Фото: Wikimedia Commons/Visitor7
Соопштението на ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД го пренесуваме во целост
Министерот за транспорт и врски Александар Николовски деновиве помпезно најави дека во име на „економски развој“ Владата подготвувала законски измени на Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење со цел да привлечат големите технолошки компании да „инвестираат“ во Дата центри за ВИ во Македонија.
Притоа министерот, случајно или не, не спомена дека Дата центрите кои се потребни за работа на Вештачката Интелигенција се едни од најразорните „инвестиции“ со катастрофални последици во однос на животната средина и локалното население каде се наоѓаат.
Имено Дата центрите трошат енормни количини електрична енергија при што најновите центри можат да користат енергија колку десетици илјади домаќинства, а најголемите објекти што се градат денес се очекува да трошат и до дваесет пати повеќе, а досегашната пракса со нивното работење покажала дека ова дополнително трошење на електрична енергија не го плаќаат „инвеститорите“ туку се распределува на ЛОКАЛНОТО НАСЕЛЕНИЕ.
Понатаму, покрај огромната потрошувачка на струја, Дата центрите користат и енормни количини вода за ладење на серверите, при што некои големи објекти трошат вода колку еден помал град, придонесуваат и за дополнително загадување на воздухот (нешто во што сме први во Европа по смртни случаи на глава на жител) и испуштаат штетни честички и гасови поврзани со респираторни и срцеви заболувања.
Дополнително, иако Дата центрите при изградбата бараат значителен број работници, по пуштањето во употреба тие вработуваат едвај 30 до 50 луѓе (главно за обезбедување, техничко одржување и систем-администратори) а најголемиот дел од заработката завршува кај странските технолошки компании, додека за државата остануваат трошоците за ресурсите и евтиното отстапување на земјиштето, што претставува типичен пример за економски екстрактивизам.
Нема попогоден модел за големите држави и технолошки гиганти од тоа најштетните и највалканите индустрии да ги префрлаат во сиромашни и периферни држави, како Македонија каде што, евидентно е дека регулативите за заштита на животната средина постојат само формално (а и тие оваа Влада ги забрзано ги намалува), а институциите се слаби и подложни на корупција.
Затоа ДАТА ЦЕНТРИ ВО МАКЕДОНИЈА НЕ СМЕЕ ДА ИМА!