови низ Македонија, како Битола, Скопје, Велес, Прилеп, Штип, Струмица и Куманово, каде што постепено се воспоставувал новиот образовен систем врз темелите на кодифицираниот македонски јазик. Во рамките на средното образование, првата генерација гимназии што ја спроведувале наставата на македонски јазик се гимназиите „Јосип Броз – Тито“ во Битола, „Мирче Ацев“ во Прилеп, „Кочо Рацин“ во Велес и „Гоце Делчев“ во Штип. Круна на овие напори за национално јазично и образовно етаблирање е формирањето на државниот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, чиј прв факултет – Филозофскиот факултет,започна со работа во 1946 година, при што наставата се изведувала исклучиво на македонски јазик.Во негови рамки функционирал и денешниот Филолошки факултет „Блаже Конески“.Катедрата за македонски јазик е меѓу првите основани катедри,чија цел беше истражувањето и афирмирацијата на македонскиот јазик како научна дисциплина

Македонскиот јазик стана административен, судски и општествен јазик.Повоените години се карактеризираат со интензивна научна и институционална надградба. Во 1953 година основан беше Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Овие институции одиграа клучна улога во неговата лингвистичка разработка, културна афирмација и нормативна стабилизација.
Голема заслуга за кодификацијата има основачот на современата македонска филологија,академик Блаже Конески, авторот на „Граматика на македонскиот литературен јазик“, „Речник на македонскиот јазик“ и „Историја на македонскиот јазик“,кој ја создаде основата за лингвистичка кохерентност и академска објективизација на јазикот.
Македонскиот јазик постепено доби меѓународно признание, а еден од клучните моменти во неговото афирмирање е прифаќањето на транскрипцијата на латиница во рамките на ОН во 1977 година. Овој чин претставува важен чекор во глобалната видливост на македонскиот јазик и неговото интегрирање во меѓународната заедница. Со прогласувањето на независноста на Република Македонија во 1991 година, македонскиот јазик доби уставен статус како државен јазик, што го утврдува како основен носител на македонскиот идентитет. Така, македонскиот јазик стана јазик и на дипломатијата,меѓународната соработка и научните размени,играјќи клучна улога во афирмацијата на Македонците на меѓународно ниво.
Македонскиот јазик, како адаптабилен социолингвистички систем и живо сведоштво на духот на народот,се менува со одминувањето на времето, но останува јадрото на нашата културна меморија, историска самопотврда и државна самобитност. Од АСНОМ до денешен ден, тој ја отсликува суштината на нашето колективно постоење.Тој е коренот што нè врзува со минатото и ѕвезда водилка што нè насочува кон иднината.
„Таква милост кон нашијо народен јазик требит да имаме и није, ако сакаме да останиме верни на дуoт на нашите предедовци. Милоста кон народнијо јазик јет наш долг и наше прво. Није сме должни да милуаме нашијот јазик, зашчо тој јет наш, исто така, као шчо ни јет наша таткоината ни.“ – Крсте Петков Мисирков