Фото: ГенЗХГ
Соопштението на ГенЗХГ го пренесуваме во целост
Деновиве во Собранието на Република Македонија по скратена постапка ги усвои измените во Законот за студентски стандард со што под плаштот на „подобар квалитет на образованието“ се воведуваат измени во финансирањето на сместувањето во студентските домови како и во распределбата на стипендиите кои ги дава државата.
Имено според измените, за домовите од тип 1 (СД. Гоце Делчев како и Стив Наумов и Кузман Јосифовски – Питу догодина, ако фамозното нивно реновирање конечно заврши) студентите ќе плаќаат дури 60% од трошоците за сместување и исхрана и се намалува бројот на социјални стипендии и стипендии за постигнат висок успех во студирањето, а се зголемува бројот на стипендии кои се од „стратешки интерес на државата“
Со овие законски измени дополнително се отежнува пристапот до високото образование на децата од сиромашните семејства и со тоа дополнително се намалува и така ниската општествена мобилност во македонското општество, бидејќи единствено децата од пониските општествени слоеви земаат социјални стипендии и живеат во мизерни студентски домови.
Квалитетот на високото образование (и образованието воопшто) тоне поради прекумерната партизација од страна на сите парламентарни партии, „реновираните“ студентски домови од „тип 1“ вријат од вистински глодари (а не замислени како на Премиерот) и се постојано без топла вода, греење, ужасни хигиенски услови во тоалетите и бубачки во јадењето, но прва и најитна работа според владеачките партии е да се намалат и така малкуте бенефиции децата на „обичните смртници“.
Јавно ги прашуваме пратениците од мнозинството:
Дали знаат колку од студентите се приморани да работат прекаријатски работи на црно и живеат од ден за ден и за кои тие 6.000 денари многу значат?
Дали го прочитале Уставот на Република Македонија каде што таа се декларира како СОЦИЈАЛНА држава и дали знаат што тоа значи?