Фото: Фејсбук/ССМ
Соопштението на Сојузот на синдикатите на Македонија го пренесуваме во целост
Сојузот на синдикатите на Македонија е сериозно загрижен од отворањето на дискусија за зголемување на пензискиот стаж за остварување на правото на старосна пензија, а особено тоа што во јавноста се спомнува некаква можност за пензионирање на 72 години.
И во минатото сме биле сведоци на вакви несериозни предлози и тоа од луѓе кои не се работниците, а на штета на работниците, а напоменуваме дека вакви избрзани мерки преку зголемување на стапката на придонес или продолжување на возраста за пензионирање само и исклучиво во обем потребен за покривање на дефицитот на Пензинскиот фонд и таквите мерки на долг план не вложувале со плод, напротив структурните проблеми останувале нерешени и проблемите се повторувале.
Потребни се сериозни политики и мерки за зголемување на бројот на вработување на младите по пат на реални и одржливи работни места кои ќе бидат резултат на нови домашни или странски инвестиции и зголемување на платите, а со тоа и зголемување на средствата во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и намалување на сиромаштијата ,како и политики и мерки за пристојна работа за сите со почитување на правата од работен однос според меѓународните трудови стандарди со цел да се задржат младите луѓе да работат и живеат во сопствената држава.
Според „Статистичкиот годишник на Република Северна Македонија 2025“ на Државниот завод за статистика, очекуваниот животен век во државата е 76,63 години, па дали тоа е идејата, наместо пензија, работа до крај на животниот век ?
Затоа, потребно е воведување на повеќе услови за пензионирање, како пензионирање со навршени 40 години работен стаж за мажи и 35 години работен стаж за жени, предвремено пензионирање, воведување на бенефициран стаж за градежните работници како и во други дејности каде што работните задачи се одвиваат во особено тешки услови за работа кои штетно се однесуваат на животот и здравјето на работниците, старосна пензија – по возраст или работен стаж – по дејности, предвремена старосна пензија по возраст, неполна старосна пензија по возраст обезбедување на можност за докуп на стаж.
Дополнително се потребни сеопфатни ангажмани за трансформација на непријавената работа во пријавена и целосен ангажман на инспекциските и други државни органи за наплата на социјалните придонеси во целост, а поради непријавената работа Државата годишно губи 250 милиони евра кои остануваат во џебовите на газдите. Само на овој начин социјалните фондови можат и ќе станат реали и одржливи и ќе бидат вистинска заштита и сигурност за работниците и граѓаните во услови на болест, старост, невработеност.
Дотогаш, не може да си играме со здравјето и животот на работниците и граѓаните , не може без нивна воља и потреба да го продолжуваме нивниот работен стаж и да ги изложуваме на опасност нивните животи со продолжување на работниот век и одлагање на заслуженото пензионирање како покритие за лошите политики долг временски период наназад.
Ваквите предлози ги избркаа младите работници, а некој сериозно сака да ги избрка и постарите работици од Македонија!