Здружението „Гласен текстилец“ остро реагира на изјавата на заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, со која се најавува можноста недела повторно да биде прогласена за работен ден. Од организацијата оценуваат дека ваквите најави претставуваат директен удар врз веќе стекнатите работнички права и чекор назад кон практики на експлоатација. Потсетуваат дека како иницијатори на законското решение за недела како ден за неделен одмор, се залагале за право кое е резултат на долгогодишна борба, истражувања и притисок од граѓанскиот и синдикалниот сектор.
„Ова право не беше подарено од ниту една влада, туку беше резултат на долгогодишна борба, истражувања, сведоштва на работници и притисок од граѓанскиот и синдикалниот сектор.“
Од „Гласен текстилец“ сметаат дека аргументите оти неработната недела го попречува функционирањето на стопанството се неосновани, бидејќи актуелното законско решение веќе предвидува исклучоци за дејности во кои е неопходен континуитет на работниот процес, како и можност за работа на трговските објекти во туристичките места. Дополнително, организацијата изразува загриженост поради тврдењата дека со неработната недела на работниците им се одзема можноста за дополнителна заработка.
„Токму поради непостоењето веродостојна евиденција на работното време, манипулациите со одработените часови, неплатената прекувремена работа и неисплаќањето на законски предвидените додатоци за работа на празник, Гласен текстилец беше меѓу иницијаторите за воведување на ова законско решение. Од нашата долгогодишна теренска работа и секојдневна комуникација со работниците, сведочиме дека овие прекршувања се масовна појава во приватниот сектор.“
Организацијата го доведува во прашање и тврдењето дека работниците би добивале соодветен надомест за работата во недела, посочувајќи дека во приватниот сектор често не се исплаќаат ниту прекувремените часови, ниту додатоците за работа на државни празници. Според нив, во услови на ниски плати, економска зависност, притисоци од работодавачите и страв од губење на работното место, не може да стане збор за вистински слободен избор дали работникот ќе работи во недела.
„Наместо Министерството за економија и труд да се занимава со укинување на стекнатите работнички права, очекуваме да се занимава со обезбедување достоинствени плати, задолжителна и веродостојна електронска евиденција на работното време, зајакнување на инспекциските механизми и санкционирање на работодавачите кои ги прекршуваат законите.“
Од „Гласен текстилец“ бараат подобрување на условите за работа и зголемување на платите, наместо одземање на единствениот заеднички ден за одмор на работниците и нивните семејства. Нагласуваат дека економскиот развој не смее да се гради врз евтина работна сила и неплатен труд, ниту работничките права да бидат предмет на договори со стопанските комори. Организацијата најавува дека доколку се предложат законски измени со кои недела повторно би станала редовен работен ден, ќе повика на масовни протести, мирна граѓанска непослушност и организиран отпор, во соработка со работниците, синдикатите и граѓанските организации.