Фото: Приватна архива
Исидора Секулиќ (српска писателка и членка на САНУ) во една прилика има запишано: „Молчењето е голема работа.. за еден Платон и Проперциј не се знае речиси ништо, но тие живеат.. можеби за 2000 години сѐ ќе биде заборавено. Луѓето ќе се прашуваат дали постоел Рим..“. Таа вели дека вистинските вредности не пропаѓаат, туку остануваат како акумулирани културни наслаги за идните цивилизации, но до нив е тешко да се дојде, потребна е напорна работа и нам баш тоа ни недостига. Додава: „Ние никогаш немавме време мирно да ја изградиме нашата култура. Војни, бегства, талкања, рушење и градење на рушевините – тоа е нашата историја“. Дури и кога сме создавале нешто трајно, тоа сме го правеле со вртоглава брзина која ги уништувала луѓето. Никогаш сме немале повеќе од три генерации интелектуалци – завршува Секулиќ.
Ваквиот исказ на Секулиќ претставува можеби најсуровата вистина за Балканскиот полуостров. Македонија како негов централен дел тоа најдобро го живее и чувствува. Македонскиот народ и државата имаат многу длабок проблем. Проблем кој во последните 35 години не успеале сами да го решат. Сите флоскули кои велеле дека одиме кон подобра иднина и реформи биле само дневна политика и кратка утеха за собирање поени. Република Македонија останува силно прегрната во рецидивите на натрупаните баласти од минатото и проблеми на сегашноста. Овој пат тоа не е толку видливо во надворешноста, колку внатре во нас самите.
Македонија нема историски сенс за градење државна култура и заедница како што имаат развиените демократски земји. Таа има сенс за расправии, корупција, клиентелизам и пазарење со честа и совеста. За тоа придонесуваат сложените историски, географски и економски причини. Не знаеме кое од овие е прво, кое последно, но сигурно е дека ваквите состојби се силно потврдени во првите три децении на 21 век. Оттука, за нас има добра и лоша вест. Добрата вест е тоа дека ништо што е човечко, на човека не му е туѓо. Сосем е нормално на човекот како жив организам да му се случат македонски перипетии низ животот и историјата. Ниту една човечка организација не е неменлива доколку човекот реши да ја смени. Лошата вест е дека многу Македонци го знаеле и знаат ова, а нештата си остануваат исти.
Македонија има одлични поединци, креативни, паметни, членови на врвни странски институции. Но, внатре во себе таа како да нема капацитет да ги собере и акумулира сите свои деца, а ниту им дава „јазик“ за да се разберат како луѓе и покрај тоа што сите зборуваат исто. Нејзината државна, правна и колективна традиција оставила влијанија од разни народи, кралства и империи кои никогаш не пуштиле цврст корен и не создале историски континуитет. Денес постои опасност, фигуративно, секој еден нејзин човек да зборува со „јазикот на различно напластените векови“ кои не се познавале меѓу себе, а живееле како соседи. Комуницираме површно, а суштински не се разбираме. Имаме одлични индивидуи, но ретко кога низ историјата сме имале одлични колективи. А, тие две нешта не се исти.
По распадот на источниот социјалистички блок и СФРЈ, повеќето држави наследнички покажале подобра државна култура и организација во споредба со Македонија. Во земјите наследнички на СССР се случуваат успешни реформи. Во Грузија во 2004 година во еден ден се отпуштени 15.000 сообраќајни полицајци поради корупција. Со месеци земјата немала сообраќајна полиција, по што бил вработен целосно нов кадар со многу поголеми плати и нулта толеранција за корупција. Естонија вовела целосна дигитализација по 1997 година, а денес 99% од јавните услуги се онлајн (вклучително и гласање на избори). Во Македонија со децении се трошат пари на разни софтвери во министерствата кои слабо комуницираат меѓу себе, а се бара фамозен извод „не постар од 6 месеци“. Словачка до 1998 била „црна дупка на Европа“, но потоа со силен граѓански, студентски и медиумски активизам се враќа на европскиот пат.
Чешка прави навремена и ефикасна лустрација (чистење на институциите од тајните служби на бившите тоталитарни режими), а студентите биле клучни контролори на државата. После лустрацијата на сите поранешни соработници на тајните служби им било забрането да вршат јавни функции. Македонија го политизира и овој процес, при што останува полна со државен кадар кој во другите земји одамна е сменет.
