Инфлацијата во ноември 2025 година изнесувала 0,5 проценти во однос на претходниот месец, покажуваат податоците од индексот на трошоците на животот. Месечниот раст е пред сè резултат на поскапувања во неколку клучни категории, кои ја подигнаа општата ценовна динамика во економијата. Индексот на цените на мало, исто така, забележал раст и достигнал ниво од 100,6 поени.
Најголем придонес кон месечната инфлација има зголемувањето на цените во групата транспорт, каде е забележан раст од 1,7 проценти. Поскапувања има и во рекреација и култура (0,9 %), храна и безалкохолни пијалаци (0,7 %), мебел и одржување на домаќинствата (0,5 %), како и во рестораните, хотелите и здравството (0,3 %). Помал раст е регистриран кај алкохолни пијалаци и тутун (0,2 %), како и кај комуникации, облека и обувки и домување, вода, електрика и горива (0,1 %), додека образованието и разновидните услуги останале непроменети.
Годишната инфлација, мерена преку индексот на трошоците на животот, во ноември 2025 година достигнала 4 проценти во однос на истиот месец лани, додека индексот на цените на мало пораснал за 3 проценти. Овие податоци укажуваат на продолжен ценовен притисок во повеќе сектори, иако месечниот раст останува умерен.
Извор: Државен Завод за статистика