Фото: Wikimedia Commons
Кафка е роден во Прага во 1883 година, како поданик на Австроунгарската Империја. Починал како државјанин на Чехословачка на периферијата на Виена, Австрија, во 1924 година.
Европа во која е роден Кафка радикално ќе се трансформира во текот на следните 50 години. Австроунгарската Империја се распадна на крајот на Првата светска војна – настан што ја прекрои картата на Средна Европа.
Прага на Кафка исчезна зад Железната завеса, каде што неговото творештво беше забрането. Нацистичкиот холокауст ги однесе животите на неговите три сестри и на многу негови пријатели. Иако Кафка не доживеал да го види сето ова, тензиите и колективниот страв што го поттикнаа тоа уништување веќе го имаа обликувано и него и неговото пишување.
Кафка не бил политички писател на начинот на кој, на пример, бил германскиот драмски писател Бертолт Брехт. Тој не бил вклучен во политички активности и никогаш не изнел јасен систем на верувања
Всушност, самата идеја дека Кафка е политички писател – а камоли писател кој нуди радикална критика на општеството и неговите институции – долго време е спорна.
Марксистичките книжевни критичари беа особено длабоко поделени околу Кафка.
Слична дивергенција во марксистичката критика може да се забележи и во однос на другите книжевни модернисти, како Самуел Бекет, Џејмс Џојс и Марсел Пруст. Но, токму околу творештвото на Кафка се кристализираа многу од клучните книжевни дебати за модернизмот и реализмот.
Една од причините за ова е што делото на Кафка дојде до израз во исто време кога сталинистите ја промовираа доктрината на „социјалистичкиот реализам“. Тоа е сфаќањето дека левичарските уметници треба да се придржуваат до натуралистички и позитивни портрети на животот на работничката класа и да се држат настрана од апстракцијата или авангардните стилови.
Кафка, заедно со другите модернисти, беше обвинет за „прекумерен формализам“. Беше обвинет за создавање отуѓена визија на реалноста, во која луѓето од активни учесници во историјата се трансформираат во ладни набљудувачи – а каде што реалноста е сведена на неразбирлив хаос.
Но, други марксисти тврдеа дека делото на Кафка треба да се гледа во поинакво светло. Нивната теза беше дека неговите романи и раскази не се само нерефлектиран израз на дезориентација и очај, туку силно воочена критика на моќта и на отуѓувањето на модерниот капитализам.
Теодор Адорно го опиша пишувањето на Кафка како „реакција на неограничената моќ“. Делото на Кафка ја артикулира модерната човечка состојба, рече тој, каде што луѓето се принудени да ја трпат суровоста на егзистенцијата – егзистенција која не сме способни да ја разбереме, а сепак сме осудени да живееме во неа.
Кај Кафка, едноставни и неемотивни реченици ги раскажуваат најневеројатните, најскандалозните настани како ништо да не е необично. На пример, во „Преобразба“, неговиот најпознат расказ, човек се буди претворен во џиновска бубачка во сопствениот кревет – а приказната се одвива со совршена уверливост.
Процес
„Процес“, веројатно најголемото книжевно остварување на Франц Кафка, нè вовлекува во чудниот, а сепак необично познат свет на неговиот протагонист, Јозеф К.
Ние сме со него кога го апсат, кога оди на првото сослушување, кога го запознава својот адвокат, кога го погубуваат. Кафка го пренесува застрашувачкото чувство на Јозеф К. дека е заробен – пион под контрола на моќниот и мистериозен Суд.
Поголемиот дел од „Процес“ е напишан во 1914 година, за време на првите месеци од Првата светска војна. Кафка никогаш не го завршил романот, сметајќи го за безнадежно „упропастен“. Романот останал необјавен до неговата смрт десет години подоцна.
„Процес“ е приказна за човек кој е уапсен без да направи ништо погрешно, никогаш не е официјално обвинет за кривично дело, но постојано е малтретиран, прогонуван и на крајот погубен како куче. Оттогаш, ова дело стана симбол за судбината на безброј жртви на политичката и правната неправда.
Машина
Друг расказ, „Во казнената колонија“, зборува за патник кој посетува француски затворски логор. Нему му покажуваат машина за погубување која не само што ги убива затворениците, туку на нивните тела го врежува текстот на законот што го прекршиле. Самиот јазик станува историја и политика.
Она што е најјезиво во приказната е реакцијата на патникот кон машината – тој не е згрозен, туку само љубопитен. Во случајот што треба да се заврши, зборовите што треба да се напишат се: „Почитувај ги претпоставените!“.
Затвореникот не зборува француски, а патникот го прашува одговорниот офицер дали затвореникот ја знае својата казна. Офицерот одговара дека не ја знае, но со насмевка додава: „Нема смисла да му се каже. Ќе ја научи на сопственото тело“.
Кога патникот прашува за одбраната на затвореникот, офицерот одговара дека во колонијата обвинувањето за вина е сосема доволно. Паралелите со нашиот свет се очигледни.
Заклучок
Хероите на Кафка трагаат по вистината во свет на отуѓување, ирационалност и неправда. Тие се покоруваат, трпат и се обидуваат да го објаснат необјаснивото.
Но, ако, како што ни кажува Кафка, вистината секогаш завршува онака како што почнува, во необјаснивото, дали воопшто може да постои некаква надеж за подобра иднина? Токму ова чувство на очај и песимизам кај Кафка долго време предизвикуваше нелагодност кај левицата.
Но, можеби погрешно ја разбираме природата на надежта. Во своите писма, Кафка пишува за слушањето на „исплашените гласови одвнатре“, бидејќи токму тие стравови го формираат патот до вистината.
Но, за Кафка стравот „не е само страв“ – тој е „исто така и копнеж по нешто што е повеќе од сите нешта што го предизвикуваат стравот“. Ако делото на Кафка треба да се разбере како политичко, тоа е политика заснована на етика и посветеност кон ближниот.
Преведено од: https://socialistworker.co.uk/in-depth/franz-kafka-writing-of-the-system-s-despair-and-alienation/