Фото: Приватна архива
Која е разликата меѓу модерните генерации растени во дигиталната и глобална ера и оние кои растеле во втората половина на 20 век? Зошто во Македонија царува „партиската книшка“, најпознат народен јунак е Итар Пејо кој вешто го мајтапи системот, а голема семејна драма е кога триесетгодишник ќе каже дека сѐ уште не сака брак и традиционален живот со патријархална хиерархија? Овие нешта навидум немаат ништо заедничко. Првото е политика, второто е фолклор, а третото е личен избор. Но, под површина, сите тие имаат ист корен: нашата незавршена транзиција од племе кон држава, односно од земјоделско кон индустриско-технолошко општество.
Историјата ги натерала нашите предци да гледаат на државата како на непријател кој зема даноци, силува и пали куќи. Единствената култура на колективно организирање била таа во малите селски задруги, без потреба од сложена бирократија, геополитички познавања или професионална услуга. После 1945 сме влегле во модерните времиња, сме се преселиле од селата кон градовите, од племето кон државата, но со себе сме го понеле и стариот племенско-поглаварски менталитет – уверувањето дека поединецот не вреди ништо сам по себе, страв од ,,чаршиското мислење”, малограѓанштината, корупцијата, непотизмот и партизацијата.
Модерниот човек кој живее на Балканот лесно може да осети дека општеството сака да функционира според хипер-индивидуалистичкиот 21 век, а нашите балкански корени се наоѓаат во колективизмот на 19 и 20 век. Генерацијата на нашите предци кои ги задесила Втората Светска војна живееле во предмодерно и земјоделско општество. Таму нема технологија, индивидуализам, критичка мисла или јавна администрација, а основната клетка не е поединецот, туку родот, семејството и задругата. Менталитетот е племенски, а не државен. Државата (прво Отоманската империја, а потоа Кралство Југославија) била доживеана како туѓ угнетувач, а не како татковина и јавен сервис. По 1945 овие генерации добиваат држава, но таа се гради „одозгора надолу“ – преку партиски и државен апарат, без постоење на автономна граѓанска, политичка или економска класа која би барала политички, индивидуални или работнички права. Токму ова е наш голем хендикеп кога се прашуваме зошто денес немаме добра држава.
После војната, под налетот на индустријата, доаѓа до масовна миграција село-град. Но, градовите и државната бирократија немале капацитет, ниту време, културно да асимилираат голема бројка на население. Наместо урбанизација, настанал процес на рурбанизација: луѓето влегле во становите и фабриките, но со себе го понеле селскиот менталитет, патријархалната хиерархија, стравот од промени и од мислењето на „комшиите“. Овие генерации не учеле како се менаџира држава. Добиле сигурна работа, образование, стан и здравство, но не и политичка, економска и индивудална иницијатива потребна за само-корекција на институциите. За тие генерации животот сѐ уште се водел по стариот образец, комбиниран со новата социјалистичка држава: школо, државна работа, брак до 25-та година, деца и пензија. Социјализмот го наметнал својот светоглед, но никогаш ги немал моќта и времето преку ноќ да го смени вековно градениот племенско-поглаварски менталитет.
Поновите генерации живеат во глобален свет, но во локален кафез. Пораснавме во ерата дива транзиција, криминализам и дигитална револуција. Преку интернетот, книгите и глобалната култура добивме постмодерен и индивидуалистички ум – сакаме самоактуелизација, психолошка автономија, слобода на избор и животна смисла надвор од традиционалните рамки. Накратко речено – го добивме синдромот на цивилизацијата и станавме „премногу цивилизирани” буквално преку ноќ, без државата и институциите да можат да го пратат тоа. За разлика од нашите врсници на Запад, ја немавме нивната политичка, институционална или економска основа која нашите желби и барања ќе ги трансформира во нов општествен поредок. Тоа е како на хардвер од 19 и 20 век, да се инсталира софтвер на 21 век.
Оваа историска транзиција на Запад ги влече своите корени уште од средниот век. Започнува како нужност за заштита на приватната сопственост, бизнисот и градската автономија. Уште во 13-17 век се создава каква-таква граѓанска класа која можела да го замени племето со закони и ефикасни бирократии за да може да тргува и преживее, а се појавиле општествени класи кои учат за слобода и демократија век по век. Во наредните историски етапи, Западот поминува низ ренесанса и просветителство, индустриска револуција и научна револуција, појава на капитализам, колонијализам и многу војни каде просечниот човек морал да го замени племенско-поглаварскиот менталитет со тој на државата и законите за да опстане и се снаоѓа. Таму граѓанинот ја создал државата и ја контролира. Кај нас државата го создава граѓанинот и се обидува да му го „фати крајот“, но, гледаме дека тешко ѝ оди.