САД во 19 век биле длабоко клиентелистичка држава. Постоел т.н Spoils system каде победникот на изборите ги менувал сите вработени во една институција. Пресвртот се случува после 1881, кога претседателот Џејмс Гарфилд бил убиен од разочаран партиски активист кој не го добил ветеното вработување. Под притисокот на јавноста, конгресот го носи Pendelton act во 1883 кој предвидува строги испити за работа во администрација и забранува отпуштање поради политички причини.
Примерот со Сингапур е уште повпечатлив. Премиерот Ли Куан Ју вовел ригорозни казни за секој кој бил осомничен за корупција и злоупотреба на државна должност, дури и за своите најблиски соработници. Наследувајќи го антикорупциското биро (CPIB) формирано од британските колонијалисти во 1952, Куан Ју направил клучна реформа: го тргнал од контрола на полицијата и го ставил целосно под контрола на неговиот кабинет. Нашата македонска судбина е толку иронична, што кај нас и телото кое требаше да биде независно и ги гони корупцијата и криминалот (СЈО) излезе корумпирано. Ли Куан Ју во неговото CPIB поставувал луѓе со висок морален интегритет, под постојана проверка и надзор, додека Катица Јанева беше поставена како резултат на политичко пазарење во Пржино (2015). Кога се промени власта која ја сметавме за диктатурна, СЈО ја изгуби својата примарна цел и стана жртва на сопствените криминални страсти, правејќи ги нештата од кои требаше да нѐ штити. Луѓето кои требаше да ја чистат државата беа производ на истиот клиентелистички менталитет кој ја загади државата во прв план. Катица Јанева е морничав пример за тоа што се случува кога една институција ќе добие апсолутна моќ, но без капацитет и психолошко-морална стабилност за таква моќ. Македонија е полна со „Катици Јаневи“, за жал.
После реформите на Ли Куан Ју, администрацијата на Сингапур станува престиж за најспособните, а не последно прибежиште за оние кои не успеваат во никоја друга сфера од општеството. Гледајќи ја денешната ситуација, речиси е невозможно Македонците да доживеат „општествена еволуција“. Решение ќе донесат радикални реформи и нужности наметнати однадвор. Финансискиот систем се одржува на апарати за дишење наречени странски задолжувања. Што кога светските пазари ќе влезат во глобална криза, а јавниот долг надмине 65-70% од БДП? Освен тоа, невозможно е партиските кадри низ институциите да се превоспитаат. Лекот за дел од нив е дигитализација. Само услуга што ќе се дигитализира ќе ги сопре нивните „шалтерски раце“ налепени со УФО лепак за разни валути.
Залудно е да се чека решение од истите оние кои го направиле проблемот. Веќе е доцна и за промена преку политички избори. Вистинската промена за Македонија ќе се случи кога буџетот веќе нема да може да ги издржи трошоците за партиските војски, а расходите ќе бидат енормни во однос на приходите. Само стравот од банкрот може да ги принуди македонско-албанските политичари да прифатат радикални промени.
Дали за денешната ситуација можеме да ги обвиниме историјата, географијата и менталитетот на Македонија? Дали во 21 век ова е само изговор или реална кочница? Вистината е сложена, некаде на средина, но по 1991 година, историјата и менталитетот престанале да бидат валиден изговор за системскиот колапс. Во 2005 година Македонија станува кандидат за ЕУ. Оттогаш имаме релативна стабилност, милијарди евра странска помош, фондови и советници. За неуспехот да ги дигитализираме институциите, уредиме градовите, колапсот на судството, образованието и здравството не се виновни Гоце Делчев, Осман бег или Јосип Броз – Тито. Виновни сме самите ние. А, ние упорно обвинуваме некој друг.
Човек кој има независна држава повеќе нема луксуз да биде мало дете. Од 1991 добиваме слободна и демократска држава, но тоа значи свест, совест и одговорност, а не кражба, корупција и хаос. Нашето недомаќинско работење само покажува дека ние сѐ уште сме како неодговорни деца кои одбиваат да си ја завршат домашна работа. Македонија е за назад во прво одделение.
Стефан Манов, дипломиран наставник по историја.
Ставовите искажани во рубриката „Блог“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на „Работнички Глас“