Во Словенија од почетокот на годината стапува на сила нов закон со кој на вработените што се приближуваат до пензионирање им се овозможува скратено работно време. Правото ќе го имаат лица постари од 58 години или со најмалку 35 години работен стаж, кои ќе можат да изберат или слободен петок, или шестчасовно работно време. Министерството за труд потврди дека се подготвуваат подзаконски акти за целосна примена на новите правила.
Законот го воведува и моделот „80-90-100“, според кој работниците работат 80 проценти од времето, добиваат 90 проценти од платата, а придонесите им се пресметуваат како да работат полно работно време. Моделот се темели на искуствата од Исланд, Ирска и Германија, каде што се покажал како успешен, а слични позитивни резултати веќе се забележани и во пилот-проекти во словенечките технолошки компании. Владата најавува дека, доколку мерките дадат ефект, можно е понатамошно олеснување на трудовата регулатива до 2028 година.
Покрај тоа, законот носи повисоки бенефиции за невработените од 2026 година, зголемени минимални плати за ученици, студенти и учесници во јавни работи, како и дополнителни стимулации за вработување лица над 59 години. За пензионерите се зголемува дозволениот број работни часови месечно од 60 на 85, со што им се овозможува и повисок годишен приход. Владата оценува дека овие мерки ќе придонесат за поголема социјална сигурност и пофлексибилен пазар на труд.