Фото: Приватна архива
При едно интервју, српскиот академик и историчар проф-др. Љубодраг Димиќ има кажано дека Слободан Милошевиќ никогаш не го разбрал српското прашање во сета негова сложеност, и кога еднаш навлегол во него без доволно државотворно, животно и професионално искуство, наместо креатор на српската политика и демократија, тој станал жртва на сложеноста на српското прашање. Несомнено, српското прашање е едно од најсложените балкански прашања уште од 1804 година, па тоа е одличен пример за тоа зошто е потребно да се има доволно разбирање за државните, политички, историски, економски и геополитички предизвици кога еден државен функционер доаѓа на позиција, пратеник седнува во собрание, судија добива власт или академик се вработува во научна заедница. Сето ова се многу одговорни позиции од чии одлуки ќе зависи субината на илјадници, а понекогаш и милиони граѓани. Но, гледајќи ја македонската историја од 1991 до 2026, очевидено е дека ваквиот осет отсуствува кај македонските државници и политичари.
Кога зборуваме за Македонија и сета нејзина сложеност од историски, економски и политички аспект – што е она што нашите политичари не го разбираат? Зошто кај нас од 1991 до 2026 се повторува еден интересен социо-политички феномен во кој нашите политичари влегуваат во политика млади и неискусни, тогаш кога најмалку припаѓаат таму, а најчесто се повлекуваат кога ќе бидат биолошки и професионално зрели за неа? Зошто овој парадокс упорно ни се повторува? Како тоа Киро Глигоров (независно дали го сакаме или не) дошол да биде претседател на Македонија на 74 години, а после него имаме министри и премиери чие прво вработување е премиер или министер на држава? Луѓе стануваат редовни професори на факултет со несоодветно CV, или директори на институции без искуство. Зарем овој факт не значи дека ние, на едно колективно-психолошко ниво сме многу млади за да сфатиме што е всушност државата?
Кога зборуваме за историјата, слободно може да кажеме дека речиси сите балкански политичари не ја разбираат со соодветни очи за 21 век, туку ја гледаат како романтична национална приказна, карактеристична за 19 век. Ние не учиме од минатото за да направиме стратегија за иднината, туку на него гледаме со триста емоции, како на еден „народен мит“ кој ни служи за привремен декор пред избори. Македонските политичари никогаш не сфатија целосно дека историјата на Македонија е приказна за една земја која историски е ,,осудена” да преживува како крстосница на империите и периферија на цивилизациите. Македонија е толку „приземјена земја“ што таа многу искрено му ги кажува на човекот нештата кои не сакаме да ги знаеме. Имено, со тоа што Македонија секогаш живеела на граница меѓу империи и цивилизации, исток и запад, меѓу туѓи интереси, таа ни открива и една биолошка реалност: човекот како организам и самиот живее постојана во напнатост, борба, соработка и компромиси, социјално учење и комуникација. Човекот е суштество кое живее на границата меѓу природата и културата, разумот и нагонот, вербата и сомнежот, помеѓу она што е правилно да се прави и она што е лесно да се прави.
Нашата државност е многу млада од АСНОМ па до денес и поради тоа институциите ни се многу кревки, без институционална меморија и осет за демократија. Наместо политичарите да градат силни и независни институции (здравство, синдикати, образование и судство) кои се вистинскиот бедем на една држава, тие го трошат времето во романтизми на историјата и криминализми на сегашноста. Плус, кога ја гледаме конкретно македонската историја, лесно е да западнеме во комплексот на „вечна жртва“, па кон соседите да настапиме или со претерана дефанзивност или со мегаломански популизам. Но, модерната држава не се брани со говори за Гоце и Јане, туку со функционален систем. Народот сака да расте во иднина, а не да тоне во минато.
Друга голема кочница на нашите политичари е нашата економска неспособност. Наместо да се ориентираме кон производство, ние сакаме вечно да просиме. На државата гледаме како на фирма за вработување, плен за распределба меѓу предизборните финансиери, партиските војници и племенските алчни интереси. Поради слаба и неконкурентна економија, ние немаме моќ за широка експанзија. Во големите и силни економии како САД или Германија, владејачките партии можат да ги наградат своите финансиери и поддржувачи преку економски политики кои отвараат глобални пазари. Кај нас во отсуство на економска стратегија единствениот голем колач со пари кој останува е самата држава и државниот буџет (тендери и јавна администрација). Буџетот станува плен бидејќи немаме други извори на богатство. Ние како да не разбираме дека економската независност и напорната работа се основа за политичка независност. Земја која сама се храни, која не увезува храна и струја, чии млади мозоци не бегаат масовно, многу полесно ќе развие суверена политика.
