Фото: Приватна архива
Од историската и социолошката литература познато е дека едно општество е стабилно кога има стабилна хиерархија, па тогаш владеат мир и хармонија. Кога хиерархијата не е стабилна, заедницата не може да постави долгорочни цели, да го испланира својот развој и се придржува до него. Западните општества нашле историски пат како да основаат стабилни институции, мирно да ја предаваат власта и постават системска визија за иднината со планови, програми и стратегии. Балканските општества пак имале поинаква историска еволуција. Дали знаеме како да владееме без да ги уништуваме клучните институции кои се основа на заедничкото живеење? Дали знаеме како мирно да ја предадеме власта? Дали Балканот знае како да ги остави институциите да работат континуирано и професионално, без принципот „после мене потоп“?
Можеби во иднина ќе научиме, но конкретниот одговор засега е – не. Македонските политички лидери во изминатите децении независност докажаа дека не ја совладале демократската вештина на мирна, институционална и дологорочна демократска транзиција без сериозно да ја потресат државата и нејзините столбови. Наместо прифаќање на апстрактните институции како трајно национално добро, нашите политичари се борат за државата „на живот или смрт“. Тоа создава партизирана банана држава и окупирани институции.
Модерната наука смета дека западните општества се понапредни од останатиот дел од светот затоа што се богати, образовани, индустријализирани и демократизирани. Такви станале затоа што успеале да создадат независни индивидуи кои веруваат во апстрактни институции. Апстрактните институции се создале во долг процес на религиски судири, чуми, научни револуции, урбанизации, пазарен менталитет, војни и постојано ривалство кое води до иновации. Како се создале независни индивидуи? Со урбанизацијата и индустријализацијата луѓето го напуштиле селото и традиционалниот живот каде сите се познавале. Во урбаните центри полни со странци соработката станала возможна само преку доверба во замислени институции. Тоа овозможило општествена мобилност, меритократија, но и индивудализација бидејќи поединецот веќе не зависел од семејството или племето.
Апстрактните институции се збир од правила, концепти, системи и организации кои функционираат независно од конкретни личности, семејни односи или разни авторитети. За разлика од традиционалните (племенски) општества каде опстанокот зависи од тоа кого познавате лично (роднини, пријатели, локални моќници) во модерните општества луѓето веруваат на безлични правила и механизми. Социологот Макс Вебер ова го нарекува рационално-правна власт каде врската со државата е граѓанска и правна (државјанство), а не етничка и крвна. Луѓето не се покоруваат на харизматични поединци, туку на законите и уредбите кои поединците ги претставуваат. Моќта е во функцијата и чинот, а не во човекот што ја извршува. Апстрактните институции се досадна бирократска работа, но од нив зависи животот и достоинството на милиони граѓани. А, познато е дека државата се зачнува со поезија и романтизми, но се гради со бирократија, процедури и досадни формулари.
Дел од овие апстрактни институции се судовите и уставите, државната бирократија (министерства, МВР, даночни управи), банките и парите, но и самите демократски процедури. Во развиените општества законите важат еднакво за сите, граѓанинот верува во концептот за правна држава, а не во каприцот на судијата. Министерствата и општините функционираат според пишани правила и процедури кои остануваат исти, независно дали се менуваат политичари и службеници. Трговијата не се потпира на чесен збор меѓу пријатели, туку на правно обврзувачки договори кои ги штити државата. Изборите се апстрактен механизам каде губитникот мирно ја предава власта затоа што го почитува процесот. Сето ова се замислени механизми кои не постојат објективно во реалноста, што значи треба свесно да се научат. А, свесно ќе се научат преку институционална и бирократска соработка на илјадници индивидуи кои ќе си веруваат едни на други. Нашата историја никогаш не создала услови за појава на такви општествени индивидуи.