Така, кога доаѓа до бунтовите во 1968, на Запад веќе имало создадени соодветни институционални, политички и економски сили кои успеале да направат нов општествен поредок. Имено, познато е дека до 1960тите дури и Западот бил доста конзервативен, при што поединците морале да се покоруваат на институциите и традиционалниот живот. Овие бунтови трајно ги промениле културните норми и го ослободиле поединецот од пресилните колективни стеги. Зајакнале личната слобода и феминизмот, сексуалноста престанала да биде табу и се отфрлил слепиот авторитет. Младите сакале да живеат според сопствен избор, а не според очекувањата на „чаршијата“, родителите или државата. Денес гледаме дека цената што се плаќа за оваа слобода е длабока осаменост и оттуѓеност.
Југославија во 1968 протестирала против црвената буржоазија, гломазниот бирократски систем и социјалните проблеми. Но, на Балканот не дошле вистински промени, туку тој процес останал недовршен и трае до денес во потивка форма. СФРЈ се распаднала, а во екот на транзицијата дошло до невиден криминал и дива приватизација. Ние денес живееме во пост-транзициски хаос: во исто време имаме дигитална технологија, глобален пазар на идеи и постмодерни дилеми, но тие се изградени врз племенско-партиски институции и менталитет, недовршени урбанизација и модернизација. Поединецот е отиден во 21 век, но колективот заостанува некаде измеѓу. Економската стагнација ги остава модерните и постарите генерации под ист покрив, па стариот менталитет и традициите притискаат, а цената е идентитетски расцеп и чувство на вина.
Модерните држави на Балканот се увезени идеи, независно дали како инспирација или копирање на готов нацрт. Без индустриска револуција и силна буржоазија, без самосвесна работничка класа – интелектуалци школувани во странство ги донеле уставите, законите и институциите уште во 19 век, па ги залепиле врз општество кое функционира со менталитет на селото и милет системот. На Балканот времето се мерело ала турка, каде денот започнува со изгрејсонце, а завршува со зајдисонце, соодветно за земјоделие и сточарство. Но, со модернизмот доаѓа време ала франга (механичко, часовно време), време на фабриката, железницата и бирократијата. Можеби затоа сѐ уште просечниот балкански граѓанин има проблем со државата и државата има проблем со него. Ниту тој ја создава неа, а ниту таа знае како да го создаде него. Самата држава е увезен софтвер инсталиран на стар хардвер. Државата е ала франга, наметната однадвор, но ние сакаме да живееме ала турка – без брзање, постојано во кафулиња и кафеани, да успеавме со мито и врски и го гледаме само својот двор.
Се вели човекот ќе го извадиш од селото, но не и селото од човекот. На Балканот всушност проблемот е поголем – живееме во постмодерно време, но историјата која влече корени од сосем други времиња не е излезена од нас. А, ние веќе сме натрупани неколку генерации кои пораснале со „неизлезена“ историја од нас. Она што се случува на македонската генерација Z веројатно се случувало и на претходните генерации уште од крајот на 19 век – приморани на промени и неспремност за истите.
Поради нашиот племенско-поглаварски менталитет живееме со сфаќањето дека партијата е новото племе. Граѓанинот не верува во закони и држава, ги гледа како ала франга изум, па бара заштита во племето. Државата е немоќна и не е создадена од него, па едноставно не му верува. Самата држава не е држава туку племенско-партиско племе кое граба од буџетот и институциите. Политичкиот лидер е племенски поглавар кој дели ресурси на своите „феудалци“: вработувања, тендери и буџети. Корупцијата не се сфаќа како девијација, туку како стар морал. Во поглаварството да му помогнеш на роднината е највисока морална должност. Во модерната држава тоа се вика непотизам, криминал, корупција и партизација. Тоа е совршен опис на изреката од Антонио Грамши: стариот свет умира, а новиот тешко се раѓа. Сега е време на чудовишта.
Стефан Манов, дипломиран наставник по историја.
Ставовите искажани во рубриката „Блог“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на „Работнички Глас“