Што прават македонските економисти? Наместо да инвестираат во капитални проекти, енергетика и домашно производство, ние се потпираме на брзи кредити и странска помош. Со тоа се однесуваме како „кираџии“ во сопствената држава, каде чекаме некој од надвор (ЕУ, САД или ММФ) да ни ги реши внатрешните проблеми.
Трет најтрагичен проблем е неразбирањето на геополитичката реалност. Македонија е „проколната“ поради нејзината централна позиција на Балканот, а тоа ја прави монета за кусурење меѓу големите сили или нејзините соседи. Нашите лидери влегуваат во меѓународните преговори без искуство, без црвени линии и долгорчна државна стратегија. Зошто? Затоа што овие нешта треба да се подготват со помош на разни стручни тела низ државата (институти, собранија, комисии, економски тела итн.), но кај нас овие институции се партизирани и корумпирани, полни со непотистички династии. Тие треба да бидат коректор на општеството, но тие се толку осакатени од нашите малограѓански и теснопартиски апетити, што не се способни за тоа. Наместо да бидат столб на државата и опонент на владите, тие се нивна марионета бидејќи од нив зависат за пари. А, зависат бидејќи сме слаба економија и државата ја делиме како плен. И кога ќе потпишеме договор што ја кочи државата се чудиме зошто меѓународната заедница не го одржала зборот. Како да не сфаќаме дека во геополитиката посилниот секогаш го јаде послабиот, особено кога послабиот самиот се сервира на тацна. Или сфаќаме, ама нашата алчност е поголема од нас самите?
Но, една од најлошите последици на немање државен континуитет е тоа што кај нас политичарите влегуваат во политиката премногу млади и неискусни, а кога ќе бидат зрели за неа се повлекуваат од истата. Со секоја промена на власта ние го бришеме претходното државно искуство. Новата гарнитура ги брка од работа дури и искусните административци и дипломати за да стави свои луѓе. Така на позиција доаѓаат луѓе без еден ден работно искуство во реалниот сектор каде треба да работат. Додека сфатат како функционира системот, државниот апарат или меѓународната политика, мандатот им завршува. На Запад политичарите може да се менуваат, но државниот апарат (професори, советници, искусни работници) останува ист со децении. Кај нас промената на секоја влада со своето доаѓање ги оживува духовите на македонската историја, односно нѐ осудува сите на постојан почеток, феномен кој на македонската почва се повторува циклично низ вековите.
Гледано од политички аспект ние сме многу млада држава, односно се наоѓаме во фаза на тинејџерски пубертет. Во психата на просечниот Македонец државата не е нешто што е наше и треба да се чува и чисти, туку туѓо тело кое треба да се ограби додека сѐ уште може. Најверојатно тоа е остаток од вековниот ропски менталитет под различни империи (Отоманска, Бугарска, Српска, Југословенска итн.) каде на државата се гледало како непријател кој само зема даноци и регрутира војници, како ветер на кој соодветно треба да се завртиме за да не нѐ оддува, или како на бејбиситер кој ќе ни ги реши сите животни проблеми, а ние само треба да веднеме глава пред партискиот секретар, војводата или пашата. Во такви услови да се измами државата е најголемо животно постигнување. Но, во 21 век таквите измами значат дека ја сечеме гранката на која самите седиме.
Потребно е време, критичка мисла, образование и неколку генерации да пораснат во независна држава за да се создаде вистинска државотворна свест. Најголемиот луксуз што Македонија никогаш го немала е континуитет. Секој пат кога ќе почнело да се развива некаков културен или цивилизациски слој, Македонија била жртва на некоја „светска ујдурма“. Но, ако ја погледнеме светската историја, ќе видиме дека ујдурмите се константа за сиот човечки род. Разликата е во тоа како заедниците се подготвуваат за нив. Паметните и мудри држави не чекаат мир за да изградат институции, туку градат столбови за да го надминат немирот. Веројатно е дека светот кога-тогаш пак ќе направи некоја ујдурма, но има огромна разлика како ќе ја пречекаме – дали како функционална држава со силна економија или како празна сламка напуштена од најпаметните деца и ограбена од сопствените политичари? Судбината на државата не зависи од тоа дали светот ќе биде праведен, туку од тоа колку ние ќе бидеме умни. Само со мудри одлуки ќе бидеме верни на Илинденците и Партизаните за кои толку милуваме да зборуваме.
Стефан Манов, дипломиран наставник по историја.
Ставовите искажани во рубриката „Блог“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на „Работнички Глас“