Македонија и Балканот во 1991 доаѓаат со полу-феудален и полу-средновековен менталитет, далеку од тоа да бидат спремни за безлична бирократија, демократска рационализација и сурова индивидуализација. Во развиените демократии кога се менува власта претежно се менува само високиот политички ешалон. Најважните институции остануваат недопрени, а тие се јадрото на една држава. Кај нас секоја смена на власта ги понижува институциите, отпушта луѓе и вработува нови, прекинува почнати процеси низ разни тела, образование или здравство, осудувајќи ги на постојан почеток. Резултатот е губење на институционална меморија – секоја влада почнува речиси од нула.
Балканската историја покажува дека не знаеме демократски да ја предадеме власта, без политички кризи, насилство или надворешен притисок. Кризата и конфликтот во 2001, настаните од „Црниот понеделник“ во 2012 во Собрание, политичката криза и упадот во собранието (2015-2017), Милошевиќ во 2000 година, Сали Бериша во 1997 и Вучиќ денес се крунски докази за тоа. Лидерите не прифаќаат пораз затоа што одење во опозиција значи губење на бизниси, можност за кривична одговорност или целосна маргинализација.
Во стабилните држави постои општа и натпартиска визија – без разлика која партија е на власт. Тоа значи да се почитуваат долгорочни планови за инфраструктурен развој, енергетика, образование и национален интерес проектирани за следните 20-50 години. Во Македонија новите влади имаат обичај да го „поништат“ или негираат она што е направено од претходните. Проекти се стопираат, автопати и болници не се довршуваат и образовни реформи се поништуваат. Политиките траат еден или два мандати, при што следната влада ја прогласува претходната за големо зло. Зар не научивме дека животот е непрекинлива низа од раѓање до смрт? Еден обичен жив организам не може да опстане ако ја негира својата вчерашност, камо ли пак државите кои имаат очајна потреба од континуитет и работна меморија. Ниту една демократија не може да успее без државен консензус и тесна соработка на позицијата и опозицијата.
Во 1991 Македонија прави ненадеен премин од социјализам во капитализам, од автократија во демократија. Но, едно е формално да прогласиме независност, да ги запишеме на хартија формите на Западот (Собрание, Устав, Судство), друго е дали сме способни да ја оствариме нивната суштина. Граѓаните и политичарите сѐ уште не веруваат во апстрактни институции. Длабоко во нас веруваме на племето, семејството, лидерот, партијата или кумот. Долгата историја на несигурен живот во последните 250 години не создала индивидуализиран граѓанин, туку племенски човек, а тоа е одлична основа за корупција и непотизам. Длабоко е прашањето е дали македонскиот човек е воопшто свесен дека размислува на корумпиран начин? Повеќето од нашите аномалии ги наследуваме и превземаме несвесно.
Кој е виновен за денешната ситуација? Дали државата се партизира затоа што лидерите сакаат, или пак самите граѓани сакаат партизација, корупција и непрофесионализам? Тоа е исто како да прашаме што е постаро – кокошката или јајцето? Тешко е да се каже кој почнал прв, бидејќи денес и двете страни се еднакво одговорни и зависни една од друга. Бидејќи приватниот сектор на Балканот историски бил слаб или непостоечки, несигурен и контролиран од олигарси, државата станала најдобар работодавач. Лидерите сфатиле дека контрола на вработувањата и тендерите е контрола на гласачкото тело, а граѓанинот сфатил дека одењето во партијата значи одење во осигурителна компанија – ги даваш својот глас и верност во замена за сигурна плата и мирна иднина. Настанува смешна перверзија каде лидерите ги вработуваат своите луѓе за да опстанат, а народот се плаши дека ќе ја изгуби работата или нема да добие субвенција ако не се покорува. Тоа е како паразит кој се јаде сам себе.
На тој начин јавниот интерес и професионализмот колабираат. Апстрактните институции се далечен поим, а општеството губи капацитет да ги оствари своите долгорочни планови. Историски гледано, излезот од овој круг е доста тежок бидејќи бара многу јак приватен сектор кој ќе понуди сигурна и безбедна иднина, но таков приватен сектор зависи од стабилноста на институциите, а тоа е совршен магичен круг.
Стефан Манов, дипломиран наставник по историја.
Ставовите искажани во рубриката „Блог“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на „Работнички Глас“