Фото: Приватна архива
Поканата на Дејвид Гета за 35 годишнината од раѓање на македонскатa независност звучи убаво, во тоа нема ништо лошо. Сепак, вреди да се прашаме – што прославуваме? За што се веселиме? Дали 8 септември 1991 е гордост, повод за веселба, опредметен вековен идеал, или еден метафоричен историски анахронизам?
Сведоци сме на нефункционалноста на речиси сите државни институции во оваа држава. После 35 години докажана неспособност за функционирање како колектив, итно и радикално мораме да се запрашаме себеси: што направивме? Како дојде до тоа тешка болест да влезе во сите „државни згради“ во Македонија? Дали е виновен притисокот од надвор или сме виновни ние самите? Зошто ни се случува ова?
Во 1991 Македонија не била подготвена за независност. При повлекувањето ЈНА ја носи со себе речиси сета воена опрема. Македонија гради независност со неколку илјада пушки, без авијација, тенкови или противвоздушна одбрана. Во исто време доаѓа до тешка економска криза: губење на југословенскиот пазар, немање сопствена валута, грчко ембарго, подоцна и тотална економска блокада (1994-1995), отсеченост од главни трговски патишта, како и колапс на крупни индустриски капацитети. Дипломатското непризнавање од ЕУ и меѓународната изолација додаваат масло на огнот. Во наредниот период следува премин во нов општествено-економски модел, а токму капиталистичката транзиција става терет на македонскиот човек кој ни Бог не знаел како да го реши. Светла точка бил референдумот од 1991 со кој граѓаните покажале психолошка спремност за независност. Но, имајќи ги предвид безбедносните и воени закани во регионот, вреди да се запрашаме дали оваа спремност е знак на зрелост или страв?
Македонските институции не паднале од небо, тие се конструирани од нас самите (некои од нив, како МНР, ги градиме речиси од нула). Ние веќе 35 години ја уништуваме државата за сметка на партиски и лични интереси. За полесно разбирање клучно е да си одговориме три едноставни прашања: како се случи тоа, кој го направи тоа и зошто ни се случи сѐ што ни се случува?
Како? „Болеста“ во институциите влегува преку дивата транзиција и партизација. Во обид да се олесни и зацврсти животот, партиската книшка и „вујкото владика“ станува најсигурен спас за егзистенција. Наместо пазарот да диктира кој каде ќе работи, партиите станале главниот „работодавач“. Истата негативна селекција за која биле критикувани комунистите и „црвената бружоазија“ останува жива до денешни дни, продолжена токму од најсилните критичари и нивните наследници. Со секоја смена на власта, новите коалиции не ги менувале само министрите, туку речиси сите вработени: од хигиеничарот до директорот. Тоа ги претвора државните службеници од слуги на граѓаните во слуги на партиите. По 2001 и Рамковниот договор, со цел да се постигне правична застапеност на етничките заедници во државните сектори (благородна и уставна цел), се создава т.н „рамковна администрација“ која зема државни пари, а не оди на работа, така што и тој процес доживува брутална партизација.
Кој? Вината за ваквата состојба не може да се префрли на „ксметот“ или „Балканот“, иако можеби и тие имале некаква улога. Од 1991 виновниците имаат јасно име и презиме, поделени низ неколку точки на системот: политичките лидери на големите партии (сите, без исклучок!), партиските извршители во институциите и интелектуалната елита и академската фела. Политичките лидери свесно одбрале дека е полесно да се купуваат гласови преку ветување за државна работа, наместо да се гради силна економија со фер и правичен приватен сектор. Директорите на болниците, школите, судовите, МВР и сите државни управи потпишувале решенија за вработување неписмен кадар (тој кадар е виновен за многу од денешните несреќи). Нивната лична кариера и полтронство им биле поважни од колективниот интерес. И секако „интелектуалците“ одбрале да молчат (независно од која причина – страв или корист?), а оние кои зборувале биле капка во морето. Сепак, за интерес на вистината ред е да се признае дека многу од нив молчеле во замена за пари, моќ и привилегии. А, напредокот на државите бара најстрога и најтесна соработка токму во академско-интелектуалните редови. Тие за тоа добиваат плата од буџетот на граѓаните. Без нивниот механизам за само-корекција, државата и народот можеби не се свесни дека грешат. Заедно со судската власт и медиумите тие се одговорни да ја штитат вистината и правдата дури и од мнозинството.
