Фото: Фејсбук
Пишува: Екосоцијалистот и активист Драган Димковиќ
Овој текст, како и сите други, е напишан со многу труд, со повеќечасовни корекции, проверки и агрегации на факти и не е генериран од никаква вештачка интелигенција, туку со природната, која споменатите упорно ни ја навредуваат, притоа плукајќи ни во лице.
Да почнеме со „јавната расправа“.
Каква е таа јавна расправа во 14ч сред работна недела, кога граѓаните се или на работа или пробуваат да го преживеат жешкиот бран дома под клими? Каква е таа јавна расправа во јули, во ек на сезона на одмори?
Каква е таа јавна расправа со покани за едно лице кои стигаат во „спам“ на е-маил?
Поради ова активистите на ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД не можеа на време да земат слободен ден од работа и да присуствуваат на расправата, што и впрочем им беше целта, што помалку дојдеме – тоа подобро за нив.
Благодарение на преносот во живо од Стоп за Усје можевме барем виртуелно да присуствуваме.
Мислевме дека ова ќе биде уште еден про форма настан, а тие ни приредија фијаско што долги години ќе го паметиме.
Фијаско каде што им беше ЗАБРАНЕТО НА МЕДИУМИТЕ ДА СНИМААТ внатре? (По реагирање на новинари и активисти од Стоп за Усје подоцна беше дозволено да се снима) Некои експерти не сакале да бидат снимани? Молам? Дошле на ЈАВНА расправа и не сакаат да бидат снимани?!?
Тие истите експерти од ТИТАН Усје кои не одговорија комплетно на ниту едно прашање, а многу целосно ги избегнаа и „спинуваа“?
Тие истите ТИТАН Усје кои не пропуштаат прилика да се пофалат како тоа не загадуваат и како сакаат да го направат светот подобро место за живеење?!
Тие истите ТИТАН Усје, кои инфилтрираат нивни платеници на протести и на јавни расправи да ги фалат и воздигнуваат на ниво на безгрешни светци?
Тие истите ТИТАН Усје, кои имаат над 30 милиони евра профит на годишно ниво?
Тие истите ТИТАН Усје, кои имаат мерна станица поставена од општина Кисела вода, која одбива да ги сподели податоците во живо, со изговори(читај лаги) дека нема технички можности, а има неколку за тој модел
Тие истите ТИТАН Усје, кои имаат 12 емисиони точки, а континуирано мерат само на 2? И таму каде што мерат, мерат само 3 загадувачки супстанци (прашина, сулфурни и азотни оксиди)? И од тоа што мерат, го прикажуваат само просекот?
Тие истите ТИТАН Усје, кои имаат активна кривична пријава за загадување од страна на Град Скопје која седи во фиока во ЈО уште од 2023 г.?!?
Тие истите ТИТАН Усје кои плаќале многукратно помалку давачки на комунална хигиена зашто од страна на корумпирани службеници што ја злоупотребиле својата позиција им била противзаконски заведена помала квадратура на земјиштето од реалната?
И притоа директорот на КХС да не чувствува потреба да поднесе кривична против ТИТАН, иако истите противзаконски се стекнале со огромна добивка?!?
Има една стара наша поговорка, релевантна денес повеќе од било кога: Кај што не врти пара, врти многу пара.
А, ТИТАН ако има нешто, тоа се пари, многу пари.
Штом може ТИТАН да си купи службеници и директори на јавни претпријатија, зошто да не може градоначалници на општини, функционери, министри, пратеници? Резултати од лаборатории? Еколошки дозволи? Нов имиџ на општествено одговорна и зелена компанија? Секое со своја цена, нормално.
А директорот на Усје си ги покажа вистинските намери како планира да го загадува воздухот. Да гори што може повеќе ОТПАД! Не да работи Усје на гас, нормално, туку отпад да гори. Отпад од кој се ослободуваат екстремно токсични и канцерогени бензени, диоксини, фурани, јаглеродни диоксиди и моноксиди, како и ПМ честички, од кои Усје мери САМО ЕДНО НЕШТО – ПМ 10 честички.
Господа, на „лепе очи“ не веруваме веќе никому, поготово не на глобална мултимилијардерска групација со историја на скандали (меѓу кои е пресудата против цементара на ТИТАН во Египет во 2018 и конфискацијата на дел од имотот)!
И да се разбереме нешто: Ако јавно не мерите 24/7, нема ни да горите!
Продолжува…