Фото: Принтскрин
Луиз Инасио Лула да Силва, гласен критичар на американскиот претседател Доналд Трамп, во неделата повторно беше избран за претседател на Бразил, што значи дека најголемата економија во Латинска Америка ќе задржи одредена дистанца во однос на Вашингтон.
По пребројувањето на 100% од гласовите, бразилскиот изборен суд соопшти дека Лула, кој наскоро ќе наполни 81 година, има недостижна предност.
Вечерта помина во хаос на избирачките места ширум Бразил, предизвикан од одлуката во последниот момент гласањето да се продолжи за два часа. Таа одлука на судијата на Врховниот суд противникот на Лула, Флавио Болсонаро, би можел да ја оспори по правен пат.
Триумфот на Лула претставува отстапување од трендот во Латинска Америка, каде сѐ поголем број претседателски кандидати од десниот центар, блиски до Трамп, остваруваат победи – што дополнително го зајакнува влијанието на Соединетите Држави во тој регион. Со победата на Лула, Мексико и Бразил – двете најмногубројни земји во Латинска Америка – сега имаат лидери од левиот центар. Исто така, најголемата економија во Латинска Америка – бразилската, со БДП од 2,6 трилиони долари годишно, останува независна од САД, и покрај притисоците во вид на зголемени царини што ги воведе Трамп.
По објавувањето на резултатите, приврзаниците почнаа да слават пред и во хотелот во Сао Паоло, каде што Лула го следеше пребројувањето на гласовите заедно со првата дама Розанжела да Силва, своите сојузници и пријатели.
Доколку изборните власти го потврдат резултатот, ова ќе биде четврти, но не и последователен претседателски мандат за Лула. Новоосвоениот мандат започнува на 5 јануари 2027 година.
Ова е првпат од завршувањето на воената диктатура во Бразил во 1985 година, кандидат кој во првиот круг од изборите освоил втор најголем број гласови, на крајот да стане претседател. Во првиот круг, Болсонаро освои 47% од гласовите, а Лула 45%, што претставува разлика од 2,2 милиони гласови.
Победата во неделата веројатно ќе биде последна во политичката кариера на тој искусен лидер. Лула ја започна својата политичка кариера во 1970-тите години како синдикален водач. Потоа учествуваше во основањето на Работничката партија, која ја претставуваше трипати како претседателски кандидат, сè додека во 2002 година конечно не победи. Четири години подоцна повторно беше избран, а во 2010 година на тоа место го наследи една од министерките од неговата влада, Дилма Русеф. Таа во 2014 година повторно беше избрана на таа функција.
Русеф во 2016 година беше сменета од должноста (оповикана) поради сметководствени манипулации, во ек на опсежна истрага за корупција во која беше умешан и Лула. Тој се обиде повторно да се кандидира за претседател во 2018 година, но во март истата година беше осуден и испратен во затвор.
Лула беше ослободен од затвор по 580 дена, а Врховниот суд на Бразил ја поништи пресудата против него откако полицијата пронајде пораки што покажаа дека судијата што го осудил бил пристрасен. Набргу стана еден од најголемите критичари на поранешниот претседател Жаир Болсонаро, кого во 2022 година тесно го победи на изборите.
Во 2024 година, по две години на власт, Лула призна дека неговата администрација дотогаш не направила многу за да ја заслужи поддршката на своите гласачи.
По поразот во првиот круг од тие избори, Лула ја реорганизира својата кампања, им се обрати на младите гласачи, изведе милиони Бразилци на улиците во одбрана на демократските вредности и своето наследство, го поттикна стравот од уште еден мандат на Болсонаро и интензивираше неколку владини иницијативи.
Лула исто така го бранеше суверенитетот на Бразил, истакнувајќи дека претседателствувањето на Болсонаро би им овозможило на Соединетите Држави да воспостават контрола над Бразил.