Фото: Приватна архива
При едно интервју, поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, изјави дека државите градат идентитети, а не идентитетите држави. Тој додаде дека националниот идентитет е социјален конструкт (свесна културна измислица) и ако имаме слаби институции ќе имаме и слаб идентитет, а институциите ќе се подобрат ако влеземе во ЕУ и ги внесеме Бугарите во устав. Ваквата изјава е навистина симпатична, звучи рационално, ја погодува сржта на нашата болка. Независно кој ќе ја каже, тоа е токму она што мнозинството би сакало да се чуе. Но, за што навистина станува збор? Што ни кажува историското искуство за ваквите изјави?
Точно е дека нациите се општествен конструкт, но политичката реалност покажува дека иако се замислени заедници, тие имаат длабоки историски и емотивни никулци. Судирите кои почнуваат во 19-20 век помеѓу националните држави не се толку поради „замислената реалност“ на нациите, колку поради фактот дека судирите постојат низ сета човечка документирана историја. Нациите само ги наследуваат старите човекови кавги, инстинкти и нагони. За албанскиот политички блок евроинтеграцијата е врвен приоритет кој не е оптоварен со историски спорови, па тој носи само економски напредок и безбедност. Но, за голем дел од Македонците ова прашање е доста комплицирано.
Зарем оваа изјава не е еден вид самоизмама? За јакнење на идентитет или свест кај луѓето потребна е долга историска, психолошка и културна еволуција, главно преку градење на професионални институции. Но, тие институции не може да се изградат без економски, културни и политички предуслови. Балканот нема соодветни историски услови и за двете. Дали може со еден политички прагматичен акт да се прескокнат векови кои не успеале да ги изградат нашите институции и менталитетот за нив? Институции кои Западот ги градел со векови преку колонии, империи и војни, општествени еволуции и внатрешно созревање, од „долу кон горе“. Зар институциите кои треба да изградат државна свест ќе зајакнат толку многу во ЕУ, особено кога во нив ќе биде внесен бугарски сентимент? Зар историјата не памети што се случувало во Македонија помеѓу 1870-1918, тие 48 години кога Македонците и Бугарите биле во заедничка институција – Бугарската егзархија?
За државата да биде стабилна, нејзините граѓани мора да постигнат општ договор и споделуваат заедничко чувство за припадност кон истиот. Тој општ договор (независно дали е лојалност кон нација, елита или религија) треба да биде координиран од институциите, тие се „глава на рибата“ која треба да го води телото. Без лојалноста кон нив, човекот не може да функционира како колектив, а без тоа тој е слаб и подложен на сили поголеми од него. Бугарската егзархија создадена во 1870 била институција, исто како што и денешниот устав е институција. Институциите се кршливи и фрагилни затоа што човекот по природа е таков. Дури и во посилни држави од Балканските, институциите застрануваат многу често, па потребно е цело општество да се консолидира преку други институции за да се поправи штетата.
Историски гледано, една од причините зошто Македонците немаат силна нација е токму Бугарската егзархија и Бугарската држава кои постојано сакале да се мешаат во внатрешните работи на Македонија (независно дали преку Македонски или Бугарски Бугари). Периодот на Бугарската егзархија покажува дека институциите не се неутрални тела. Егзархијата низ црквата и училиштата се обидува да создаде бугарска национална свест кај македонското население, надоврзувајќи се на средновековните традиции кои во 19-20 век веќе биле анахронизми. Еден дел од Македонците негодуваат на ваквата постапка, односно од Бугарија сакаат само морална и материјална поддршка. Останатите сакаат Македонија да биде дел од Бугарската држава. Она што не го сакаат сите е Македонија да биде поделена помеѓу соседите.
Модерната македонска нација е описменета во утробата на Егзархијата, но Егзархијата не сака да ја „остави“ да фати посебен национален тек. Таа сака средновековниот, империјален и феудален бугарски идентитет во Македонија да го претвори во модерен бугарски национализам, а дел од Македонците имаат поинаква замисла (политичка и\или eтно-национална сепарација). Така доаѓа до судири брат против брат. Историјата ги памети училишните бунтови во Солунската бугарска гимназија, судирите на македонските ученици и учители со егзархиските чиновници испратени од Софија, дејствијата на Лозарите и просветителите кои барале автономија и посебност, борбата на ТМОРО за вработување нејзини учители во бугарските егзархиски школи, бркање на бугарските учители и владици. Кога Македонците биле ставени во иста институција со официјален бугарски државен наратив, доаѓало до судир кој сакал да го проголта локалниот македонски континуитет. Тоа не е неправда или зла судбина, тоа е едноставно закон на посилниот. Големата риба сака да ја изеде помалата риба.
