Фото: Фејсбук
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, остро реагира на изјавата на заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, за можноста недела повторно да стане работен ден. Во објава на Фејсбук, Трендафилов посочува дека ваквиот став не е изненадување, без оглед дали станува збор за личен став на заменик-министерот или за владина политика. Тој оценува дека изјавата се надоврзува на претходните барања за укинување на одредени работнички права.
„Со изјавата „Ако ме прашате мене, зошто да не се врати недела да биде работен ден“, која ја дал Заменик министерот Ристески тој се става во улога на мегафон на газдите со кои очигледно има идентичен став и се надоврзува на барањето за укинување на празниците, па така, покрај газдите, се почесто и функционерите зборуваат за кратење на работничките права.“
Трендафилов го доведува во прашање и познавањето на реалните услови во кои работат вработените од страна на заменик-министерот, прашувајќи дали тој некогаш работел или работи во недела, за да смета дека речиси 90 проценти од работниците кои во моментов го користат овој ден за одмор треба повторно да бидат на работните места. Притоа, потсетува дека и саботата е неработен ден, но дека работодавачите често го прекршуваат ова право, додека надлежните, како што наведува, ги игнорираат секојдневните поплаки на работниците.
„ССМ најостро се спротиставува на ваквите намери за кратење на работничките права, а укажува дека функционерите треба да бидат претпазливи во давањето на изјавите со кои го откриваат своето вистинско лице и наговестуваат дека тие се политичари кои се против работниците.“
Сојузот на синдикатите на Македонија порачува дека нема да дозволи работничките права да бидат предмет на преговори и пазарење со работодавачите. Реакцијата на Трендафилов доаѓа по изјавата на Ристески за можноста за враќање на недела како работен ден, која повторно го отвори прашањето за заштитата на стекнатото право на неделен одмор.