Фото: Приватна архива
Во науката долго време постојат дилеми дали човекот е роден како tabula rasa (празен лист) при што надворешните фактори го диктираат животот, или се раѓа со претпрограмирани генетски, морални и општествени норми. Вистината е на средина. Човекот е раѓа со одреден генетски код, но под влијание на средината, гените може кај различни генерации различно да се изразуваат. Се раѓаме со одредени морални градежни блокови, но од културата зависи колку тие ќе бидат доградени. Се раѓаме со одредени општествено-политички норми, но од воспитанието, образованието и организираната заедница зависи колку тие ќе бидат доразвиени. Тука е секако и личниот избор – нашата способност свесно да избираме како ќе го живееме животот, какви одлуки ќе носиме и како ќе го поминуваме слободното време.
Во 2026 година Македонија ја наоѓаме како полу-распадната држава. Без тенденција да претераме со критиката, слободно можеме да кажеме дека Македонија може подобро отколку досега. Вистина е дека можеби има и полошо од нас, но доколку човекот се теши со полошото најверојатно уште ќе живеевме во камено време. Релативизацијата на проблемите ќе нѐ одведе до степен каде би можеле да се прашаме: ако еден ден сите умреме, зошто се трудиме да живееме? Голи дојдовме, голи ќе си одиме? Зошто да работиме за подобрување на нашите држави, градови, компании, семејства и на нас самите? Оттука се поставува прашањето: дали Македонија и Македонците не можат да изградат добра држава и не знаат како, или едноставно не сакаме? Како најочигледен пример за критичка мисла ќе го искористиме ѓубрето, дивите депонии и уништувањето на природната средина на која сите сме сведоци во последните 20-30 години.
Македонија е полна со ѓубре, шут и отпад. Не така одамна, пред локалните избори, Скопје беше полн со неисчистени контејнери и глодари. Сведоци сме на уништени паркови, дивоградби, диви депонии, дворови на државни институции полни отпад, но и треба да признаеме дека сите понекогаш знаеме да фрлиме ѓубре онаму каде не му е местото. Дали за ваквиот потег е виновен поединецот или заедницата? Повторно, вистината е некаде на средина, а дилемата за староста на јајцето или кокошката никогаш нема докрај да се разреши.
Наместо да прашаме зошто немаме добра држава, сега ќе прашаме – зошто имаме толку многу ѓубре? Зошто немаме свест за чистење на ѓубрето? Толку ли човекот во Македонија (независно дали е политичар или обичен граѓанин) нема осет дека треба да живееме во чиста околина? Па луѓето не се ѕверови (иако знаат да прават злодела), повеќето сакаат да живеат во чиста средина. Секој што е одговорен за фрлен отпадок или негово чистење ќе каже дека другите се виновни, или евентуално дека тој загадил затоа што сите го прават тоа. Ова може да се однесува и на оние што ја водат државата. Никој државник од 1991 наваму нема да каже дека свесно и намерно ја партизирал и корумпирал државата, уништил институции и дозволил дивоградби. Секој ќе рече дека сакал да направи добро, да ја води заедницата кон подобра иднина, а можеби и искрено верува во тоа. Кога велиме дека луѓето се властољубиви и желни за моќ, тоа секогаш го велиме за другите, никако за себе. Дури и кога ние сме тие што ја држат сета власт. Истото важи и за фрлањето ѓубре.
Проблемот со ѓубрето во Македонија не е биолошки, етички или социјално-морален проблем. Тој е системски, технички и бирократски. Според некои научни теории, човекот се раѓа со „градежни блокови на моралот“, односно луѓето не се родени како ѕверови, а моралот не е само тенок слој на култура намачкан врз нашите нагони и инстинкти. Човекот е ѕвер, но човекот е и пријател, соработник, брат, сестра и реципрочно суштество. Ако човекот не бил кооперативно и пријателски настроено животно, сѐ уште ќе сме живееле на гранките. Ако нашите предци во камено време биле себични поединци кои не се грижеле за заедничкиот простор и племето, ќе изумреле. Нашата психологија сѐ уште мисли дека живееме во камено време. Ние сме како подвижни праисториски архиви. Тоа значи дека долгата еволуција во човекот всадила одредени алатки за преживување: способност за емпатија, реципроцитет, грижа за заедницата и срам од групата. Поради нив сме успеале да опстанеме преку стотици илјади години, долго пред појавата на земјоделското или индустриското општество. Тоа е нашето фабричко подесување чии основи ги носиме од раѓање.
