Фото: Принтскрин/Јутјб
Соопштението на ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД го пренесуваме во целост
По реакцијата на ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД за неажурноста и негрижата на институциите за причините и последиците од белата пена во Лепенец, од Град Скопје и од Државниот инспекторат за животна средина добивме повратен одговор, во некоја форма, но далеку од професионален и сериозен одговор од вакви јавни институции.
Имено, иако ДИЖС противзаконски, нема одговорено на барањето за информација од јавен карактер и го немаат јавно објавено извештајот како што ветија, за медиум изјавија дека „резултатите од мострите земени од Лепенец, што ги направила приватна лабораторија не покажале загадување од инсталации кои се во надлежност на Државниот инспекторат, односно индустриски капацитети со А интегрирана дозвола, за кои е надлежен ДИЖС“.
Од Администрацијата на Град Скопје пак, добивме одговор дека „Одделението за инспекциски надзор во животната средина на 24 јули 2026 година по пријава од страна на граѓани во врска со присуство и излевање на бела пена во реката Лепенец и реката Вардар изврши увид и контрола на индустриските капацитети во околината кои поседуваат Б-интегрирана еколошка дозвола и Елаборат за заштита на животна средина. Притоа беше констатирано дека белата пена од контролираните правни субјекти не потекнува од самата работа на истите“.
Со што се поставуваат следните логични прашања: Како може ниту Град Скопје ниту ДИЖС да не објават јавно кој е составот на пената и да информираат со кои суровини работат контролираните субјекти за да се осигураме дека навистина не потекнала од нив?!
Доколку белата пена не произлегла како резултат на работењето на индустриски капацитети со А интегрирана дозвола, ниту од работењето на индустриски капацитет со Б интегрирана дозвола или други капацитети под надлежност на градот, тогаш од каде се појави пената?
Бидејќи евидентно само јавен притисок успева да ги мотивира институциите за колку-толку да функционираат, јавно ги прашуваме:
-Кого криете?
– ДИЖС, зошто не го објавувате извештајот од земените мостри од Лепенец иако претходно ветивте дека истото ќе го сторите?
– ДИЖС и Град Скопје, кои активности ги имате преземено како надлежни институции за да се открие потеклото (и последиците врз живиот свет) на белата пена во Лепенец?
– Градоначалник Орце, рековте дека сте снимале со дронови за потеклото на пената. Каде се тие снимки и што има на нив па не ги ни спомнувате сега?
Рековте дека инспектори на градот веднаш излегле на терен. Што заклучиле, каде се записниците?
Рековте и дека екипи на Водовод земале мостри за анализа. Што се покажа на анализите и зошто не ги објавувате јавно?
– До сите македонски институции, дали следниот чекор ќе ви биде да се обидете да ја убедите јавноста дека белата пена во Лепенец всушност била дел од социопсихолошки експеримент на населението и дека сите сме подложени на колективна хипноза? Можеби пак ќе биде пена од авто-перална или шампон?