Фото: Приватна архива
Во развиените демократии ширум светот медиумите се нарекуваат „четврта власт“ или кучиња чувари на демократијата. Едно критичко интервју или откриен корупциски скандал може да сруши кариера на државник за еден ден. Медиумите, заедно со правосудството, МВР и академските институции го поседуваат најважниот момент за демократијата – механизмот за само-корекција. Тие се оние кои треба да ја откријат пред граѓаните вистината за работењето на државата преку креирање на јавното мислење, а потоа на избори граѓаните да гласаат за соодветните политички опции. Под претпоставка граѓаните да имаат развиено критичко мислење и осет за вистината и колективниот интерес. Но, што се случува кога се нема такво мислење? Зошто дури и најдобрите идеалисти кај нас се немоќни пред гласачката кутија?
Македонското општество е изградено врз клиентелистички принципи. Во oпштество каде со децении приватниот сектор бил слаб, државата станала најголем работодавач, а партијата биро за вработување. Кај нас гласањето не е демократски избор туку егзистенцијално пазарење: „Јас те гласам, ти ме вработуваш“. Гласачот не го интересира дали министерот е корумпиран и лаже пред камери. Него го интересира вработување во администрација, субвенција, тендер или кариера за него и неговото дете. Во таков пазар критиката е луксуз што просечниот гласач не може да си ја дозволи.
Македонското гласачко тело е поделено во партиски табори кои работат како фудбалски навивачки клубови. Кога некој добар новинар ќе разобличи политичар од партија А, гласачите на таа партија ќе кажат дека новинарот е платен од партија Б. Секоја критика се гледа низ политичка призма. Вистината се релативизира. Поради ова кај гласачот се развива цинизам како одбранбен механизам. Народот знае дека сите политичари лажат и крадат, па кога во медиумите ќе излезе скандал, одговорот е дека нашите барем нешто прават, оние другите само крадат.
Дури и да замислиме медиумите имаат целосна слобода, денешните луѓе живеат во т.н ехо-комори. Поради социјалните мрежи и нивните алгоритми, читаме само содржина која ни го потврдува мислењето. Ако некој е остар поддржувач на една опција, едноставно нема да го гледа интервјуто каде неговиот лидер е разобличен. Дури и да го гледа, нема критички да го прифати. Но, во реалноста медиумите немаат целосна слобода. Тие зависат од бизнис-интересите на нивните сопственици и владините реклами. Тоа се однесува на многу медиуми низ светот. Затоа тие не можат сами да ја чуваат демократијата и имаат потреба од другите институции набројани погоре.
Интересно е прашањето зошто македонскиот народ е ваков? Зошто вака лесно се продава себеси? Кои се историските причини што довеле до оваа состојба? Ова веќе не е политичко прашање туку допира во сржта на националната историја и психологија. Човек не станува таков преку ноќ во 1991 или 2001 година. Ова е процес на долга историска еволуција која го креирала македонскиот трансакциски менталитет, составен од неколку слоеви.
Османлискиот менталитет е нашиот најдлабок слој, силно зацврстен во петвековното турско владеење. Тогаш Македонецот немал држава и правна заштита. Бил третиран како „раја“ и „каурин“ (неверник). За да се опстане во таков систем човек сфаќа дека тој не зависи од законите, туку само од волјата на агата или бегот. Тука е фамозната изрека дека наведната глава не ја сече сабја. Тоа значи да молчиш, поткупуваш, не бараш правда на глас, да угодуваш на тој што е посилен за да те остави жив. Овде е коренот на нашата навика да бараме врски наместо државно-правен систем.
Следни се пропагандите од 19 и 20 век. Втор клучен момент кога кај народот се раѓа мислата дека идентитетот е нешто што се продава за материјална корист. Познато е дека во Македонија на крајот од 19 век почнува борба за душите на христијаните од страна на соседните држави и цркви. Овие пропаганди нуделе бесплатно школување, стипендии, заштита од османското самоволие. Едно исто семејство во рок од една година неколку пати ја менувало „нацијата“ во зависност од тоа која црква давала повеќе пари и сигурност. Народот ја купувал својата живеачка со политичка и национална припадност.
Југословенскиот социјализам додал масло на огнот. Покрај тоа што ја создава модерната македонска држава, тој систем донел и друг несакан ефект врз менталитетот: сфаќањето дека државата ни е родител. Во СФРЈ државата обезбедувала работа, стан, одмор. Граѓанинот единствено морал да биде лојален на партијата, без потреба за критичко мислење и индивидуален ризик. Така се раѓа навиката дека државата треба да ме вработи. Кога се распаѓа СФРЈ народот останува со истата навика, а новите партии ја замениле улогата на Комунистичката партија.
