Фото: Приватна архива
Да се живее значи да се биде под притисок. Секој жив организам на овој свет е распнат помеѓу потребата да преживее или исчезне, да се бори или да биде соборен, да јаде или да биде изеден. Тоа е фундаментално биолошко правило кое важи за сите живи организми – од клетките на дното во океанот до луѓето качени на месечината. Во 21 век, во едно огромно и гломазно, глобално, технолошко и сложено хиерархиско општество овој факт е тешко видлив поради преголемиот цивилизациски развој постигнат во последните 10 илјади години – од појавата на земјоделската револуција па до вештачката интелигенција. Но, независно од тоа каква е нашата технологија или цивилизација, единствената биолошка смисла на овој свет е преживувањето. Да се преживее по секоја цена – тоа е најдлабоко вкоренета равенка во генетските структури на живите организми.
Во биологијата постои закон кој вели дека секое живо суштество се стреми да потроши што е можно помалку енергија за да добие што е можно повеќе ресурси за опстанок. Тоа значи дека лавот нема да трча по најбрзата антилопа ако во близина има некоја што е ранета и бавна. Или дека човекот во камено време кој ретко наоѓал благи плодови, кога ќе најде такви ќе се најаде што е можно повеќе и потоа ќе гледа да ја штеди енергијата за во иднина. Во таа еволуција нема ништо лошо или добро – тоа е едноставно нешто против кое не можеме. Но, префрлено во модерните бирократски балкански општества, ваквиот принцип станува државен и бирократски хорор.
Во држава како Македонија или нејзините соседи, каде партијата и корупцијата нудат најлесен опстанок, а приватниот сектор сѐ уште не е развиен како што треба, човекот кој „трча“ во партија или дава мито за да се вработи нема да размислува за моралните, етичките и социјалните принципи за добра заедница. Напротив, префронталниот кортекс под притисок од егзистенцијалниот страв ќе размислува: „Ако влезам на државно ќе имам сигурна плата и придонеси, нема да ме избркаат и ќе можам да го прехранам семејството“. Од аспект на чиста биологија – ова е совршено рационално однесување. Во средина која е длабоко корумпирана, партизирана и вековно газена, оние кои се корумпираат и тргаат самите да газат всушност најдобро се адаптираат на реалноста.
Но, ако е толку легитимно, зошто чувствуваме одбивност кон ваквото однесување? Затоа што тука се судира поединецот со колективот, односно индивидуалниот опстанок со оној на племето или егоизмот со алтруизмот. И двете имаат смисла од био-еволуциски аспект. За поединецот партиското вработување или корупцијата може да се нормални, но за заедницата (државата) тоа е катастрофа, бидејќи кога илјадници луѓе ќе влезат на места не поради заслуга, туку поради послушност, системот гние и целото племе може да пропадне (училишта назадуваат, болници не функционираат, јавни површини се загадени).
Човекот е социјално, хиерархиско и политичко суштество, а неговата најголема супермоќ е нашата способност за учење и соработка во големи бројки. Но, човекот е таков затоа што така еволуирал, не затоа што свесно одбрал, а еволуираните механизми под нашата кожа често знаат да станат анахрони појави кои се корисни во одредена фаза од еволуцијата, но стануваат излишни во иднина. Најсигурната еволутивна адаптација во средина која често се менувала во последните стотици илјади години е научената способност за постојано учење, комуникација и соработка со другите. Така, најверојатно, во нашите нервни системи ,,стасале” алтруизмот и егоизмот како две сили кои биле потребни на одредена еволутивна фаза, но доколку не се свестиме за нив и не ги контролираме може да станат кочници во одредени историски ситуации. Умешноста на колективното живеење значи да се прави баланс меѓу тие две. Едното преовладува во кризни, другото во помирни периоди.
Се поставува прашањето: зошто Македонија и сличните земји на нас не реагираат и не прават промени, иако знаат дека лошите поединци можат да го уништат целото племе? Затоа што не е така едноставно. Од земјоделската револуција па наваму, човештвото живее во класно поделени општества, со строга хиерархија и централизирани институции. Овие системи зависат од човечката природа, политика, економија и бирократија. Тие не паднале од небо, туку се резултат на вековно градени историско-социолошки и био-еволутивни шеми. Ние не реагираме не затоа што не сакаме, туку затоа што сме заглавени во систем поголем од нас самите. Наследивме општество зависно од другите, заробено во постојан општествен договор за преживување, а не за развој.
