Фото: ССМ
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) годинава одбележува 80 години од своето формирање, период во кој синдикалното организирање има значајно место во историјата на македонското работничко движење. Почетоците на организацијата датираат од август 1946 година, кога во Скопје се одржал првиот Конгрес на тогашните Единствени синдикати на работниците и намештениците на Македонија.
Конгресот се одржал од 18 до 21 август 1946 година во Градскиот парк во Скопје, во период на повоена обнова на земјата. Собирот имал значење не само за мобилизацијата на работниците, туку и за понатамошното организациско зацврстување на синдикатите и нивното оспособување за учество во обновата и развојот на државата.
За прв претседател на синдикалната организација во Македонија во 1946 година бил избран Аспарух Корубиноски. Во осумдецениската историја на ССМ на чело на организацијата биле вкупно 20 претседатели. Покрај Корубиноски, функцијата ја извршувале и Страхил Гигов, Боге Кузмановски, Димитрие Алексиески – Пекар, Ацо Ицев, Борко Темелковски – Лилјакот, Благоја Талески, Павле Давков, Џемаил Вејсели, Ванчо Близнаковски, Ѓорѓи Узуновски, Александар Донев, Васил Костојчиновски, Мирослав Георгиевски, Светозар Василевски, Живко Толевски, Ванчо Муратовски, Живко Митревски и Дарко Димовски. Актуелен претседател на ССМ е Слободан Трендафилов, избран на функцијата во јуни 2023 година.
Во децениите што следувале, ССМ се развивал како централна синдикална организација која ги застапувала интересите на голем број работници во Македонија. Синдикалното движење низ годините го насочувало своето дејствување кон подобрување на работничките права, условите за работа, колективното договарање и социјалниот дијалог.
Денес, ССМ се претставува како најстар репрезентативен синдикат и социјален партнер во државата, со активност насочена кон заштита на економските и социјалните интереси на работниците. Организацијата е потписник на Општите колективни договори во јавниот и приватниот сектор, а во својата структура има 19 грански синдикати и близу 70.000 членови.