Транзицијата и криминалната приватизација го водат народот кон капитализам на најсуров начин. Фабриките се затвориле, а стотици илјади луѓе останале без леб и работа. Човек пропаѓа морално кога е доведен до ситуација да нема со што да ги прехрани децата и единствено сака да преживее, без да се грижи што е, кој е, каков е. Партиите го претвораат овој страв во сопствено оружје. Тие ја приграбиле администрацијата и државата и го условуваат народот да оди во нивните штабови за да добие мизерно вработување.
Ние не се продаваме затоа што сме лош и расипан народ, туку затоа што секогаш кога сме биле горди и бунтовни низ историјата сме биле казнети, а сме опстанале поради послушноста и флексибилноста. Кога низ вековите биваат протерани или убиени сите искрени борци (револуционери, интелектуалци, идеолози) во земјата остануваат оние кои се снаоѓале како знаеле и умееле, односно биле мајстори во компромис за преживување. Можеби денешниот гласач е производ на таквата историска селекција. Затоа мислиме дека за идеали гинат будали, а кроткоста и партиската книшка носат плата и леб.
Дали младите генерации ќе ја променат оваа реалност? 21 век донесе клучни промени во економијата и технологијата. Многу млади наоѓаат решение во приватен сектор (ИТ, фриленс, приватни фирми). Имаат можност да заработат без да ја молат државата. Тоа отвора простор за слобода на мислење. Отворениот свет и дигиталната социјализација овозможуваат младите да ги надминат цинизмот и малограѓанството, па преку интернет, патувања и филмови да видат како живеат другите општества. Менталната споредба со Западот ни кажува дека државата треба да биде јавен сервис, а не сопственик на нашите животи. Без сиромаштија и завист од државната плата, клиентелизмот го губи тлото под нозе.
Сепак, младите не растат во вакуум, туку во систем што е создаден од нивните родители. Многу од нив наместо да го сменат го прифаќаат како неменлива реалност. Децата уште од мали сведочат како нивните родители даваат мито, бараат врски или партија за било што (оценки, преглед на лекар, вработување). Тоа дете станува послушник и мисли дека системот на вредности е лага, а врските и митото се единствен пат до успехот. Освен тоа, партиските подмладоци не учат идеологија, туку на рана возраст се воспитани за клиентелизам и партиска кариера. За многу млади партиската книшка и денес е најбрзо или единствено решение. И секако негативната селекција преку иселувањето е најстрашниот историски процес што ни се случува. Најдобрите и највредните ги пакуваат куферите и заминуваат низ светот. Не сакаат борба со ветерници како Дон Кихот. Во Македонија остануваат главно оние кои се спремни да го продолжат стариот менталитет.
Историјата ни кажува дека кај нас системот има застрашувачка моќ. Кога едно суштество со децении го изложуваме на неправди и разочарувања, а секој обид за промена завршува со неуспех, тоа на крајот престанува да се бори. Развива апатија и станува внатрешен емигрант. Така се штити од токсичната стварност. Кога гледаме дека нештата не се менуваат, зошто да се троши енергија на протести или активизам? Подобро е да патуваме, заработуваме, се фокусираме на нашиот личен свет. Плус, мора да се потсетиме дека пред 10 години Македонија имаше силни студентски и граѓански движења. Имаше огромен младински идеализам и енергија. Но, по промената на власта сѐ остана исто – корупцијата, партизацијата и непотизмот продолжија, само под „шарена боја“. Оваа ситуација најмногу им одговара на партиските моќници. Колку помалку независни и паметни луѓе излегуваат на избори, толку повеќе тежат гласовите на нивната „партиска војска“. Политичката апатијата и внатрешната емиграција одржуваат статус-кво.
Всушност денес во Македонија се одвива тивка трка со времето: дали младата дигитална и независна генерација ќе стане мнозинство и ќе го урне клиентелизмот, или пак државата ќе се испразни од секаков квалитетен кадар пред тие да добијат шанса? Историјата докажува дека општествата ретко се будат преку убави зборови или дебати. Тие обично се будат кога ќе се случи таков системски колапс – та институциите ќе пропаднат до тој степен што повеќе нема да биде безбедно да се живее ниту во сопствениот изолиран микро-свет.
Стефан Манов, дипломиран наставник по историја.
Ставовите искажани во рубриката „Блог“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на „Работнички Глас“