Европските држави кои денес ги нарекуваме „функционални“ своите институции ги граделе низ векови сурови војни, револуции и внатрешни крвави судири. Поминале низ процеси кои нашите предци не можеле ни да ги замислат. Низ тие процеси сфатиле дека ако немаат меритократија, соседниот крал ќе ги уништи. Нивната географска, историска и социолошка траекторија им наложила „луксуз“ да мораат да изградат функционален систем ако сакаат биолошки да опстанат. Македонија, од друга страна, поминала векови под туѓи империи (Римска, Византиска, Османлиска, па децении во разни балкански и југословенски поделби). Во такви макро-историски услови, локалното население не учи како да управува со државата, туку како да преживее покрај државата. Македонецот не станал ,,Итар Пејо” затоа што е многу духовит, исто како „Европеецот“ што не станал човек на системот затоа што е роден со подобар осет за заедништво. A, нашиот биолошки опстанок од нас го барал токму тоа – да станеме Итар Пејо.
Кај нас државата историски се доживувала како туѓо тело кое граба и уништува, зема даноци и регрутира војници. Во таква ситуација да се биде Итар Пејо кој ќе ја зафркне државата или ќе биде способен за мимикрија е најдобра стратегија за преживување. Давањето мито, крадењето или влегување под закрила кај локалниот паша не се одлики за Македонија конкретно. Тоа се био-еволуциски механизми кои ги има и кај останатите приматски суштества, односно нашите најблиски роднини – шимпанзата. Тие се постари од нашите цивилизации и за човек да ги скроти се потребни сложени историски процеси кои голем дел од светот не ги поминал. И кога конечно сме добиле независност во 1991 или 1945 година, народот и елитите едноставно го примениле истиот механизам: пашата бил заменет со партискиот лидер, а државата останала плен кој треба да се исцица. Плус, Македонија како земја која била крстопат на цивилизации, туѓи интереси и разни завојувани империи, никогаш не била оставена да биде своја, туку секогаш била предмет за пазарење. Дури и кога ќе почнела да гради нешто од себе, историската судбина го рушела тоа и ја терала постојано на нови почетоци, делби и поделби.
Зошто системот не се самокорегира? Затоа што оние кои имаат моќ за промени немаат економски интерес да го направат тоа. Во Македонија партиската бирократија е најголемиот работодавач и двигател на економијата. Тоа е совршено затворен круг: партијата вработува и дава тендери, луѓето гласаат за да преживеат најлесно, партијата доаѓа на власт и ги полни институциите со послушници и го контролира буџетот, а ако некој се обиде да воведе вистински реформи тој ќе треба да изневери илјадници партиски војници и тендераши. Тоа значи губење на следните избори. Од економски аспект ние сме дизајнирани да ја одржуваме сопствената нефункционалност, бидејќи за повеќето наши влади, вистинските реформи би значеле сигурна политичка смрт.
И кога сето ова се случува, несоодвените поединци кои ги зазеле институциите, го активираат механизмот на негативна селекција. Еден неспособен директор никогаш нема да вработи супериорен и вреден млад човек, исто како што лавот нема да ја брка најбрзата антилопа. Таквиот младич ќе значи закана за сите во таа институција. Во „нормално племе“ кога ќе се појави ваква аномалија, младите и способни би се побуниле. Но, тука стапува на сцена модерниот вентил на глобалното општество: емиграцијата. Наместо да трошат енергија и го поправаат расипаниот систем во Скопје, Тетово или Битола, најспособните се пакуваат и одат во странство. Остануваат само партиските послушници и оние кои немаат избор. Племето има потешкотии да реагира затоа што најздравиот и алтруистичен дел од него си оди.
Народот во Македонија направил биолошки рационален, но општествено ризичен компромис: системот е лош, здравството е лошо, образованието паѓа, но јас и моето семејство да се снајдеме преку врски, приватно или партиски. Или како вели една позната народна изрека: „Мојот Стојанче да си дојде“. Тоа значи преживување на ниво на микро-единка, додека макро-единката (државата) полека атрофира. Секако треба да бидеме свесни и имаме разбирлив пристап кон ваквата реалност, затоа што сѐ што досега сме станале, сме станале затоа што на одредена историска фаза тоа ни помогнало да преживееме. И со почит кон иднината која од нас дефинитивно ќе бара промени.
Стефан Манов, дипломиран наставник по историја.
Ставовите искажани во рубриката „Блог“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на „Работнички Глас“