Како и сите други, Македонците се луѓе, а нашето родно место не е нужно Македонија, туку мајката природа (истото важи за сите национални држави низ светот). Тоа значи дека и ние имаме вроден капацитет за чистота, морал и заедништво. Каде е проблемот? Токму во нашите култури, општества и државни норми. Културата е оној „тенок слој“ кој редовно се менува низ историјата. Поради нашата свест и совест, како и нашата способност да го користиме јазикот како напредна технологија за да се изразуваме себеси и соработуваме во големи бројки, човекот успеал да создаде сложени култури кои ќе го обликуваат менталитетот на поединците соодветно потребите на времето. Каков менталитет обликува Македонија денес? Ѓубреџиски или еколошки?
Човекот носи вроден морал за чистота, но зошто тој не функционира кај нас? Најмногу поради системски причини. Ако еден град нема доволно контејнери, ако тие не се празнат редовно или нема канти за рециклирање отпад, системот го принудува човекот да го прекрши својот вроден код. Човекот сака да биде чист, сака да биде морален, но кога контејнерот е преполн, кога сѐ е искршено и руинирано, кога гледа дека сите се корумпирани и цинични, дека кучиња го развлекле ѓубрето, тој губи мотивација и го фрла ќесето во реката. Кога немаме соодветна инфраструктура и имаме вакви технички проблеми, доаѓа до синдромот на скршен прозорец: ако на никого не му е грижа, зошто јас да бидам будала и се грижам за ѓубрето, за државата и за урбаниот изглед? Рековме дека човекот има еволутивен механизам за реципроцитет – соработува кога гледа дека и другите соработуваат искрено и чесно. Но, ако секој се однесува своеволно, а државата тоа не го казнува, што тогаш? Тогаш биолошката основа за соработка и реципроцитет пропаѓа.
Секој човек, насекаде, знае да прави ѓубре и се однесува деструктивно. Тоа не е македонска изолирана појава. Светот би бил многу подобро место за живеење ако луѓето се ангели, но не сме. За да опстанат моралот и чистотата во едно големо општество каде не се познаваме сите лично, мора да постои казнување од трета страна (институциите) и соодветно образование. Човекот низ неговата долга историја живеел без закони, ред и редослед. Прилично е краток периодот на цивилизацијата онаква каква што ја знаеме од историските учебници. Човештвото сѐ уште учи како да воспостави ред, поредок, закони и соработка кои ќе нѐ штитат дури и од нас самите, нашата деструктивна природа. Ако историјата на човештвото е стара 60 секунди, историјата на Македонија трае дел од стотинката. Ако фрлањето шут не се казнува, тогаш оние кои немаат развиена свест (себични поединци кои ги има во секој биолошки вид) го диктираат однесувањето. Зошто нема казни? Затоа што администрацијата и инспекторите не функционираат. Зошто не функционираат? Поради преголема партизација, корупција или бирократска неспособност.
Одговорните институции или државници знаат да кажат дека народот е таков и немаме култура. Но, кој е тој човек што ќе го прифати овој одговор? Зарем човекот кој преживеал стотици илјади години долга еволуција се раѓа неспособен да учи, да се само-корегира и подобрува, дури и кога греши и навистина нема култура? Кога одговорната институција ќе ја префрли топката кај менталитетот на народот едноставно сака да каже дека тие не успеале да организираат ефикасни јавни претпријатија, да набават камиони, да постават закони за депонии и ги задолжат инспекторите да пишуваат казни. Како тоа кога Македонецот ќе отиде во Швајцарија одеднаш рециклира ѓубре и не фрла шпорети во езерата? Таму не ни се менува биологијата, туку системот ни дава можност да го слушаме својот внатрешен компас, а во спротивно добиваме казна. Нашиот проблем е институционален, бирократски и менаџерски. А, тоа е затоа што нашата историја досега не создала државен континуитет и институционална меморија. Но, тоа е друга тема.
Стефан Манов, дипломиран наставник по историја.
Ставовите искажани во рубриката „Блог“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на „Работнички Глас“