Фото: Принтскрин/Јутјуб/DRM
Националниот радиодифузен сервис на RTV Словенија соопшти дека нема да ја емитува овогодишната Евровизија и дека телевизиските термини ќе ги замени со специјална програма насловена „Гласови на Палестина“.
Програмата вклучува документарни и играни филмови посветени на Палестина, меѓу кои „Близнаците од Газа“, „Врати ми се“, No Other Land („Ничија земја“), „Гласот на Хинд Раџаб“ и „Учителот“.
Ќе биде емитувана и специјална емисија посветена на актуелната дебата околу Евровизија, во која ќе се обработуваат теми како улогата на политиката во натпреварот, етичките дилеми за радиодифузерите што учествуваат, расправите околу системот на гласање, како и ставовите на поддржувачите и противниците на бојкотот на Евровизија.
RTV Словенија е меѓу петте радиодифузери кои одлучија да не испратат свој претставник на овогодишното издание на натпреварот во Виена, во знак на протест против одлуката на European Broadcasting Union да го дозволи учеството на Израел по геноцидот во Газа.
Меѓу другите земји што ја бојкотираат овогодишната Евровизија се Шпанија, Ирска, Холандија и Исланд.