Соопштението на „Сите за Палестина“ го пренесуваме во целост:
ПРОТЕСТНА НОТА по повод потпишувањето на Рамковен договор за соработка меѓу Археолошкиот музеј на Република Македонија, Управата за заштита на културното наследство на Република Македонија и израелскиот завод за антиквитети.
Ви се обраќаме во однос на срамното потпишување на Рамковниот договор за соработка меѓу Археолошкиот музеј на Република Македонија, Управата за заштита на културното наследство на Република Македонија и израелскиот завод за антиквитети, во израелскиот парламент во Ерусалим.
Во Вашата објава од 23 февруари 2026 година, гордо кажувате дека „Овој договор претставува повеќе од институционален чин — тој е стратешко партнерство засновано на доверба, знаење и заедничка посветеност кон заштита, истражување и презентација на археолошкото наследство.“
Настрана плиткоста изразена во непрофесионалната и неоснована еуфоричност на Вашата објава по повод потпишувањето на овој договор, принудени сме да Ви посочиме дека израел во светски рамки веќе е препознат како геноциден ентитет кој со децении активно, а во последниве години бескрупулозно и интензивно го ништи палестинскиот народ и неговото културно наследство. Оттука, секаков вид на соработка во доменот на науката, културата и историјата со овој геноциден ентитет е доказ за Вашата морална хипокризија и за отсуството на каков било научен и политички интегритет.
Ова е дополнително поткрепено со Вашето бесрамно претставување во јавноста рамо до рамо со израелскиот министер за наследство и крајниот десничар Амичаи Елијаху, чиишто отворени изјави за изгладнување на Палестинците до смрт и за фрлање нуклеарна бомба врз Газа наидоа на строга осуда од меѓународната заедница.
Исто така, Ве потсетуваме дека како установи и институции на државата кои се застапници на културата, науката, историјата и образованието, имате должност да почитувате одредени одредби и закони, но и да сте во тек со моменталните воени операции и економски интереси во кои е инволвиран Вашиот таканаречен стратешки партнер. Од мноштвото факти ги издвојуваме следниве:
Нашата држава е потписничка на Женевските конвенции. Според членот 53 од Протоколот I од Женевските конвенции, секое намерно уништување на културните објекти и храмови се смета за воено злосторство;
Нашата држава ја има потпишано и ратификувано Хашката конвенција за заштита на културните добра во случај на вооружен судир; член 4 бара државите „[да се воздржат] од каков било непријателски чин, насочен против културни објекти“;
Според извештаите на Палестинското министерство за култура, од почетокот на геноцидот во Газа до февруари 2024 година биле убиени 44 лица од областа на уметноста и културата, а околу 200 историски згради, вклучително и 12 музеи, биле оштетени или уништени;
УНЕСКО прави тековна проценка на штетата предизвикана за време на израелскиот геноцид врз палестинскиот народ. УНЕСКО потврди дека во периодот од 7 октомври 2023 година до 20 јануари 2026 година е направена штета на 150 локации, односно на: 14 верски објекти, 115 згради од историски и/или уметнички интерес, 3 складишта на движен културен имот, 9 споменици, 1 музеј и 8 археолошки локалитети. Конкретни и детални информации ќе најдете тука: https://www.unesco.org/en/gaza/assessment.
Со бесрамната одлука да потпишувате договори со институции на геноциден ентитет без притоа на каков било начин да ја поткрепите Вашата одлука со научна и политичка аргументација, го изгубивте својот кредибилитет, а со тоа и довербата на граѓаните.
Затоа бараме: веднаш да се укинат потпишаните договори и меморандуми за соработка со израел;
да се прекинат сите отпочнати проекти со институции од геноцидниот ентитет израел;
да се даде јавен отчет за сите досега сработени проекти, со јасна и транспарентна евиденција на сите споделени материјали, како и отчет за карактерот на сите идни планирани соработки.
Инсистираме на итен одговор на нашите барања.
Доколку не нè удостоите со соодветен одговор, покрај јавната осуда и подбив, ќе се соочите и со јавен бојкот.
Викате дека „културното наследство останува наша заедничка одговорност.“ Ние бараме одговорност за вашите постапки.