Фото: Wikimedia
Сосема оправдано е да се каже дека станав социјалист на начин што донекаде наликуваше на начинот на кој германските пагани станувале христијани – со чекан ми беше всадено во главата. Не само што во времето на моето преобраќање воопшто не барав социјализам, туку и се борев против него. Бев многу млад и неискусен, не знаев речиси ништо, и иако никогаш дотогаш не бев ни слушнал за некое училиште на мислата наречено „индивидуализам“, со сето срце ја пеев одата на силните.
Причината за тоа беше што и самиот бев силен. Под сила подразбирам добро здравје и цврсти мускули, а и двете нешта лесно можат да се објаснат. Детството го поминав на ранчовите во Калифорнија, момчешките години продавајќи весници по улиците на еден здрав западен град, а младоста на водите богати со озон на заливот Сан Франциско и на Тихиот Океан. Го сакав животот на отворено и работев на отворено, извршувајќи ги најтешките видови физичка работа. Бидејќи не изучив никаков занает, туку талкав од една работа на друга, гледав на светот и сметав дека е добар, во секој негов дел. Да повторам: овој оптимизам произлегуваше од фактот што бев здрав и силен, без болки и слабости, што работодавецот никогаш не ме одбиваше затоа што не изгледав способен за работа и што секогаш можев да најдам работа – да лопатам јаглен, да работам како морнар или да извршувам некаков вид физичка работа.
И токму поради сето тоа, воодушевен од сопствениот млад живот и способен да се докажам и во работата и во борбата, бев бескомпромисен индивидуалист. Тоа беше сосема природно. Бев победник. Затоа играта, онака како што ја гледав или мислев дека ја гледам, ја сметав за сосема соодветна игра за МАЖИ. Да се биде МАЖ значеше да ја испишам таа реч во големи букви во своето срце. Да се впуштам во авантури како маж, да се борам како маж и да работам како маж (дури и за надница што му прилега на момче) – тоа беа нешта што продираа длабоко во мене и ме обземаа како ништо друго. Гледав напред, кон долгите хоризонти на магливата и бескрајна иднина, во која, играјќи ја онаа што ја сметав за ИГРА НА МАЖИТЕ, ќе продолжев да чекорам со непоколебливо здравје, без несреќи и со мускули што секогаш ќе останеа силни. Како што реков, таа иднина беше бескрајна. Можев да се замислам единствено како бесно јуришам низ животот без крај, налик на некој од русокосите ѕверови на Ниче, скитајќи со нескриена страст и освојувајќи благодарение на својата чиста надмоќ и сила.
Што се однесува до несреќниците, болните и изнемоштените, старите и осакатените, морам да признаам дека речиси воопшто не размислував за нив, освен што нејасно чувствував дека и тие, доколку ги заобиколат несреќите, би можеле да бидат исто толку добри колку и јас, само ако навистина се потрудат, и дека би можеле да работат исто толку добро. Несреќи? Па, тие ја претставуваа СУДБИНАТА, исто така испишана со големи букви, а од СУДБИНАТА не можеше да се избега. Наполеон доживеал несреќа кај Ватерло, но тоа не ја намали мојата желба да станам уште еден, подоцнежен Наполеон. Освен тоа, оптимизмот што го поттикнуваа желудник способен да свари и старо железо и тело што напредуваше дури и во сурови услови не ми дозволуваше ни оддалеку да помислам дека несреќите би можеле да имаат каква било врска со мојата величествена личност.
Се надевам дека јасно покажав колку бев горд што сум еден од благородниците на природата со силни раце. За мене, достоинството на трудот беше највпечатливото нешто на светот. Без да ги имам прочитано Карлајл или Киплинг, создадов сопствено евангелие на трудот, во чија сенка нивните изгледаа безначајно. Работата беше сè. Таа беше осветување и спасение. Гордоста што ја чувствував по добро завршениот напорен работен ден за вас би била речиси незамислива. Речиси е незамислива дури и за мене кога денес се навраќам на тоа време. Бев верен наемeн роб каков што капиталистот само може да посака да експлоатира. Да се извлекувам од работата или да се преправам дека сум неспособен пред човекот што ми ја исплаќаше надницата беше грев, најнапред против самиот себе, а потоа и против него. Тоа го сметав за злосторство, веднаш по предавството, и речиси исто толку тешко.
Накратко, мојот радосен индивидуализам беше под целосна власт на ортодоксната буржоаска етика. Ги читав буржоаските весници, ги слушав буржоаските проповедници и им аплаудирав на звучните баналности на буржоаските политичари. И не се сомневам дека, доколку други настани не го променија текот на мојот живот, ќе станев професионален штрајкбрејкер (еден од американските херои на претседателот Елиот), а главата и способноста за заработка неповратно ќе ми беа здробени од палката во рацете на некој борбен синдикалист.
