Фото: Фејсбук
Стопанската комора најави дека наскоро до Министерството за економија и труд ќе достави предлог-измени на Законот за празниците, со кои бројот на неработни денови индиректно би се намалил на 13, а празниците што се паѓаат во недела повеќе нема да се префрлаат како неработен ден во понеделник.
На оваа најава следуваа низа остри реакции од синдикатите, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов на Фејсбук напиша:
Стопанска комора зборувале да кратат празници, а да платат не им се слуша !
Додека пак Кристина Ампева од Гласен Синдикат на најавата на Стопанската комора одговори со анализа на социјалните мрежи која ја пренесуваме во целост
Кога веќе Стопанската комора реши да не споредува со Европа и да објаснува дека имаме многу празници, ајде тогаш да се споредиме со Европа до крај.
Не само таму каде што им одговара.
Во Македонија во 2026 година има 11 неработни празници што важат за сите граѓани.
Оние фамозни големи бројки на празници што денес се споменуваат во јавноста не значат дека еден работник има толку многу слободни денови. Туку се ставени и празници што важат за различни верски и етнички заедници. Кои во приватниот сектор не се ни даваат. Најголем процент. А не се ни плаќаат.
А кога веќе правиме споредби, ајде да видиме и како е во други земји.
Романија има 16 празнични датуми.
Бугарија 15.
Чешка 13.
Словенија 13.
Шведска 13.
Франција 11.
Ајде сега да споредиме и нешто друго.
Колкава е минималната плата?
Кај нас е околу 626 евра бруто.
Во Хрватска е 1.050 евра.
Во Словенија 1.278.
Во Франција 1.823.
Во Германија 2.343.
Во Ирска 2.391.
Во Луксембург 2.704 евра.
Па кога веќе бараме да бидеме како Европа, ајде и тука да бидеме како Европа.
Ајде да направиме и споредба колку компании кај нас навистина ја плаќаат прекувремената работа.
Колку ја плаќаат работата на празник.
Колку работници си го добиваат она што законски им следува, а колку само си молчат затоа што знаат дека ако се побунат утре може да останат без работа.
Ајде да направиме споредба и за бремените жени.
Колку жени остануваат без продолжен договор откако ќе кажат дека се бремени.
Колку се тргнати од работа токму во период кога најмногу им треба сигурност.
Не зборуваме за измислен проблем. Толку е присутен што Комисијата за спречување и заштита од дискриминација мораше да донесе општа препорака за заштита на жените од дискриминација поради бременост, раѓање и мајчинство.
И на крај, ајде да направиме една многу едноставна споредба.
Што може да си дозволи еден работник со својата плата?
Колку му останува откако ќе плати храна, струја, кирија или кредит, лекови, превоз, училиште за децата?
Колку семејства можат да живеат со својата плата и пресметуваат дали овој месец ќе има за се?
За тоа ретко слушаме споредби со Европа.
Европа не е само помалку празници.
Европа е и повисока плата.
Европа е платен прекувремен труд.
Европа е платена работа на празник.
Европа е заштита на бремена работничка.
Европа е достоинствен живот од сопствената работа.
Ако веќе ја земаме Европа за пример, ајде да не ја земаме само тогаш кога треба нешто да му се одземе на работникот.
Ајде да ја земеме цела!
Ако анализирате , анализирајте до крај, лепотани!, напиша Ампева на Фејсбук.