499 години по смртта на Николо Макијавели, неговото име во јавниот дискурс се уште има негативно значење и претставува синоним за лукавство во однесувањето на поединецот. „Макијавелист“ е често користен опис или придавка за лице (најчесто политичар) кој е подготвен да ги прекрши сите морални, етички па и законски норми за да ја оствари својата цел, често пропратен со една од најчесто погрешно цитираните изјави на сите времиња, дека „целта ги оправдува средствата“.
Но, доколку го прочитаме неговото најважно дело „Владетелот“, за бргу ќе увидиме дека ситуацијата не е толку црно-бела. Имено, „Владетелот“, иако едноставно напишан и наменет како прирачник за Лоренцо де Медичи (и негов обид да се врати во политичкиот живот во Италија) претставува едно од поважните дела во човековата историја на политичката мисла и претставува првиот модерен пример за политичка филозофија, што му го дава на Макијавели честиот епитет на таткото на модерната политичка мисла и поради влијанието на тезите искажани во делото, кои не се сите морално негативни.
Една од помалку познатите тези на Макијавели во неговото епохално дело е за војската на владетелот, односно дека мудар владетел не може да се потпре на, како што било тогаш чест случај, платеничка војска, една теза која претставува перфектна метафора за „партиските војски“ и пресликана во македонската политичка сцена одлично ја прикажува внатрепартиската ситуација во македонските парламентарни политички партии.
Имено: „Владетелот кој својата држава ја темели врз платеници не ќе биде никогаш силен ниту безбеден, оти тие се разединети, славољубиви, недисциплинирани и нееверни. Храбри се пред пријателите а страшливи пред непријателот, немаат страв од Бога ниту верба бо луѓето, а штом ќе бидат нападнати, веднаш се растураат. Тие во мир ќе те ограбат на ист начин како и непријателот во војна, а вината за сето ова е што не се борат за тебе од наклоност, ниту од некои други причини, туку за еден мал надомест кој не е доволен да ги натера да загинат за тебе. Тие сакаат да бидат твоја војска тогаш кога не водиш војна, но штом ќе избувне војната, бегаат и те напуштаат“ .
Главната причина зошто политичката и општествената состојба во Македонија е таква каква што е, е токму поради тоа што профилот на луѓе кои се дел од партиските војски на зафати-се картел политичките партии во Македонија значајно не се разликува од платеничката војска која ја опишува Макијавели.
Ваквата „модерна платеничка партиска војска“ која во недостаток од „идеолошки партиски војници“ се наоѓаат и се ангажирани од страна на парламентарните картел партии, и потоа на „бојните полиња“ на репрезентативната демократија, односно во локалните совети, Собранието и слично, не ги следат заложбите на страната од која се првично ангажирани и преминуваат на страната која може да им понуди поголеми материјални добра.
Како релативно нов пример за ваков „модерен платен војник“ во Македонија би го навел преминувањето од една кон друга страна на „бојното поле“ на советникот на СДСМ во Карпош, Радослав Трошановски, кој пред неколку месеци ја промени страната и му помогна на ВМРО-ДПМНЕ во круцијален момент овозможувајќи им, мнозинство во Советот за да можат да воспостават свој Претседател и да го контролираат работењето на Советот. Советникот во Град Скопје, Александар Николовски, кој од 2021-2025 беше советник од редовите на Левица, додека овој мандат како советник влезе од листата на ВМРО-ДПМНЕ итн итн, примери има безброј.
И се додека политичките партии се полни со „платеничка војска“ чиј главен интерес за зачленување во таа политичка партија се личните материјални интереси, а не идеологијата (на таа политичка партија) и борбата за колективот да живее во подобро општество, ситуацијата во Македонија нема да се подобри.
Кристијан Димков
Ставовите искажани во рубриката „Блог“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на „Работнички Глас“