Фото: Фејсбук/Стопанска комора
Реакцијата на ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД за најавата на Стопанската комора за кратењето на бројот на празници ја пренесуваме во целост
Стопанската комора вчера на прес конференција најави дека ќе достави предлог-измени на Законот за празниците со цел бројот на неработни денови поради празници би се намалил на 13 годишно а празниците што се паѓаат во недела повеќе не би се префрлале како неработен ден во понеделник, тврдејќи дека со тоа „ќе се зголеми продуктивноста и ќе се помогне на економијата“.
По најавата на Министерството за здравство за намалување на основното боледување дадено од матичен лекар од 7 на 5 дена, ова претставува уште еден обид на мала група моќници дополнително да ги загрозуваат правата, егзистенцијата и квалитетот на живот на работниците во Македонија.
Наместо во јавноста да се пласираат теми за недоволното почитување особено во приватниот сектор на веќе постоечките права кои работниците ги имаат само на хартија, според Законот за работни односи, меѓу кои најистакнати се: поголеми дневници за сабота/недела/празници, плаќање на прекувремена работа, плаќање на минат труд, право на годишен одмор, жени кои остануваат без продолжен договор откако ќе кажат дека се бремени, исплаќање на регрес за годишен одмор итн итн, од страна на Владата и стопанските комори се инсистира на нивно бришење за да нема законски одредби да прекршуваат.
Наместо државата да застане на страната на граѓаните и да обезбеди бескомпромисно почитување на веќе постоечките работнички права, се прават обиди истите и законски (на хартија) да се укинат во име на „продуктивност и економијата“, додека реалноста е дека „продуктивноста“ на работниците НИКОГАШ нема да биде доволна за газдите и тие секогаш ќе сакаат да исцицаат повеќе.
Уништувањето на животната страна од страна на големи мултинационални корпорации и драстичното намалување на правата на работниците како и огромен број на социјални права не се одвоени процеси туку се заемно поврзани и претставуваат директна последица на неолибералниот капитализам и токму затоа е должност на секој граѓанин да реагира за да се спречат вакви предлози кои се ужасни по добробитта на граѓаните.
Работниците во државава не само што работат во лоши услови и без почитување на постоечките права, туку сега се ставени во ситуација да бидат уште поугнетени, поексплоатирани и уште поуморни и поодделени од своите блиски, а тоа неминовно не може да доведе до ништо повеќе од помала продуктивност, влошено здравје и уште поголемо незадоволство – целосна, историски докажана спротивност на она што робовладетелската комора бесчувствително тврди дека ќе го постигне. Економијата ја движат исклучиво работниците, па нека каже комората каква економија ќе добие со незадоволни работници? Каква економија ќе добие со уморни и лути работници?
ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД ги повикува Владата и пратениците, конечно, наместо да слугуваат на интересите на мала група моќници да застанат со мнозинството граѓани од кои земаат плата во одбрана на нивните интереси и едногласно да го одбијат овој предлог на Робовладетелската комора. Државата мора да биде алатка за заштита на работничките права и на квалитетот на живот на граѓаните во секоја област, без отстапки. Добросостојбата на луѓето и животната средина е целта на постоењето на државата воопшто, како систем на организација. Тука не смее да има компромис!!!
А за помпезните изјави од страна на оваа Робовладетелска комора дека граѓаните ги користат празниците за да одат во странство и таму да ги трошат парите и дека со тоа ја повредуваат домашната економија, би им препорачале едно нешто: Пред да се фатите за мизерните 300 евра што едно семејство ќе ги потроши во странство, видете прво колку милиони евра одлеваат надвор токму вашите многу драги членки (ќе погледнеме дискретно кон ТИТАН Усје), кои воедно ги експлоатираат природните ресурси за скоро ич пари и притоа ја загадуваат животната средина и ги трујат жителите!
Државата нема право да им кажува на граѓаните каде да ги трошат своите пари, меѓутоа има ОБВРСКА да вложи во заштита на природното и културното наследство на нашата територија, да вложи во бескомпромисна заштита на животната средина, да вложи во одржлив и еколошки развој, а со тоа да ги поттикне граѓаните да ги посетуваат убавините на нашата земја – знаејќи дека тие убавини се заштитени, дека шумите не се исечени, дека културното насилство е реставрирано и чисто, и дека граѓаните се задоволни и мотивирани да ги посетат убавините кои ги нуди овој природен регион, наместо да ги држи граѓаните во постојано незадоволна и сиромашна состојба, и континуирано да ја уништува животната средина и да го запоставува културното наследство. Државата да ги исполни своите обврски пред граѓаните кои ја финансираат!!!