Зошто е направено сето ова? Зошто не е поинаку? Без да навлегуваме во длабоки анализи, причината е едноставна: послушен јавен сектор е сигурен начин за останување на власт и неказнивост. Во јавниот сектор имаме околу 130.000 вработени. Секој од нив мора да донесе минимум 2-3 гласови на избори за да ја задржи работата, па партијата автоматски добива околу 350-400 илјади гласови, што е половина од гласачкото тело во државата. Доколку институциите (судови, полиција, обвинтелство) се полни со професионалци, први кои ќе завршат во затвор за корупција и криминал се токму оние кои ги донеле нив таму: политичарите кои менаџираат со буџетот. Во денешни дни воопшто не е лесно да се сопре негативната селекција, таа е спас за политичките елити од кривична одговорност. Кога сето ова ќе го комбинираме со немањето осет за држава и заедништво, како и синдромот на „наведната глава“ се добива токму „Северна“ Македонија во 2026 година, спремна да го дочека Дејвид Гета на арената „Тодор Проески“ (ништо лично спрема Дејвид).
Во македонскиот устав постојат правни механизми за заштита и само-корекција на институциите, нешто што е неопходно за функционирање на секоја демократска држава. Но, балканскиот човек е мошне мудар кога станува збор за уставно заобиколување. Токму оние институции кои треба да бидат гласни за сите неправди во една држава се под најсилна политичка контрола. И најчесто владата го користи буџетот како уцена. Доколку некој фати ,,лош пат”, едноставно ќе му бидат скратени финансиите или нема да добие стручно вработување. Речиси иста ситуација како после младотурската револуција: на хартија нештата се одлично запишани, реформите се спремни, но селаните низ Македонија на празните ветувања реагирале со позната реченица: млад или стар, Турчинот си е Турчин (без навреда кон Турците).
Младата македонска генерација е единствената надеж за промена. Во овие времиња таа реагира на два начина, и двата се пасивни: редовно отселување или бегство во приватниот сектор, пропратен со силна апатија. Нормално, секој сака да живее во држава каде судијата суди по закон, професорот е професионалец, а докторот си ја врши чесно работата и не зема мито од секој пациент. Впрочем, пасивниот отпор не е нова појава за изразување бунт низ македонската историја. Во голема мера го има уште во 16/17 век како израз на незадоволство кон тогашната Османлиска Империја. Пасивноста и чувството на гадење кон сѐ што е државно е наша историско-колективна траума, но тоа е сосем друг тема.
Денес сме во фаза каде болеста на институциите го јаде својот домаќин. Политичарите ги имаат сите послушници, но државата се распаѓа бидејќи нема кој да ја сработи вистинската работа, ниту пак да менаџира со кризите. Полека одиме кон состојба системот да не може да ги задоволи ниту потребите на оние кои го создадоа. Државната каса се празни, а јавните услуги се пред колапс. Прашањето за промена не е желба или политичка волја, туку биолошка и математичка потреба. Логичен е заклучокот дека државата би се отворила за вистински професионалци, бидејќи партиските полтрони и „внукот на владиката“ немаат капацитет да го запрат потопот. Но, историскиот осет на Македонија дава повод да се сомневаме и во оваа претпоставка.
Во метафорична смисла, Македонија изгледа како патник од 19 век кој сака да се вози во возот на 21 век, а чека на перонот за 20 век. Од 1991 таа поминува фази што други држави ги поминале пред 150 години, а тоа го прави без историско искуство за градење држава. И да сакаме сите млади да останат тука, светот се глобализира и можеби е доцна, особено за држава како нас. Се фатил сиромавиот на орото, се скинал тапанот. И во отсуство на „вистинско оро“, редно е да уживаме на Дејвид Гета на 8 септември 2026 година.
Стефан Манов, дипломиран наставник по историја.
Ставовите искажани во рубриката „Блог“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на „Работнички Глас“