Ако Македонците со децении морале да водат внатрешна битка во Егзархијата за посебност и слобода, постои ризик внесувањето на Бугари во устав да ја продолжи истата историска ситуација, но сега во рамките на сопствената држава. Ваквиот акт би ги поништил АСНОМ-ските темели, што е слично како да се бара од Албанците да ги поништат рамковните темели од Охрид. Македонците со право се загрижени што ќе стане со нив ако се урне овој темел. На ова задолжително се додава фактот дека Македонија има руинирани институции, не може да се договори како да ги раководи. И независно од сите лекови кои ќе ѝ бидат дадени од надвор, ако нејзиниот „имунитет“ не соработува, тогаш залудни се сите „европски доктори“. Ако сама не ги гони корупцијата и криминалот, ако ние не ги насочуваме силите кон напредок и стабилност, тоа е исто како да купуваме BMW додека куќата ни се руши над глава.
Идентитетот на луѓето од минатото е слоевит, нивната свест не била како нашата. Тие не можеле да ги знаат проблемите на нашата сегашност. Копањето по нивните историски јазли не носи решение, тоа во старт е пропаднат проект. Не можеме да градиме хумана иднина гледајќи во 19 век, ниту ние, ниту Балканот. ЕУ е многу свесна за ова, но нејзината рамнодушност е показател за многу поголеми, глобални политички поместувања. Самата ЕУ, а всушност и сиот свет моментално се во период на транзиција и сложени времиња. Ако светот функционира според принципот на Балканот, ЕУ никогаш немаше да постои во прв план.
Мора да водиме сметка дека Албанците во Македонија (ништо лично) имаат уште 2 други држави кои ги признаваат како Албанци. Македонците ја имаат само Македонија. Точно е дека Србија и Бугарија се јужнословенски држави и блиски до нас, но историското искуство со нив ни дава право за страв. Без Македонско решение на Македонското прашање, можеби македонскиот народ немало никогаш да најде мир и слобода ниту за миг. Не поради романтизми, не поради социјални конструкции, туку поради фактот дека во борбите за Македонија најмногу страдало локалното население. Поради многуте војни, сиромаштии и семејни прогони во 19 и 20 век на македонскиот народ му било дојдено преку глава. И денес ни е дојдено преку глава од сопствената држава, но што ако алтернативата со надворешен инжинеринг е полоша од ова денес? Што ако овие нефунцкионални институции уште толку се закочат со Бугарите во устав? Ние и вака не знаеме чија е Македонија, чија ќе биде тогаш?
Како што велел Петар Поп Арсов, ако не постоела македонската нација ќе било потребно да биде измислена од дипломатијата за доброто на Балканот. Од безбедносен аспект, изникнувањето на независна Македонија и македонска нација значи мир на Балканот, а наместо јаболко на раздорот, таа станува мост кој спојува. И токму така треба да почне да се однесува, како еквидистантна држава, со разбирање и баланс за балканските лудости и апетити. Македонија мора да научи дека грижата за сопствениот народ е грижа за стабилноста на сиот Балкан. Македонецот не сака да се замери со душманот со причина, а токму тој став може да биде првиот услов за силен Балкан. Прашањето што излегува оттука е дали силен Балкан е навистина во интерес на новите геополитички реалности?
Вистината не е дека сме еден народ во две држави. Вистината е дека сме речиси ист народ во 6 или 7 држави – од Јадранот до Црното Море. Ако прагматиката на д-р Османи ја префрлиме на историската логика, односно западната траекторија која ги создава националните држави, тогаш Македонија, Бугарија и Србија треба да бидат една држава без граници, затоа што само таква држава може да ги штити вистинските интереси на јужните Словени. Секако дека сме далеку од тоа, но доколку „падне“ Македонија и македонската нација ризикуваме да се отвори Пандорината кутија на Балканот. Вистина е дека тука се ЕУ и НАТО, но никогаш не смееме да ја потценуваме балканската, а ниту човечката глупост.
Македонија нема проблем со идентитетот. Македонците знаат кои се. Има проблем со државата. Бугарските пасоши се трагична судбина која упорно ни се повторува, принуден идентитет. Оттука, имајќи предвид дека мораме да одиме кон иднината, а со нозете тонеме во минатото, Македонија повторно е исправена пред стариот ќор-сокак: нагоре високо, надолу длабоко. Решение секогаш има, но треба да го бараме прво во нас самите, а не во ЕУ, НАТО или соседните земји и малцинства. Тоа е нашиот општобалкански и општочовечки долг.
Стефан Манов, дипломиран наставник по историја.
Ставовите искажани во рубриката „Блог“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на „Работнички Глас“