Фото: Принтскрин/Јутјуб/Сител ТВ
Соопштението на ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД го пренесуваме во целост
Утре, среде работно време во тек на работна недела, на 3 јули во 14 часот во Хотел Александар Палас ќе се одржи долгоочекуваната јавна расправа за обновата на А-интегрираната дозвола за најголемиот индустриски загадувач во Скопје, Цементарница ТИТАН Усје, со која Министерството за животна средина легално дозволува труење на скопјани.
За жал, и оваа (најверојатно про-форма) јавна расправа не поминува без проблеми за што сведочи фактот дека граѓаните и организациите кои поднеле забелешки до Министерството се поканети на расправата со официјална покана од Усје за само еден човек. Истата тенденциозно пристигнува на пријавените како ботовска порака во „spam“ со цел да се оневозможи масовно присуство на расправата иако јавните расправи треба да бидат отворени за јавноста.
Ова однесување е во целосна согласност со повеќегодишната институционална поддршка и заштита што цементарница ТИТАН Усје ја ужива од страна на македонските политички елити, како и меѓудругото:
– Одбивање на ДИЖС да објави резултати од мерењата, месец дена после инспекцијата во ТИТАН
– Јавна заштита од Стопанска комора на РМ
– Одбивање на Општина Кисела вода да ги споделува резултатите во живо од нивната мерна станица пред цементарницата
– Продолжување со непостапувањето по кривичната пријава против ТИТАН поднесена од Град Скопје уште во 2023
– Непостапување од страна на институциите по прифатената иницијатива на ЗХГ во Советот на Град Скопје за дислокација на Усје
ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД нема да се откаже од секаков вид на институционален но и вонинституционален притисок против ТИТАН Усје но и сите индустриски загадувачи во Скопје и ширум Македонија. Ние граѓаните не смееме да бидеме жртва на профитот на странски моќници и корупцијата на домашните политичари.