Токму во тоа време, враќајќи се од седуммесечно патување како обичен морнар и штотуку наполнувајќи осумнаесет години, ми падна на ум да тргнам на скитнички патувања. Патувајќи на товарни возови и без билет, со сопствени сили се пробивав од отворениот Запад, каде што мажите се натпреваруваа во големи подвизи, а работата го бараше работникот, кон пренатрупаните работнички центри на Истокот, каде што луѓето беа безначајни, а работникот ја бараше работата со сите сили. И токму во оваа нова авантура на еден русокос ѕвер, се најдов себеси како гледам на животот од сосема нов и поинаков агол. Од пролетаријатот бев паднал во она што социолозите сакаат да го нарекуваат „потопена десеттина“, а она што ме запрепасти беше сознанието на кој начин се пополнуваа нејзините редови.
Таму сретнав најразлични луѓе, од кои многумина некогаш биле исто толку способни како мене и исто толку налик на русокоси ѕверови: морнари, војници, работници – сите искривени, изобличени и деформирани од трудот, суровите услови и несреќите, а потоа оставени на милост и немилост на судбината од своите господари, како стари и непотребни коњи. Заедно со нив се качував на товарните возови и ги отворавав задните порти на вагоните, или се тресевме од студ во товарните вагони и градските паркови, додека ги слушав животните приказни што започнале под исто толку поволни околности како моите, со желудници и тела еднакви, па дури и подобри од моите, а завршиле пред мои очи, во масакрот на дното на Општествената бездна.
И додека ги слушав, мојот ум почна да работи. Жената од улицата и човекот од канализацијата ми станаа многу блиски. Сликата на Општествената бездна ја гледав толку јасно, како да беше нешто опипливо. На самото дно ги гледав нив, а себеси над нив, не многу далеку, како со сета сила и пот се држам за лизгавиот ѕид. И признавам дека ме обзеде ужас. Што ќе се случеше кога ќе ме напуштеше силата? Кога повеќе немаше да бидам способен да работам рамо до рамо со силните луѓе што сè уште не беа ни родени? Токму тогаш и таму дадов голема заклетва. Таа гласеше отприлика вака: „Целиот свој живот сум работел напорно со сопственото тело и, сразмерно со бројот на деновите што сум ги поминал во работа, токму толку сум поблиску до дното на Безданот. Ќе се искачам од Безданот, но нема да го направам тоа со помош на мускулите на своето тело. Повеќе нема да работам тешка физичка работа, а Бог нека ме удри мртов ако некогаш повторно одработам уште еден ден тешка физичка работа повеќе отколку што апсолутно морам.“ И оттогаш постојано сум зафатен со тоа да избегам од тешката физичка работа.
Патем, додека скитав низ Соединетите Американски Држави и Канада, поминувајќи околу десет илјади милји, случајно се најдов и на Нијагарините Водопади. Таму ме уапси еден полицаец што ловеше луѓе за да наплатува казни, ми беше ускратено правото да се изјаснам за виновен или невиновен, а без никаква постапка бев осуден на триесет дена затвор затоа што немав постојано живеалиште ниту видливи средства за издржување. Ми ставија лисици и ме оковаа со група мажи во слична положба, ме однесоа во внатрешноста на земјата, во Бафало, ме заведоа во казнено-поправниот дом на округот Ири, ми ја истрижаа косата и ми ги избричија мустаќите што штотуку почнуваа да ми растат, ме облекоа во затворска облека на риги, насилно ме вакцинираа преку медицински студент кој вежбаше врз луѓе како нас, ме натераа да марширам во затворски чекор и ме испратија на работа под надзор на чувари вооружени со пушки „Винчестер“ – сето тоа само затоа што се впуштив во авантури на начин својствен за еден русокос ѕвер. За понатамошните подробности сведокот нема што да каже, иако може да навести дека дел од неговиот претерано разгорен национален патриотизам некако се смирил и истекол од длабочините на неговата душа. Во најмала рака, по тоа искуство сфатил дека повеќе му значат мажите, жените и малите деца отколку измислените географски граници.
Но, да се вратам на моето преобраќање. Мислам дека е очигледно оти мојот бескомпромисен индивидуализам беше прилично темелно истиснат од мене, а на негово место исто толку темелно беше всадено нешто друго. Но, исто како што претходно бев индивидуалист без да го знам тоа, сега бев социјалист без да бидам свесен за тоа – и тоа некој вид ненаучен социјалист. Се бев преродил, но не бев преименуван, па трчав наоколу обидувајќи се да откријам какво суштество сум станал. Се вратив во Калифорнија и почнав да ги отворам книгите. Не се сеќавам кои книги ги отворив први. Во секој случај, тоа е неважен детаљ. Јас веќе бев ТОА, што и да беше ТОА, а со помош на книгите открив дека ТОА е социјализам. Оттогаш сум прочитал многу книги, но ниту еден економски аргумент, ниту едно јасно изложување на логиката и неизбежноста на социјализмот не влијаело врз мене толку длабоко и убедливо како што влијаеше врз мене денот кога првпат видов како ѕидовите на Општествената бездна се издигнуваат околу мене и почувствував како се лизгам надолу, сè подлабоко, кон масакрот на самото нејзино дно.
Преведено од: https://www.marxists.org/archive/london/1903/03/socialist.htm